Тим истражувачи од два престижни универзитети во САД (Princeton и UCLA) осмислил пасивен механизам за ладење на зградите во текот на летните месеци, но и за греење во текот на зимата. Во трудот објавен во часописот Cell Reports Physical Science, тие истакнуваат дека со ограничување на топлинското зрачење помеѓу зградите и нивната околина на одредени бранови должини, можно е да се остварат значајни енергетски заштеди и да се подобри термалниот комфор на зградите. Имено, со прилагодување на оптичките својства на обвивките на зградите се влијае на топлината во внатрешноста на зградата на нов начн.
За да се објасни овој нов механизам, истражувачите прво ги објаснуваат т.н теснопојасно и широкопојасно зрачење. Имено, топлината од зрачењето оди кон небото во тесниот дел на инфрацрвениот спектар, и тоа се реферира како теснопојасно зрачење. На ниво на тлото, топлината минува преку целиот инфрацрвен спектар, односно станува збор за широкопојасно зрачење. Истражувачите истакнуваат дека со премачкување на ѕидовите и прозорците со материјали кои ја рефлектираат или апсорбираат топлината, може да се намали широкопојасното загревање во лето и загубата на топлина во зима. Тие истакнуваат дека оваа идеја го надминува она што можат да го постигнат традиционалните обвивки на ѕидови и покриви. Откритието е значајно од две причини. Многу вообичаени и ефтини градежни материјали зрачат топлина во теснопојасното подрачје и ја блокираат широкопојасната топлина. Материјалите како поливинил хлоридот, односно полипропиленот кои веќе се користат можат да се прилагодат на оваа цел, односно терморегулацијата на зградите. Втората важна причина е енергетското влијание на зградите, односно заштедите на енергија за ладење и греење.