Насловна / Архитектура / Норман Фостер – футурист во просторот и времето (2 дел)

Норман Фостер – футурист во просторот и времето (2 дел)

На почетокот на 21-от век, Норман Фостер и неговата фирма „Фостер + Партнери“, како едно од најуспешните архитектонски глобални студија во светот за одржлива архитектура, урбанизам и дизајн, работат интензивно на разновидни објекти низ целиот свет.

Изработуваат архитектонски решенија за проблеми за кои другите фирми само теоретизираат. Постојано предлагаат практични и иновативни решенија, кои го прошируваат и подобруваат човечкото искуство.

Во ова продолжение ќе се осврнам уште на неколку од неговите многу значајни објекти кои се создадени на почетокот на овој век.

– Почеток на 21 век…  Мостови… едни од најголемите инженерски достигнувања на сите времиња…

Обично се смета дека мостовите се во доменот на инженерите, а не на архитектите, но архитектурата на инфраструктурата има силно влијание врз животната средина.

Тесната соработка со градежните инженери илустрира како архитектурата може да игра интегрална улога во дизајнот на мостовите.

Мостовите Вијадуктот Мијо во Јужна Франција и Милениумскиот мост во Лондон, кои „Фостер+Партнери“ ги работеа на почетокот на векот, се пример за успешна структурна форма, со функција, технологија и естетика, која во многу параметри е единствена во светот.

1. 1993- 2004, Millau Viaduct, France 

1. Millau Viaduct, France (1993-2004)

Вијадуктот Мијо е признат како едно од најголемите инженерски достигнувања на сите времиња. Тој е највисок патен мост во светот. Висок е 343 метри, а долг 2,5 километри. Лоциран е во јужниот дел на Франција, на Автопатот А75 кој обезбедува директен  пат од Париз до медитеранскиот брег и до Барселона.

Изработен е во соработка со францускиот градежен инженер Dr. Michel Virlogeux (1946). Неговата конструкција собори неколку светски рекорди. Мостот е деликатен, транспарентен и има оптимален распон меѓу столбовите.

1a. Millau Viaduct, France (1993-2004)

Тој е највисок патен мост во Европа, има највисоки столбови во светот и ја надвишува Ајфеловата кула како највисока градба во Франција. Највисокиот од седумте огромни носечки столбови е висок 343 метри, (23 метри повисок од Ајфелова кула). Секој од неговите делови се протега на 342 метри, а столбовите се со висина од 75 метри и 245 метри, при што се издигаат уште за 87 метри над патот. Конусната форма на столбовите ги изразува нивните структурни оптоварувања и го минимизира нивниот профил во височина. На мостот му дава драматична силуета и создава минимална интервенција во пејзажот.

Бившиот француски претседател Жак Ширак за мостот Мијо изјави:

„Вијадуктот Мијо е прекрасен пример на долгата и голема француска традиција, на храбри уметнички дела, која е започната на крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век со големиот Густав Ајфел“.

2. 1996-2000, Millennium Bridge

Мостот Милениум е резултат на креативната соработка меѓу уметноста, архитектурата и инженерството. Проектот е добиен на меѓународен натпревар во соработка со скулпторот Ентони Каро (Anthony Caro, 1924-2013)  и инженери од Аруп (Arup Group). Структурно мостот ги надминува границите на технологијата. Опфаќа 320 метри и има уникатно тенок профил, кој формира тенок лак над водата.

2. Millennium Bridge, London (1996-2000)

Мостот на Темза беше отворен во 2000 година. Во текот на првиот викенд го поминале сто илјади луѓе. Под овој товар мостот покажал неочекувано поголемо странично движење, поради што беше привремено затворен. Со опсежно истражување откриено е дека ова е предизвикано од синхронизирани пешачки стапки, феномен кој претходно беше малку познат во инженерскиот свет. Решението се покажа како многу успешно и ги смени кодовите за изградба на мостови во целиот свет.

Мостот ја доби наградата RIBA. По тој повод беше кажано дека тој е прекрасен збир на речиси органски компоненти. Извонредно дополнување на оваа историска река и град.

