Насловна / Архитектура / Норман Фостер – футурист во просторот и времето (3 дел)

Норман Фостер – футурист во просторот и времето (3 дел)

Проектите на Норман Фостер го надминуваат времето. Тој е еден од најинтересните современи архитекти, иноватор  и револуционер во формирањето на архитектонскиот облик на мегаполисите по целиот свет. Неговите објекти се во разни контексти. Модернизирање и реновирање на историски објекти, урбанизам, производни објекти, објекти од областа на културата, трговски, станбени, деловни, мостови, аеродроми, објекти за иднината на земјата и вон земјата… Тој е генијален.

Во овој текст ќе се осврнам на неговото извонредно дело преку неколку од неговите последни реализирани објекти  и проекти наменети за сè уште непознатата иднина…

ПОЧЕТОК НА 21-ви ВЕК… ПРОЕКТИ НИЗ СВЕТОТ КОИ ЗАВРШУВААТ ВО 2018. ГОДИНА ИЛИ ВО БЛИСКА ИДНИНА

1. 2007 -2018, Norton Museum of art, West Palm Beach, USA

Музејот Нортон, е елегантна неокласична, Арт Деко зграда, проект на американскиот архитект Марион Симс Вајт (Marion Sims Wyeth, 1889-1982), кој бил изграден во 1941 година, за да се смести големата уметничка колекција на слики и скулптури на индустријалецот Нортон и неговата жена Елизабет, кој после пензионирањето се преселил во Западен Палм Брич на Флорида.

1. Nortom Museum of Art, West Palm Beach, USA (2007-2018)

Nortom Museum of Art, West Palm Beach, USA (2007-2018)

Целта на новиот проект на Фостер, била да се трансформира постојниот музеј во културна дестинација од светска класа. Додадени се три нови павилјона со двојна висина, најмодерен аудиториум и простор за настани. Во уредувањето на градините и централниот двор вклучени се локални дрва и цвеќиња, а поранешниот паркинг е трансформиран во тревник со скулптури. Проектот со површина од 16 350 м², исто така вклучува нова музејска продавница и нов ресторан, кои како и новите павилјони можат да работат независно од музејот, во текот на денот и ноќта.

2. 2011-2018, China Resources Land, Shenzhen, China

Се наоѓа во срцето на Шенжен Хаи-Тек, Индустриски парк. Воспоставува ново обележје на оваа истакната локација и нов репер за одржлива архитектура во градот. Дизајнот ги следи принципите на мастер планот за создавање на интегриран нов дел на активното општество на Шенжен со мешано користење, обединувајќи го деловниот простор, хотели, продавници, ресторани и многу други нови градски простори. Воспоставува извонредно работно опкружување кое одговара на урбаниот контекст и  ја поттикнува тимската работа и продуктивноста.

2. China Resources Land, Shenzhen, China ((2011-2018)

 China Resources Land, Shenzhen, China ((2011-2018)

ПОЧЕТОК НА 21-ви ВЕК… ПРОЕКТИ НА ИДНИНАТА…

3. 2012, Lunar Habitation, The Moon

Идејата за вонземска архитектура обично предизвикува научно-фантастични и утописки размислувања за невозможната иднина. Спротивно на овој стереотип, „Фостер+Партнери“, преку 3Д архитектура, предлагаат можен начин на градба надвор од земјата. Работејќи под водство на Европската вселенска агенција, тие се обидуваат да ги надминат некои од проблемите, како што е транспортот на градежни материјали од земјата. Како интегрална компонента за градбата ја предлагаат лунарната почва, позната како реголит. Проектот разработува база за четворица, донесена од земјата како тубуларна структура, од која се добива надуена купола, како мембрана, околу која ќе се постави лунарна почва реголит. Самата структура заштитува од сончевото зрачење и постојаното метеорно бомбардирање на месечината. Дизајнирана е да биде лоцирана во кратерот Шаклет, во близина на јужниот пол на Месечината. Базата ќе добива речиси постојана дневна светлина, што ќе помогне во регулација на температурата.

3a. Lunar Habitation, The Moon (2012)

Lunar Habitation, The Moon (2012)

Фирмата „Фостер+Партнери“, создаде модел од 1,5 тони, кој користи синтетички реголит на земјата, и  помали модели во услови на вакуум, слични на оние кои се наоѓаат на Месечината. Создадоа објект кој може да се мултиплицира или да се прилагоди според конкретни потреби и кој спречува можна катастрофа за создавање на премал или преголем објект.

