По скандалот со Volkswagen во кој беше откриено дека компанијата мамела за емисијата на јаглерод диоксид на повеќе од 11 милиони дизел возила, се повеќе европски градови воведуваат ограничувања или забрани за дизел возилата. Ова ги става во неповолна положба препродавачите на користени автомобили, пренесува Дојче Веле.
„До неодамна продажбата на дизел возила одеше одлично, а сега од нив не можам да се ослободам поради забраните. Еве, „Рasѕat dizel euro 6″, скоро нов автомобил, не можам да го продадам ни за 7.000 евра пониска цена“, раскажува Ајкаган Хасан, сопственик на продавница за половни автомобили во Германија.
Според податоците на германското здружение на трговци со возила, дизел возило старо три години, со поминати 45.000 километри, губи половина од својата вредност.
Во рацете на германските трговци во моментов се наоѓаат околу 350.000 нови половни автомобили, со вкупна вредност од пет милијарди евра, кои не можат да го најдат својот купувач.
„Сите ми велат носи го автомобилот на Балкан, извези го во балканските земји, има поминато 300.000 километри, а може уште толку“, раскажува еден трговец.
Ова е тоа што го прават германските дилери на автомобили. Во 2018 година, 226.000 користени возила се извезени од Германија на пазарите во Источна и Југоисточна Европа. Ова е двојно повеќе отколку во 2013 година, пред скандалот со Volkswagen, кога беа извезени 142.000.
Германците сè помалку купуваат дизел возила поради забраната, односно ограничувањата на т.н. еколошки зони, кои се воведени последниве неколку години во педесетина германски градови.
На дизел возилата им е забрането влегување во центарот на Штутгарт и Хамбург, а според најавите, забраните ќе бидат уште поригорозни во иднина. Милано и Лондон се движат по истите стапки.