Британските научници работат на создавање нов вид цемент кој би можел да издржи интензивна радијација илјадници години. Тој проект е од извонредна важност за Британија која најави експанзија на својата нуклеарна индустрија, односно планови за изградба на неколку нуклеарни централи.
Се проценува дека во Британија до 2030 година ќе бидат собрани околу 300.000 m3 високорадиоактивен отпад. Моментно овој отпад се чува во надземни складишта покрај реакторот.
Сепак, растечкиот притисок врз животната средина ја присили владата да се обврзе овие материјали да ги смести во големо подземно складиште.
Притоа треба да се осигура отпадот на таа локација за најмалку 100.000 години по кои радиоактивноста ќе се сведе на прифатливо сигурно ниво. Клучно е да се вгради цемент кој може да ја издржи оваа радијација во долга низа години. На овој проект работат на универзитетот во Шефилд.
Благодарение на истражувањата со користење на Diamond Light Source, тимот успеал да создаде нов тип на цемент со кој може да се обезбеди нуклеарен отпад во подземните складишта. Деталите се претставени на годишното собрание на Американското здружение за напредна наука во Вашингтон.