Насловна / Архитектура / Нова кампања на RIBA – „Изгради подобра Британија“

Нова кампања на RIBA – „Изгради подобра Британија“

riba (2)

„Изгради подобра Британија“ (Build a Better Britain) е името на новата кампања на RIBA. Таа временски е промовирана да се совпадне со претстојните парламентарни избори закажани за 7 мај годинава. Иако до изборите има само неколку недели, неизвесноста е многу голема бидејќи, според досега спроведените анкети, ниту една од партиите нема доволно голема предност за да може да обезбеди мнозинство и да победи на изборите самостојно. Како резултат на ова, помалите партии се позиционираат така што можат да земат евентуално учество како коалициони партнери во новата влада.

Во една ваква жешка предизборна атмосфера, RIBA ги повикува кандидатите на претстојните парламентарни избори да ја поддржат кампањата на Институтот и да се залагаат за изградба на подобри објекти во рамките на нивната изборна единица. За таа цел, на веб страницата на кампањата се вградени алатки кои им овозможуваат на изборните кандидати да ја искажат својата поддршка на определба за изградба на подобра Британија, додека на жителите на земјата едноставно да ги идентифицираат кандидатите во своите изборни единици и по свој избор да ги контактираат и лобираат кандидатите за поддршка на оваа кампања.

На овој начин Кралскиот институт сака сите заедно да придонесат за спроведување на бараните промени. Притоа, кампањата се фокусира на шест клучни апсекти кои се значајни за повеќето изборни единици, а тоа се:

  1. Подобри домови денес;
  2. Добро испланирани места;
  3. Среќни здрави места;
  4. Креативни инспиративни училишта;
  5. Попаметни зелени објекти;
  6. Заедници отпорни на поплави

Определбата на кампањата да се фокусира и на аспектот за „подобри домови денес“ е резултат на континуираната криза во доменот на домувањето во Обединетото Кралство и потребата да се градат станбени единици во кои луѓето сакаат да живеат.

Според Институтот, низ целата земја побарувачката на станбени единици е поголема од понудата, но и за многу станбените единици стануваат економски недостапни. Оттука, се јавува потребата при изградбата на нови станбени единици да се градат такви во кои луѓето не само што ќе сакаат да живат, туку и ќе го збогатат животот на оние што живеат во нив.  Станува збор за сериозен проблем кој треба да го решат сите политички партии во рамките на една генерација.

Сериозноста на проблемот најдобро ја илустрираат статистичките податоци, според кои во текот на наредниот парламент, кој вообичаено трае пет години, треба да се изградат 1,5 милиони станбени единици, или по 300 илјади станбени единици годишно, наспроти фактот што само 140 илјади нови станбени единици се изградени во 2013/2014 година.

Доколку се продолжи со досегашното темпо на изградба, за 10 години ќе бидат потребни уште дополнителни 1,25 милиони станбени единици.  Наспроти ова постојат 634 илјади празни станбени единици во земјата, што значи дека проблемот не е само во градење на повеќе станбени единици, туку како и постојните да се направат подобри и поатрактивни за заинтересираните лица.riba

Континуираното подобрување на станбените единици што се градат, треба да подразбира изградба на доволно големи станбени единици со доволно осветлување, кои ќе бидат не само иновативни туку и ќе бидат соодветни за заедницата чијшто дел тие стануваат. Според Институтот, поддршката за формирање на нови комплекси кои ги задоволовуваат потребите на заедницата и локалните деловни субјекти е областа каде политичарите и заедницата треба  да работат заедно.

Во однос на аспектот за „добро испланирани места“, Институтот нагласува дека урбанистичкото планирање треба да биде и визионерски и вклучителен процес којшто ќе резултира во создавање на места соодветни за живот, работа и одмор. Иако урбанистичкото планирање континуирано се цитира како пречка за развојот, локалните урбанистички служби континуирано се подложени на реформи и на намалени ресурси за извршување на своите задачи.

Затоа за неопходна се смета потребата повторно да се здобие довербата на јавноста и на инвеститорите, што може да се постигне само со долготраен пристап кон развојот, којшто ги става локалните приоритети не само во првиот план туку и во центарот на интерес.

