Архитектонското биро на Заха Хадид неодамна го претстави проектот што се состои од низа испреплетени дрвени згради во Камбоџа, кои како да никнуваат од земјата во вид на малечка шума. Тенките дрвени столбови се прошируваат формирајќи ја фасадата на секоја зграда, а системот од жалузини им овозможува засенчување на погорните нивоа. Во ова здание ќе биде сместен новиот институт „Sleuk Rith“ кој ќе биде сведоштво за геноцидот од седумдесетите години на минатиот век, познат како Камбоџански холокауст. Идејата за изградба на ваква институција потекнува од еден локален активист за човекови права, кој бил жртва на тогашниот режим кога имал 15 години. Институтот ќе биде сместен во парк со површина од 68.000 метри квадратни, а почетокот на изградбата е најавен за следната година.