Нов саем за проектот „Купи куќа купи стан“ ќе се одржи од 20 до 28 овој месец во Скопје. Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески смета дека ваквиот непосреден начин дава резултат и дека за еден месец се одобрени 50 барања.
„На едно место повторно ќе ги собереме банките преку кои се реализира проектот, градежните компании и Министерството за финансии и ќе им овоможиме на граѓаните во една порелаксирана атмосфера да ги добијат потребните информации, да размислат за поволностите што се нудат, како и за високиот износ на субвенции што се нудат. Секој граѓанин може преку овој проект да добие поддршка од 9.000 до 14.000 евра“, изјави министерот за финансии одговарајќи на новинарско прашање по потпишувањето договор со Општина Карпош во рамки МСИП.
Верува дека на овој начин ќе продолжи добриот тренд што почна со првиот саем што се одржа на крајот на октомври и дека само во ноември се одобрени 50 барања.
„Значи дека со таков директен контакт и со овозможување на едно место да ја најдат целосната информација се постигнува целта, а тоа е граѓаните што размислуваат за решавање на станбеното прашање да се решат да го направат тоа и да можат да ги добијат на едно место“, истакна Ставрески.
Тој нагласи дека една од придобивките на проектот беше и намалувањето на каматните стапки на пазарот, што заедно со други фактори помогна да дојдат до историски најниско ниво за станбените кредити во Република Македонија.
Додаде дека во таа насока и натаму ќе се продолжи со помовирање на проектот за да стане поблизок до граѓаните преку директен маркетинг и директни средби со граѓаните.
Преку проектот досега вкупно се одобрени речиси 400 барања. Може да се купи нов стан или да се гради куќа.