По речиси една деценија изградба, Музејот на уметност во кинескиот град Датонг, според проектот на Foster + Partners, конечно ги отвори вратите за јавноста.
Скулптурната форма на музејот е формирана преку испреплетување на четири пирамиди, што создава чувство дека зградата излегува од земјата.
Со овој проект, архитектите се обидоа да создадат нова културна дестинација во Кина, каде музејот ќе биде креативно седиште на регионот Датонг.
“Музејот е проектиран како социјално седиште и како „дневна соба“ за Датонг, која ги обединува луѓето, уметноста и уметниците во простор каде што можат да комуницираат. Во срцето на музејот, големата галерија го илустрира овој дух со простран, флексибилен изложбен простор проектиран да прими специјално нарачани дела од големи димензии, но и да организира претстави и други настани“,изјави за DesignBoom Лук Фокс, раководител на студии во Foster + Partners.
Изложбениот простор е закопан во земја, а однадвор е опкружен со зелени површини и плоштади. Дијагонално организираните пешачки патеки ги водат посетителите јасно до влезот, а рампите водат до долниот затрупан простор, кој служи и како амфитеатар за изведби на отворено.
Покрај културната програма на музејот, тимот на Foster + Partners разви зони за едукативни програми, вклучувајќи детска галерија, библиотека, архива и простори за складирање уметност. Има и простори каде што е можно да се организираат предавања и конференции.
Архитектите посветиле посебно внимание на прокетот за просторот за деца, па тој е ориентиран кон југ и исполнет со светлина благодарение на големите прозорци.
Линеарните отвори кои го следат обликот на покривот овозможуваат природна светлина да навлезе внатре. Кровните прозорци се поставени така што има соодветна пенетрација на дневната светлина, што создава оптимална средина за прикажување на уметнички дела со природна светлина и минимална сончева светлина.
Покривот е обложен со природно оксидирани челични плочи кои се обликувани за да помогнат во адекватно испуштање на дождовницата. Кровната конструкција е цврста, а покривот е двојно изолиран во однос на бараните градежни прописи имајќи ги предвид можните промени во иднина.