Без проширување на sидовите на стариот објект, изградена е модерна конструкција која ги комбинира традицијата и модерното на најдобар начин.
Проектот Box House, потпишан од архитектот Тијаго Соуса, е проект за реконструкција што укажува на конфликт меѓу сеќавањето на минатото и импулсите на модерното живеење, додека преку материјализацијата, бојата, формата и положбата, се истражува рамнотежата меѓу постојниот и додадениот објект, пишува Designboom.
Архитектот бил фокусиран на комбинирање на постојната трошна структура со нов, модерен волумен, со цел да предизвика различни чувства кај набљудувачот. Композицијата е замислена како квадрат што се вметнува во постојните sидови, со што се прави еден вид комбинација на ново и старо.
Објектот е развиен како семејна куќа, која преку своите функции е организирана на две нивоа.
На приземјето се сместени заедничките простории, вклучително дневна соба, кујна и трпезарија, а првиот кат има две спални соби и бања.
Во централниот дел на приземјето, покрај скалите, има складиран простор „завиткан“ во дрво, и тој хармонично се вклопува во околината.
Скалилото, направено како скулпторски елемент од бетон и дрво, истовремено ги одделува дневната соба и трпезаријата, но исто така ги поврзува двете нивоа на куќата.
Едната просторија на првиот кат се наоѓа на север, а другата на југ, и доколку се исклучи ориентацијата, тие се целосно идентични, со цел да се почитува континуираната симетрија на планот.
Со цел да се поедностави внатрешноста, архитектот користел природно дрво на sидовите и вратите.
Новата структура целосно ги ограничила рамките на постојната, а дополнителна врска со надворешноста е само еден хоризонтален бетонски елемент, кој истовремено го контролира интензитетот на сончевата светлина.