Museo Nacional del Prado или Музејот Прадо е шпанскиот национален музеј во Мадрид. Музејот е една од главните атракции на Мадрид, како и на цела Шпанија. Се состои од неколку илјади слики на шпански, италијански и француски уметници и многумина се согласуваат дека неговaта колекција заслужува да биде во светскиот врв.
Кога објект од такво значење и углед треба да се реновира или преуреди, јасно е дека таква работа може да се довери само на исклучителни професионалци. Таа чест, да учествува во најновиот проект на реновирање, доделена е на британскиот архитект Норман Фостер, кој ќе соработува со шпанскиот архитект Карлос Рубио.
Проектот е концентриран околу преуредување на објектот Salon de Reinos, а паричната вредност изнесува околу 30 милиони евра. Salon de Reinos неодамна му припадна на музејот „Прадо“ со цел зголемување на изложбениот простор.
Од „Прадо“ порачуваат дека реконструкцијата максимално ќе го следи традиционалниот изглед на самата градба, но ќе се приспособи и на тековните потреби. Ова првенствено се однесува на покривот, кој во себе ќе има вградени соларни ќелии, што секако е карактеристика на модерните објекти. Сепак, естетски ќе биде ненаметливо интегриран, и ќе обезбедува природна енергија на галеријата.