Откако на првиот повик за јавно приватно партнерство за изградба на Градскиот пазар во Охрид не се пријави ниту една заинтересирана фирма, охридската локална самоуправа вчера преку Елекронскиот систем за јавни набавки објави нов оглас, преку кој се бара инвеститор за изградба на овој капитален објект, пишува OhridNews.com.
Според објавената постапка за воспоставување на јавно приватно парнерство, огласот се однесува за Изградба на административно деловно трговска зграда која вклучува изградба на затворен зелен пазар, чија инвестиција ќе чини над три милиони евра или точно 203.059.346,61 денари.
Критериум за доделување на договор за јавна набавка ќе биде најниската понудена цена, а при изборот на јавниот партнер ќе се користи електронска аукција.
-Јавниот партнер, по спроведената електронска аукција како последна фаза во отворената постапка, договорот му го доделува на приватниот партнер кој понудил најголема квадратура, на вториот спрат од административно деловниот објект за јавниот партнер или побарал најмала квадратурана вториот спрат од административно деловниот објект, пишува во огласот објавен во Елекронскиот систем за јавни набавки.
Понудите за воспоставување на јавно-приватно партнерство ќе може да се доставуваат најдоцна до 10-ти ноември 2014 година до 13 часот, а јавното отворање на истите ќе се одржи во просториите на општина Охрид во истиот термин, кога ќе заврши предвиденито краен рок.
Инаку во постапката за уредување на тендерската документација во рамки на една од седниците на Советот на општина Охрид, која беше одржана во месец јули беа усвоени Предлог одлуките за усвојување на нова Физибилити студија за изградба на затворен зелен пазар и за давање на согласност за започнување на постапка за јавно приватно партнерство.