4. 2006-2014, Spaceport America, New Mexico, USA

Космодромот е прв ваков објект во светот. Со пионерски дизајн, изграден за сè уште непознатата иднина, во која вселенските патувања можат да станат вообичаени. Иако е објект сличен на аеродромот, космодромот е наменет за туристички спектакли и практично решавање на проблемите за вселенските патувања. За разлика од конвенционалниот аеродром кој обично се наоѓа во високо развиени области и бара голема генијалност за просторна ефикасност, космодромот е спектакл за себе и не бара ограничување на дизајнот. Фостер кој е познат по прагматизмот, во своите проекти носи логика и иноваторство за дизајнерските тешкотии и за неиспитаните територии. Нискиот и широк дизајн на космодромот, има за цел да ги привлече посетителите кои имаат среќа да ја посетат оваа структура, за прошетка или лет кон тајните на вселената. Објектот користи локални материјали, кои помогнаа за добивање на LEED-сертификат со платински рејтинг.

4a. Speacport Amerika, New Mexico, USA(2006-2014)

 Speacport Amerika, New Mexico, USA(2006-2014)

5. 2014, SkyCycle, London, United Kingdom

Транспортот и движењето низ големите градови станува сè поголем проблем насекаде во светот. „Фостер+Партнери“ во соработка со Exterior Architecture и Space Syntax го предложи проектот SkyCycle, како едно ново решение на проблемите со транспортот низ Лондон.

5.SkyCycle, London, UK (2014)

SkyCycle, London, UK (2014)

 

SkyCycle е мрежа на велосипедски патеки кои ги следат постојните приградски железнички линии. Со претпоставка дека во следната декада популацијата на градот ќе се зголеми за 12 отсто, нови решенија ќе бидат неопходни. Се предлага повеќе од 217 километри пат, со 200 точки за пристап, кој може да поддржи 12 илјади возења на час, да опфати шест милиони луѓе и да го намали патувањето за околу 29 минути.

Иако е малку веројатно финансирањето на нешто толку сеопфатно и без преседан, во време на намалување на буџетите, да се поттикне велосипедизмот и да се направи побезбеден е глобална потреба, за доброто на возачите, за жителите на градот и за иднината на планетата. Предлогот на Фостер поттикна разговори за решавање на актуелните проблеми предизвикани од климатските промени на Земјата.

ПРОЕКТИ КОИ ГИ СЛАВАТ ПРОСТОРОТ И СВЕТЛИНАТА

6. 2014 – New International Airport Mexico City, Mexico

Проектот е добиен на меѓународен конкурс во соработка на „Фостер+Партнери“, FR-EE и NACO. Треба да биде еден од најголемите аеродроми во светот со револуционерен дизајн и со површина од 743 илјади квадратни метри. Проект создаден со страста на пилот кој ги слави просторот и светлината.

Целиот терминал е затворен во рамките на континуирана лесна мрежа, прифаќајќи ги ѕидовите и покривот во една флуидна форма, поттикнувачка за лет. Проектот предвидува кратки растојанија, неколку промени на нивото, лесно движење на патниците без користење на внатрешни возови или тунели.

6. International Airport Mexico City Mexico (2014- )

International Airport Mexico City Mexico (2014-     )

 

Лесната стаклена и челична конструкција и зголемениот засводен покрив може да се гради брзо, без употреба на скеле. Објектот ќе биде изложба на мексикански иновации, изградени од мексикански изведувачи и инженери.

Аеродромот е планиран на нова локација со три писти и план на експанзија до 2062 година, со евентуални шест писти.

7. 2016-2020, Rowandan Droneport

Дронпорт е пилот-проект кој е лансиран во 2016 година, со седиште во Руанда.

„Фостер+Партнери“, работејќи со технолошката компанија Afrotech, се обидуваат да  развијат, ефикасен медицински доставувачки објект, со кој управуваат беспилотни летала, како прв ваков објект во светот.

Предлог е да се создаде мрежа на беспилотни летала за испорака на медицински материјал и други потреби во тешко достапните области на Африка. Фостер го согледува проблемот на слабо развиената инфраструктура во областите во кои живеат луѓе и бара смели решенија за овој актуелен проблем. Со проектот Дронпорт се предлага да се направи нешто „повеќе со помалку“, за непосреден животен спас во Африка, користејќи ги достигнувањата во технологијата на беспилотните летала (што обично се користи за војна и непријателства).

