Завршена е изградбата на новиот претседателски дворец на Ердоган во Анкара – Аксарај. Во споредба со ова здание, „Елисејската палата“ може да се рече дека е во границите на просечноста, или пак дури и скромна. Импресивната зграда има илјада соби, лоцирани на 210 илјади квадратни метри, среде еден природен резерват, кој, по волјата на Реџеп Таип Ердоган, набрзина го загубил својот статус на заштитено подрачје. Многумина се незадоволни од овој факт, а голем број невладини организации веќе се обратија до Судот. Во февруари годинава Административниот суд во Анкара излезе со решение против изградбата на комплексот, но канцеларијата на турскиот премиер (тогаш Реџеп Ердоган) го игнорираше тоа, па изградбата продолжи. „Ниту една институција не се покажа доволно силна за да се спроведе судската одлука“, вели претседателот на Домот на градските планери во Анкара Орхан Саралтун за весникот „Тудејс Заман“.
На прв поглед, новиот дворец на Ердоган не блеска со ништо посебно. Однадвор тој повеќе личи на скромен – фасадите на зградите се едноставни и обрабени со светол камен, од каде доаѓа и името Aksaray (Бела палата). Но, еден друг факт во процесот на изградбата бил многу битен: зградата е дизајнирана и изградена во стил од времето на Селџучката империја. Според Ердоган, селџуците кои се сметаат за претци на денешните Турци, го протераа пред илјада години христијанското византиско население од Анадолија. Овој историски настан, според турскиот претседател фрла мост меѓу минатото и сегашноста и дава нова симболичка важност на неговата нова резиденција. Според историчарите, сепак, тезата на турскиот претседател е целосна бесмислица, бидејќи решавачката битка не се одржала на местото на денешната турска престолнина Анкара, туку на околу илјада километри источно од неа.