Владината служба за општи и заеднички работи го избра идејното архитектонско решение за изградба на Старата учителска школа во центарот на Скопје, пренесува портлот build.mk. На распишаниот владин конкурс биле поднесени само три авторски трудови, од кои два се откупени. Првиот откуп во висина од 350.000 денари е доделен за изработено решение на авторот Петар Стошиќ, додека вториот откуп од 250.000 денари го добила авторката Калина Герасимова.
Идниот објект од „Скопје 2014“ би требало да има образовна намена, при што во него би се сместиле Факултетот за ликовни уметности при УКИМ и Ликовната академија од штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“.
Учителската школа е некогашна педагошка образовна установа во кругот на денешната општина Центар во Скопје. Oстаток од неа е само порталот како споменик и сведок на минатото. Најголема заслуга за оваа институција која под името Учителска школа е позната од 1898 годиан, имал тогашниот скопски валија Хафиз Мехмед Паша кој многу го ценел образованието. Во поплавата во 1962 г. објектот бил потопен до извесно ниво (обележано со линија и испишан датум), а во 1963-та објектот настрада во катастрофалниот земјотрес.