Нов мост, наменет исклучиво за пешаци, почна да се гради над Вардар кај клиничката болница „Аџибадем Систина“. Мостот, кој ќе ги поврзе двата брега на Вардар, во близина на спортскиот центар „Борис Трајковски“, е целосна донација од компанијата „Орка холдинг“ за градот Скопје, пишува Телеграф.мк.
Донацијата е по повод 25 години постоење на оваа компанија.
„Реализацијата на овој објект ќе придонесе за надополнување на функционалноста на просторот и за негово идентификување и, наедно, непречен проток на населението што гравитира од едната кон другата страна на реката Вардар. Со изградбата на пешачкиот мост во овој дел од текот на Вардар, истовремено, овој простор ќе стане атрактивен за граѓаните“, велат од „Орка холдинг“.
Оттаму нагласуваат дека за името на мостот ќе одлучуваат граѓаните. Ќе биде направен конкурс кој ќе биде објавен на веб-страницата на „Орка“, каде што граѓани ќе можат да испратат свои предлози за името.
Според планираното, мостот ќе биде со модерен и единствен дизајн во Македонија. Ќе има специјални светлосни ефекти по примерот на мостовите во светските метрополи. Светлата ќе бидат поставени во три зони, односно на пешачката патека, во подножјето на мостот и на носечките столбови во височина.
Мостот ќе биде долг 115 метри, а широк 5,5 метри. Ќе биде поставен на два бетонски столбови, изработен ќе биде со челична конструкција, завршно обработена со алуминиумски панели во боја. Проектот предвидува мостот да биде украсен со иноксни сајли, кои ќе се исплетат во мрежа. Пешачката патека, пак, ќе биде изработена со терацо-под.
Идејниот проект за новиот мост преку Вардар е на архитектот Мето Стојчески, проектант на конструкцијата е Симеон Танев, а главниот проект го изработи „Стоун дизајн“. На влезовите на мостот ќе има скулптури од уметникот Владо Костов, а од двете страни на мостот во Вардар предвидени се и фонтани.
Градежните работи ги изведува „Бетон – Штип“, а мостот со целосната изведба чини 700.000 евра. Изградбата, која е во почетна фаза, од компанијата очекуваат да заврши до есен.