Туристичката агенцијата „Фибула ер травел“ влезе со големи планови и во Охрид и Струга. Над црковно-манастирскиот комплекс „Света Богородица“ кај Калишта, во близина на Струга ја приведува кон крај ревитализацијата на хотелот „Изгрев“, а во комплексот на спортско-рекреативниот центар „Билјанини извори“ во Охрид гради луксузен хотел, инвестиција вредна повеќе од 50 милиони евра. Како што пишува „Утрински весник“, за изградба на хотелскиот комплекс, агенцијата уште во 2011 година купи две државни парцели речиси на самиот брег на Охридско Езеро, со вкупна површина од 18.000 квадратни метри. Хотелот ќе биде со пет ѕвезди и брендиран со светско име. Се споменуваат преговори со повеќе светски познати хотелски синџири, меѓу кои „Шератон“ и „Кемпински“, но не е исклучено да биде и некој турски бренд. Според условите во тендерот, „Фибула“ треба за три месеци од изградбата да го брендира хотелот. Се најавуваат вкупно 1.500 легла од највисока категорија.
Во изминатите години имаше неколку неуспешни обиди Охрид да добие брендиран луксузен хотелски комплекс. Познавачите велат дека на најпознатиот домашен туристички центар му недостига капацитет на квалитетни соби и легла за задоволување на потребите на елитните гости.