На влезот кај новите згради покрај булеварот „Февруарски поход“ во Ново Лисиче, градоначалниците на Град Скопје и на општина Аеродром, Коце Трајановски и Ивица Коневски, денеска свечено ја пуштија во употреба новата инфраструктура.
-Реализацијата на проектот значи полесен пристап и поврзување на новите станбени објекти со булеварот „Февруарски поход“ и оплеменување на просторот, изјави градоначалникот Коневски, објаснувајќи дека потребата од изградба на комплетно нова инфраструктура се појави поради сè поголемиот број нови објекти во овој дел од општината.
Проектот опфати изградба на комунална инфраструктура, поточно околу два километри атмосферска и околу два километри фекална канализација, како и еден и пол километар водоводна мрежа.
Исто така, се асфалтираше улицата паралелна со булеварот „Февруарски поход“ на вкупна површина од околу 20.000 квадратни метри, со тротоари на вкупна површина од околу 5.500 квадратни метри, како и изградба на паркиралишта со околу 1.000 нови-паркинг места.
Од булеварот „Февруарски поход“, пак, се изгради влез кон новата проектирана улица со цел да се поврзат станбените објекти на оваа улица.
Нови линии за јавно осветлување се поставија покрај улиците и меѓу новоизградените станбени згради и тоа со вкупна должина од околу 2 километри со стотина сијалични места.
За целиот проект општина Аеродром издвои околу 120 милиони денари од својот буџет.
– За целосен лик на овој новоуреден простор Градот Скопје ќе подигне ново зеленило на вкупна површина од 13.197 квадратни метри. На оваа површина деновиве се поставува хидрантска мрежа со должина од 780 метри; 117 прскалки; 18 хидранти; 16 шахти и во еден дел систем капка по капка. Работите на терен се очекува да завршат за еден месец. Новоформираниот зелен појас ќе се облагороди и со садници. На терен работат екипите на ЈП „Паркови и зеленило“. Градот Скопје за уредување на зеленилото по должината на булеварот Февруарски поход ќе потроши околу 4,8 милиони денари, изјави градоначалникот Коце Трајановски.