Наутилус Конструкт е нова јавна сцена во Скопје, поставена на кејот на Вардар, пред Младинскиот културен центар.
Сцената беше создаден од група на студенти, архитекти, граѓани, занаетчии и уметници во период од три недели, во јули 2015 година во Скопје. Проектот беше реализиран од страна на невладината организација City Creative Network (CCN) Скопје и TEN од Цирих, заедно со најразлични поединци, групи и ентитети.
Ментори на проектот се Дамјан Кокалевски и Берит Саидел од катедрата на професорот Филип Уршпрунг од ETH Zurich, додека ко-ментори се Милан Диневски и Немања Зимоњиќ.
Предвидено е сцената да биде домаќин на театарски претстави, музички настапи и јавни собири од секаков вид – пред сè место за независна култура.
„NAUTILUS KONSTRUKT е интернационален колаборативен и активистички проект кој потсетува на духот на времето по земјотресот во Скопје (1963) – отворен, космополитски и прогресивен град. Сцената претставува целосен контраст на неодамнешното менување на градот со опсежниот владин проект наречен „Скопје 2014“ и е водилка за слободен уметнички израз кој го отелотворува активниот граѓанин“, велат луѓето вклучени во проектот.