Советот на Општина Илинден донесе нов урбанистички план за населба Илинден, чија што површина на плански опфат изнесува 357,38 хектари, за плански период 2015-2025 година.
Со донесувањето на урбанистичкиот план за Илинден се предвидуваат класи за домување, комерцијални и деловни намени, јавни институции, лесна и незагадувачка индустрија, зеленило и рекреација и инфраструктура.
Со цел да им излезе во пресрет на барањата на своите граѓани, но и на потенцијалните домашни и странски инвеститори, а согласно стратегијата за локален економски развој, Општина Илинден е насочена кон урбанизирање на просторот.
Во изминатиот период донесени се урбанистички планови за Марино и за Кадино, со што вкупно, со новиот урбанистички план за Илинден, досега се урбанизирани 697,27 хектари, што е од огромно значење во имплементирањето на визијата за развојот на Општината во наредните 50 години.
Во функција на локалниот економски развој, со носењето на урбанистичките планови за Илинден, Марино и Кадино се овозможија нови 3.000 неизградени градежни парцели за индивидуално домување во семејни куќи.