Светски познатиот бренд North Face, одбил да испорача јакни на компанија од нафтениот сектор, која сакала да им ги подари овие јакни на своите работници за Божиќ. Причината за одбивањето лежи во фактот што станува збор за компанија од индустријата на фосилни горива, која не се вклопува во стандардите на North Face за одржлив развој и заштита на животната средина. Имено, тексашката компанија Innovex Downhole Solutions, која нуди сервисни услуги за нафтени и гасни компании, сакала на своите работници да им подари јакни од овој бренд со својот логотип, но нарачката е одбиена.
Од Innovex Downhole Solutions велат дека постапката на брендот е иронична, бидејќи и јакните се изработени од нафтени и гасни производи, а позадината на целиот случај е намерата на North Face да се промовира во јавноста. На овие наводи, од North Face не реагирале, но истакнуваат дека детално ги анализираат сите нарачки, за да се осигураат дека се во согласност со нивните цели и обврски во областа на одржливиот развој и заштитата на животната средина. Во делот во кој објаснува што подразбира како одговорност на компанијата, на својот официјален сајт, North Face ветува дека ќе ја штити животната средина, како и дека ќе го смени својот начин на производство преку подобрување на еколошките перформанси и општествената одговорност во ланецот на снабдување. Во своите промотивни материјали, оваа компанија наведува дека ја забранува продажбата на облека на индустријата за оружје, цигари и индустријата за забава за возрасни, со цел да го заштити идентитетот на брендот.