Пред еден месец цел свет во директен ТВ пренос со тага следеше како пламен ја голта 96 метри високата кула на париската катедрала Нотр Дам. Само неколку дена подоцна, најпознатиот британски архитекта Норман Фостер предложи „хај-тек” идеја за обнова на ова ремек дело на готската архитектура, изградено пред осум ипол века. Архитектот со титула лорд, кој меѓудругото се прослави и со куполата од челик и стакло на берлинскиот Рајхстаг, обновената катедрала на брегот на Сена ја замислува на сличен начин и во склад со 21. век. Богородичната црква во Париз наместо дрвен би требало да има проѕирен кров, но и нова пирамидална кула со набљудвачница од кристали и челик.
Предлог на Фостер
Фостер во својата архитектонска визија не заговара скрнавење, туку само ја следи идејата на францускиот премиер Едуар Филип, кој два дена по пожарот најави распишување на архитектонски конкурс за изградба на изгорената кула од 1859. година. Филип јавно порача дека новата кула на Нотр Дам треба да биде прилагодена на технологиите и предизвиците на нашата епоха.
Иако повеќе од илјада архитекти, конзерватори и интелектуалци од целиот свет побараа од францускиот претседател да не брза со обновувањето на катедралата, Емануел Макрон не се откажува од даденото ветување, Нотр Дам да ја обнови за пет години.
По тринаесет часа расправа, француските пратеници го одобрија контраверзниот закон за управување со донаторски фондови, кој, доколку на крај на мај го подржи Сенатот, ќе овозможи заобиколување на постоечките прописи, како би се забрзало обновувањето на катедралата.
Законот, покрај додатните даночни олеснувања за донаторите, предвидува и формирање на посебно јавно тело, под непосреден надзор на францускиот претседател, кое ќе биде задолжено да ги надгледува работите, како би се завршиле во предвидениот рок.
„Загрижени сме поради ваков закон, особено кога се има во предвид превентивната археологија. Пред носење на било каква одлука за обновувањето, мораме до детали да бидеме запознаени со секој дел на катедралата“, предупредува Оливије де Шали, експерт за среден век од Сорбона и потпарол на Здружението на експерти во служба на обновувањето на Нотр Дам.
Францускиот министер за култура Франк Ристер се обиде да ги смири експертите и пратениците на опозицијата, велејќи дека во амбицозно временски зададената рамка од пет години, нема да се заобиколуваат урбанистичките прописи и дека ќе се води сметка за барањата на конзерваторите.
По катастрофалниот пожар во француската јавност започна полемика дали Нотр Дам, која е градена два века, треба да се обнови во оригиналната форма. Па така познатиот француски преведувач Беранже Вијено за магазинот „Слејт”, напишал дека остатоците на катедралата не треба да се обновуваат, туку да се сочуваат како споменик на културата, своевиден „мементо мори на 21. век”.
Фостер не е осамен во идејата дека на обновата на Нотр Дам треба да се даде „шарм“ на новиот милениум. Словачкото архитектонско биро „Визумaтелиер“ на париската катедрала би и додале рефлектори кои би фрлале силен сноп светлина кон небото.
предлог на словачкото биро „Визумaтелиер“
Архитектонското биро од Стокхолма „Улф Мејергрен“ има уште „полуда” идеја. Тие предлагаат наместо кров на врвот на катедралата да се изгради базен во форма на крст, опкружен со статуи на 12 апостоли, кои со голема случајност го избегнаа уништувањето од огнот. Поради предвидената реставрација, камените фигури на светителите, демонтирани се непосредно пред пожарот. Или предлогот на францускиот дизајнер Mathieu Lehanneur, моментот на пожарот да се претвори во нова форма на кулата.
Предлогот на францускиот дизајнер Mathieu Lehanneur
Според истражувањата на меѓународната агенција за анализа на податоци „Југова“, 54 посто Французи би сакале готската катедрала да се обнови во изворната форма, додека само 25 посто ја подржуваат идејата да се препушти на имагинацијата на архитектите.
Иако веќе се собрани скоро милијарда евра, според првата проценка, обновувањето на катедралата која е на листата на културно наследство на УНЕСКО, не би требало да чини повеќе од 600 до 700 милиони евра.
Но, додека париската Нотр Дам, барем нема проблеми со финансии, нејзиниот помалку познат двојник во главниот град на Хаити, Порто Пренс, сеуште е во рушевини по разорниот земјотрес од 2010 година.
Новинарот и писателот Ајми Вајленц смета дека би било праведно, Французите дел од парите собрани за Нотр Дам да ги насочат и за реконструкција на истоимената катедрала на Хаити.
„Кога Хаити прогласил независност во 1804. година, Франија побарала да и се плати оштета за изгубените имоти и робови кои ги имала. Во наредните 100 години, Хаити за својата слобода на Французите им платил износ кој денес би изнесувал 21 милијарда долари. Многу француски индустријалци, кои сега издвојуваат милиони за Нотр Дам, своето богадство го засноваат на некогашните плантажи на шеќер, додека Хаити бил нивна колонија. Франција на Хаити му должи многу повеќе од обновување на истоимената катедрала во Порто Пренс“; вели за магазинот „Нејшен” Вајленц.
Нотр Дам во Порто Пренс, Хаити
Извор: Политика