Според спроведените анализи  од 2003 година па до сега, процентот на издадедни урбанистички согласности во однос на поднесените барања е континуирано над 80%, но во јуни 2014 помалку од едно на секои седум органи на локална власт има усвоено урбанистички план кој ги задоволувува барањата за Националната рамка за планска политика (National Planning Policy Framework). Институтот исто така го нагласува помалото вложување во инфраструктура во споредба со другите развиени земји.

Така, се наведува дека во Обединетото Кралство само 1,5 проценти од бруто националниот доход се трошат на инфраструктура во споредба со три проценти во Франција и САД и шест приценти во Јапонија.

Токму затоа Институтот се залага на органите на локалната власт и на градовите и регионите да им се даде автономија која ќе им овозможи да бидат двигатели на понатамошниот развој на својата територија, преку обезбедување на потребаната поддршка во форма на проектантски вештини за локалните власти и локалните заедници, коишто ќе им помогнат јасно да се дефинира која е визијата за нивната територија.

Промовирањето на „среќни здрави места“ е наредниот аспект во кампањата на Институтот, како резултат на фактот што населението во земјата не само што се зголемува, туку и дека општеството старее како резултат на што се јавува потребата за проектирање на објекти и заедници кои го земат предвид влијанието врз здравјето на жителите.

Според спроведените анализи се предвидува дека населението во Обединетото Калство ќе се зголеми за 25 проценти до 80,5 милиони жители во текот на наредните 50 години и дека до 2050 година околу 19 милиони лица ќе бидат постари од 60 години, како резултат на што се налага потребата, објектите и заедниците да го земат предвид влијанието врз здравјето на луѓето, но и побарувачката за јавни услуги којашто неминовно ќе произлезе од ваквите трендови.

Спроведените анализи укажуваат дека трошоците за обзбедување на пензија, социјални и задравствени услуги на повозрасните лица ќе се зголемат за 60 проценти во текот на нарединие 20 години, во којшто период се предвидува дека бројот на лица постари од 60 години ќе се зголеми за 42 проценити.

Истовремено, физичката активност на населението се намалува. Така, само два проценти од населението користат велосипед, како основно превозно средство за своите дневни активности, додека одењето пеш се има намалено за 27 проценти во текот на изминатите 15 години. Притоа, 75 проценти од населението во големите градови, коишто не го задоволуваат препорачаното ниво на физичка активност, сметаат дека тие можат секоја недела да бидат поттикнати да одат повеќе пеш.

Институтот верува дека наредната влада ќе треба да изнајде начини како да се приспособи кон потребата на општество кое старее, но и како да се промовира поздрав начин на живеење. Има потреба да се градат станбени единици соодветни за постарите лица, кои ќе ја промовираат нивната преселба од поголеми во помали станбени единици, но на начин на којшто семејствата ќе останат заедно и заедниците ќе останат интегрирани. Истовремено постои потреба за поздрави опции за сообраќај, коишто ќе се фокусираат на активното патување, како она со велосипед или пеш, како резултат на што е потребно да се размислува интегрално и за здравстените и за урабанистичките одлуки на локално ниво.riba (3)

Потребата од „креативни инспиративни училишта“ е следниот аспект на кампањата на Институтот, како резултат на потребата да се создадат добро обмислени училишни објекти кои ќе ги инспирираат и учениците и наставниците. Истражувањата укажале дека постои сооднос помеѓу квалитетот на училишниот објект и резултатите од образовниот процес, при што се нагласува дека добро обмислените училишни објекти имаат моќ да ги инспирираат учениците и наставниците.

Се разбира, ова не значи дека секој училишен обејкт треба да биде ексклузивен, но налага да се промовира принципот дека добриот дизајн може да биде и економичен. Истражувањата укажуваат дека континуираниот подем на наслението во Британија од 2000 година има создадено потреба за дополнителни 256 илјади училишни места само во Англија до есента 2014 година, од кои 90 проценти се во рамките на основните училишта, а од последниве 37 проценти се во Лондон.

Според Министерството за образование (Department for Education), ваквиот тренд се очекува да продолжи како резултат на што дополнителни 400 илјади места ќе бидат потребни до 2018/2019 година. Дополнително, 29 проценти од локалните власти имаат добиено помалку средства отколку што е потребно за нови училишни места во 2012/2013 година.