 

7b. Rowandon Droneport (2016-2020)

Rowandon Droneport (2016-2020)

Со форма на серија сводови, во структура на отворен простор, проектот предвидува медицински центар, простор за електронска трговија како и простор за производство на беспилотни летала. Секој објект ќе поддржува два различни начини на транзит: помал Redline за медицински и итни резерви и поголем Blueline за опрема, електроника и електронска трговија.

Првобитниот план е создавање на три објекта до 2020 година, а во следните фази би можело да се создадат повеќе од 40 Дронпорти низ Руанда, како и проширување во соседните земји, како Конго…

Слично како планот за проширување на архитектурата за живеењето на Месечината Дронпорт е дизајниран да биде бесконечно променлив, според конкретните потреби. Да егзистира во континуирана променлива состојба, завршена и незавршена.

Овој проект на Фондацијата Норман Фостер, е иницијатива создадена да одговори на хуманитарните потреби, но и да поттикне целосно холистичко гледање на архитектурата.

8. 2017 – 2018, Vatican Chapel, Pavilion of the Holy See

Ватикан оваа година за прв пат учествуваше на Венецијанското биенале на архитектура. Се претстави со десет мали капели, проектирани од реномирани архитекти од разни земји, меѓу кои е и Норман Фостер ( Norman Foster,UK; Terunobu Fujimori, Japan; Francesco Cellini, Italy; Andrew Berman, US; Javier Corvalan Espinola, Paraguay; Flores & Prats, Catalonia; Carla Juacaba, Brazil; Smiljan Radic Clarke, Chile; Eduardo Souto de Moura, Portugal; MAP Studio: Francesco Magnani and Traudy Pelzel, Italy; and Sean Godsell, Australia). Задачата беше капелите да бидат уникатни, околу 10 х 7 метри, во кој било материјал и да ја изразуваат темата на ова биенале избрана од нејзините куратори Ивон Фарел и Шели Мекнамара, а тоа е „Слободен простор“ – простор за сите, да се користи како поединецот ќе избере.

8a. 2017-2018, Vatican Chapel, Pavilion of the Holy See (2017-2018). 2 jpg

2017-2018, Vatican Chapel, Pavilion of the Holy See (2017-2018)

Капелите се изградени  на островот Сан Џорџо Маџоре, во шума, меѓу дрва, во близина на вода, органски, како дел, од непосредната околина, од пејзажот.  Капелата проектирана од „Фостер+Партнери“, а изградена од италијанската компанија за мебел Теко, е со структура која ја рефлектира лесната и етерична природа на концепт. Појдовната точка на проектот, се три симболични крста обвиткани со шатор – мембрана. Подоцна проектот еволуирал, крстовите станале дел од структурата, а мембраната се развила во дрвена решетка прицврстена на структурата.  На подот е рамна челична конструкција која е обложена со дрво. Челичната структура е од пренапрегнати челични кабли. Просторот со површина од 128 м² и висина од 6,80 м, затворен е со тенки дрвени решетки од ариш. Околу структурата засадени се корени на јасмин, кои со текот на времето ќе растат врз неа и ќе ги омекнуваат нејзините контури. Нежниот мирис на јасминот ќе го потенцира  чувството на духовна смиреност, на тишина, на медитација…

Норман Фостер е еден од најголемите современи архитекти, иноватор и револуционер во формирањето на архитектонскиот облик. Го подига нивото на архитектурата, и современиот развој на градежништвото, на градовите и регионите. Познат е по истражувањето на нови технолошки форми и идеи. По создавањето на футуристички објекти со висок технолошки дизајн.

Norman-Foster-cover-image-for-Press-Release

 

Освои повеќе од 400 награди и бројни меѓународни и национални конкурси…

Во 1999 година стана лауреат на Притцкеровата награда за архитектура.

Добитник е на златен медал за архитектура на Американскиот институт за архитектура (1994), Кралски златен медал за архитектура (1983) и Златен медал на Француската академија за архитектура (1991)…

Во 1990 година стана витез, во чест на роденденот на Кралицата на Англија, а во 1999 година беше прогласен за лорд (Lord Norman Foster of Thames Bank).

Предавал архитектура низ целиот свет, Англија, Франција…

Во декември 2005 година The Times го прогласи за број еден во современата уметност.

Норман Фостер е генијален, британски и светски архитект кој создаде објекти симболи, икони на шест континенти кои го надминуваат времето.

Испрати коментар

Scroll To Top