Советот на општина Бутел, на последната седница го усвои урбанистичкиот план „Расадник“ со кој се оформува за нова индустриска зона на територијата на оваа општина.
Инвеститорите имаат можност да инвестираат во изградба на стопански објекти, исклучиво од дејностите на лесната и незагадувачката индустрија, сервиси, магацини и деловни објекти. Реонот се наоѓа над скопската обиколница, во правец од Бутел кон Радишани. На исток, оваа зона се граничи со улицата „Бутелска“, а на запад се протега до реката Серава.
Според урбанистичкиот план, предвидени се 95 градежни парцели, со големина од 600 до 3.500 квадратни метри. Повеќето од нив се со површина од 1. 500 квадратни метри. Дозволената висина на објектите што ќе се градат во оваа индустриска зона е девет метри, или приземје плус еден кат.
Намените на оваа зона се: производство, дистрибуција, сервиси и комерцијални дејности.
Надлежните од општина Бутел објаснуваат дека атрактивната местоположба на индустриската зона „Расадник“, сообраќајната поврзаност, како и можноста за лесен пристап за инфраструктурно поврзување со водовод, канализација и електрична енергија, претставува предуслов за поголем интерес, како за домашните, така и за странските инвеститори.
– Новата индустриска зона „Расадник“, ќе придонесе за намалување на невработеноста, а ќе ги зголеми и приходите во општинската каса. Едноставно кажано, ќе го забрза економскиот и севкупниот развој на општината Бутел – потенцираат општинските власти.