Надворешните единици за греење и ладење ќе треба да се отстранат од фасадите на сите згради и да се инсталираат на начин кој нема да има влијание врз непосредната околина. Во спротивно, следуваат казни кои ќе се движат од 25.000 до 50.000 динари за физички лица и до 100.000 динари за правни лица. Ова е една од новините во Србија предвидени со измените на Законот за планирање и градење кои се во собраниска процедура.
Сопствениците на јавни објекти ќе имаат рок од две години да ги отстранат клима уредите од фасадите. Сопствениците на приватни згради во заштитени подрачја ќе имаат рок од пет години, а сите останати имаат рок од 10 години да ги направат клима уредите невидливи.
Предвидено е единицата на локалната самоуправа да донесе акт со кој ќе се регулира начинот на отстранување на надворешните единици на клима уредите. Доколку овој акт не се донесе во предвидениот рок, предвидена е глоба од 50.000 динари за одговорното лице во единицата на локалната самоуправа.
Главниот градски урбанист, Милош Стојчиќ, за Euronews Srbija вели дека ќе следи дефинирање на конкретни правила што е можно да се применат во Белград, но додава дека надворешните единици на климатизерите може да се преместат на дворна фасада, тераса, т.е. лоѓија и на кров. Стојичиќ вели дека една од можностите е некои од зградите да добијат маски за надворешните единици, но наведува дека и тогаш би требало да се преместат за сите да бидат во иста вертикала. Тој додава дека Градот Белград, како и секоја друга единица на локалната самоуправа, чека да се донесе законот, а потоа, согласно обврските од законот, ќе се донесат одлуки кои попрецизно ќе го опишуваат проблемот. Стојчиќ посочи дека ќе се настојува да се почне од објектите на заштитени културно-историски целини.
Нема сомнеж дека клима уредите го расипуваат изгледот на фасадите и самата архитектура на објектот и затоа нивното отстранување е многу пожелно. Притоа, клима уредите монтирани на уличната фасада често немаат соодветно решен одвод на кондензат, па водата капе по минувачите.