Старата зграда на Kлиниката за гинекологија, подигната пред Втората светска војна, заминува во историјата. Заедно со Интерните клиники, кои исто така наскоро ќе бидат урнати, оваа зграда беше една од најстарите во клиничкиот блок, но и во целото Скопје. Има осумдесет години како им служи на граѓаните, пишува Дневник.
Според раскажувањата на пензионирани професори од Гинеколошките клиники, функцијата на старата државна зграда не била отсекогаш за гинекологија и акушерство. Таа е подигната наменски, за очни прегледи, како и за уво, нос и грло. Породилиштето се наоѓало отспротива, на местото на денешна Хирургија, во нејзиниот подрум. Подоцна, одделите биле дислоцирани во Градска болница, а откако била адаптирана зградата што сега се урива, Гинекологија е вратена во Kлиничкиот центар.
Новиот Kлинички комплекс, кој е најавен од Владата, ќе биде поврзан со неколку постојни згради – Хирургија, новата Гинекологија, отворена во 2012 година и со Онкологија. Во новиот објект ќе бидат сместени сите клиники, освен инфективна, детска, стоматологија и максилофацијална хирургија. Останатите објекти, како Радиологија, нема да се уриваат и ќе продолжат да се користат за други намени, на пример, за администрација.
Идејното решение за проектот за новиот клинички блок е на италијанската проектантска куќа „Арен С.Р.Л.“ од Торино. Снабдувањето на клиниките со храна, но и одведувањето на отпадот ќе се одвива по подземна сообраќајница. Проектот ќе чини околу 70 милиони евра.
Во рамките на новиот клинички комплекс ќе се изградат и две катни гаражи со 1.250 места, како решение за постојниот метеж на клиниките.
Интересно е што сообраќајот ќе се одвива само од страните на булеварот Мајка Тереза и улицата кај Инфективна клиника, каде што возилата ќе се паркираат.
Персоналот и посетителите понатаму ќе мора да одат пеш, а во комплексот ќе може да се движат само возила за итна медицинска помош, пожарна служба и таксисти кои превезуваат загрозени пациенти кон ургентниот центар.