При ова се истакнува на исклучително сложената ситуација во Лондон, каде само нешто под 1,1 милион ученици имало во 2011/2012 година, но чиишто број континуирано се зголемува и се очекува да достигне до приближно 1,25 милиони ученици во 2016/2017 година, како резултат на што се очекува да се појави недостиг од околу 118 илјади училишни места во основните и средните училишта во Лондон до 2016/2017 година.

Затоа Институтот истакнува дека земјата се соочува со огромен недостиг на училишни места, но истовремено и голем број од училиштата во земјата се соочуваат со потреба од итни поправки, како резултат на што треба да се поведе повеќе сметка при изградбата на следната генерација на училишта, да се размислува како училишните објекти ќе ги задоволат потребите на сите свои корисници.

Кампањата на Институтот за „попаметни зелени објекти“ произлегува од енргетската криза со која Обединетото Кралство се соочува, криза која континуирано се зголемува како резултат на многу објекти коишто лошо се одржувани и скапи се за греење. Напоредно со ова, потребата за инвестирање во нови ниско јагленородни извори на енергија во текот на наредните години ќе резултира во континуирано покачување на сметките за електрична енергија.

Спроведените анализи укажуваат дека емисијата на штетни стакленички гасови од објектите придонесува за над една третина од вкупните емисии на вакви гасови во Обединетото Кралство, дека просечната годишна сметка за домаќинство во 2014 година изнесувала 1.345 фунти, дека 10,4 проценти од населението во Обединетото Кралство живее во енергетска сиромаштија, како и дека секоја година во земјата од студ умираат над 20 илјади лица, што е над 23 проценти повеќе отколку во Шведска.

Истовремено, доколку земјата сака да ја постигне националната стапка за намалување на емисијата на јагленород од 80 проценти до 2050 година, скоро секој објект во земјата ќе треба да се реконструира според принципите на ниско енергетски објекти, при што по скоро еден објект ќе треба да се подобри секоја минута и со најсоодветната реконструкција првиот пат.

За Институтот единствено долгорочно решение на проблемот е да се инвестира во станбените и деловните објекти во земјата за тие да станат енергетски поефикасни, но и да им се помогне на домаќинставата и деловните организации поефективно да раководат со своите сметки за електрична енергија. Истовремено, Институтот заклучува дека постоечкиот модел на плаќање, кој е поврзан со штедењето, не се има покажано како соодветен.

riba (2)

Определбата за „заедници отпорни на поплави“ произлегува од фактот што скоро еден на шест објекти во Англија е подложен на ризик од поплави, но и дека инфраструктурата на земјата не е во можност да се справи со поплавите, што е евидентно од недамнешните примери на екстремни временски непогоди.

Истражувањата укажале дека околу 5,2 милиони објекти во Англија се подложни на ризик од поплави и дека околу пет милиони лица живеат во зони подложни на поплави во Англија и Велс, при што вкупната вредност на имотите во зони под ризик од поплави го надминува износот од 200 милијарди фунти, сума која е поголема од сегашниот дефицит во државниот буџет.

Годишните суми на штетите од поплави изнесува 1,6 милијарди фунти, при што од 2000 година осигурителните компании имаат исплатено 4,5 милијарди на домаќинствата и деловните организации погодени од поплави, што е 200 проценти повеќе од исплатената 1,5 милијарда во претходната деценија. Проценките, исто така, укажуваат дека неодамнешние поплави ја чинат економијата на Обединетото Кралство околу 14 милијарди фунти.

Поплавите не се само елементарна непогода која ги погаѓа само оние директно загрозени од неа, туку може да има и разорни последици за домаќинствата и деловните организации што се со стотици километри оддалечени, како резултат на што Институтот се залага за потребата поосмислено да се инвестираат расположливите средства, но и да се води повеќе сметка кога се избира каде да се гради.

За Институтот сите овие аспекти треба да бидат значајни за секој изборен кандидат, но и дека тие ќе укажат дека архитектурата не само што има улога во изнаоѓањето на решенија за некои од овие политички аспекти, но и дека архитектите размислуваат пошироко и можат да ги понудат потребните решенија.

Гледајќи ја листата на идентифицирани аспекти, не може а да не се соочиме со согледувањето дека горенаведените проблеми во голема мерка ја засегаат и Република Македонија, преку што веројатно се укажува на можноста за поактивно вклучување на архитектите во земјата за изнаоѓање на соодветни решенија за предизвиците со кои ќе се соочуваме во поблиската или подалечната иднина.

Испрати коментар

Scroll To Top