Благодарение на здружените напори од страна на посветените инженери и индустриските лидери, во изминатата деценија поддршката која стои зад електричните возила постојано се зголемува, и се истакнуваат нивните предности и во поглед на ефикасноста и во поглед на одржливоста. Сепак, еден од главните недостатоци кога станува збор за одржливоста на овој тип возила е секако времето потребно за полнење на батериите.
Но, научниците од Универзитетот во Глазгов се на прагот да пронајдат решение и за овој проблем. Тимот од хемичари од оваа институција, развил т.н „течна батерија“ која користи водород или наномолекули способни за складирање на електрична енергија. Резултатот е нов динамичен концепт за складирање на енергија. Новата батерија е наречена „hybrid-electric-hydrogen“, а идејата е да се постигне време на полнење на електричните возила еднакво на времето на полнење на бензин. Во моментот просечното време на полнење на батериите на електричните возила е неколку часа. Истражувањето е публикувано во часописот Nature Chemistry.