Компанијата Renault опреми посебна фабрика која се занимава исклучиво со „средување“ на половни автомобили. Интересно е дека Toyota исто така најави дека ќе започне да се фокусира во оваа област. Францускиот производител на автомобили ја стартуваше својата програма пред една и пол година во Флинс, во северна Франција. Сега Refactory, како што е името на оваа фабрика, и натаму е мал дел од постоечките производни погони во Флинс, но се очекува овој сегмент од бизнисот и натаму да расте. Фабриката може да преработи 45.000 половни автомобили годишно.
Главно станува збор за автомобили стари 3 до 5 години, за кои се грижат стручњаците во четири различни одделенија. Се поправаат мали оштетувања на каросеријата, се врши замена на делови, како и други работи кои ќе се покажат потребни во текот на дефектажата. Поради трошоците, целиот овој процес на реставрација на автомобилот е исплатлив само со половни возила кои се лоцирани блиску до фабриката. Затоа Renault веќе размислува и за други локации, а на врвот на листата за отворање на вакви фабрики се Турција, Шпанија и Португалија.