2a. Millennium Bridge, London (1996-2000) .jpg 1

– Почеток на 21-ви век… Објекти симболи… икони на хоризонтите на најголемите градови низ светот…

3. 1998-2002, City Hall, London

3. City Hall, London,UK (1998-2002)

Објектот на Градското собрание е еден од најзначајните симболи на Лондон. Се наоѓа на извонредна локација на Темза, покрај Tower Bridge. Обезбедува 12 илјади квадратни метри, на девет нивоа, во кои се сместени градоначалникот и службите на Градското собрание.

3a. City Hall, London,UK (1998-2002)

Објектот е дизајниран така што нема конвенционални фасади (предна, задна…). Неговата форма е изведена од геометриски модифицирана сфера, со компјутерско моделирање. Формата со минимизирање на површината изложена на директна сончева светлина, дозволува да се постигнат оптимални енергетски перформанси. Употребени се низа активни и пасивни уреди за засенчување, а системите за ладење на зградата користат подземна вода преку бунари. Зградата користи само една четвртина од енергијата која е потребна за типична климатизирана деловна зграда.

3b. City Hall, London,UK.jpg (1998-2002) enterier

4. 1997-2004, 30 St Mary Axe, London

4. 30 St Mary Axe, London (1997-2004)

Деловен објект, популарно наречен „Корнишон“ на швајцарската осигурителна компанија Swiss Re, со површина од 64.469 квадратни метри и висина од 180 метри. Симбол по кој се препознава хоризонтот на Лондон. Прва еколошка висока зграда во градот, со радикален технички, архитектонски и просторен пристап. Со кружна форма, радијална геометрија, висина од четириесет и еден кат, зградата обезбедува канцеларии, продавници и кафулиња. Преку енергетски свесен концепт авторот ги решава ѕидовите и покривот со континуирана триангуларна форма. Ја намалува зависноста на зградата од климатизација и заедно со други одржливи мерки користи само половина од енергијата која се троши во конвенционална климатизирана кула.

4a. 30 St Mary Axe. (1997-2004) jpg 3

5. 2000-2006, Hearst Headquarters, New York, USA

Фостер со неколку свои проекти даде придонес кон зачувување и адаптација на  историски објекти. Од проектите со кои тој интервенира во историски структури, најдраматичен е проектот на кулата Хеарст, која се наоѓа на југ од Columbus Circle, на 8-та авенија на Менхетен во Њујорк. Новата кула на Хеарст, поставена е над оригинална основа на стара зграда, проектирана од Џозеф Урбан (Joseph Urban, 1872-1933), која поради Големата депресија во1928, била оставена недовршена.

5. Hearst Headquarters, New York, USA (2000-2006)

Новата кула изработена е од челик и стакло, комплетно контрастни материјали на постојната  база. Двете структури ги дели постојна аголна Арт Деко основа, која создава хармонија помеѓу старото и новото. Кулата  Хеарст, поставена над постојна база е 44-катен облакодер со триангуларна фасада, со површина од 79 500 квадратни метри и висина од 182 метри.

5a. Hearst Headquarters, New York, USA (2000-2006)

Овој објект е прв облакодер започнат после 11 септември 2001 година и прва градба во Њујорк со LEED Gold стандард. Дождовницата се собира и користи во системот за ладење. Челикот што се користи е 85 отсто од рециклирани материјали. Дентални сензори го контролираат осветлувањето, а 95 отсто од структурата е природно осветлена. Дијагрид методот користи 20 отсто помалку челик, а профилите на триагоналните пресеци ја прават зградата уникатна. Хеарст кулата е една од иконите на хоризонтот на Њујорк. Има добиено многу награди, како интернационална RIBA…

5b. Hearst Headquarters, New York, USA (2000-2006)

6. 2003-2008, Beijing Capital International Airport, Beijing, China

Најголема аеродромска зграда во светот, со површина од 1.300 000 квадратни метри, капацитет од 50 милиони патници годишно. Меѓународниот терминал во Пекинг е објект со најнапредна технологија, оперативна ефикасност, одржливост… Завршен е во 2008 година, за дваесет и деветтите Светски летни олимписки игри.

6. Beijing Capital International Airport, Beijing China (2003-2008)

Неговиот зголемен аеродинамичен покрив и форма налик на змеј, со традиционални кинески бои и симболи, го прави објект-симбол на местото, на градот. Додека патниците навлегуваат во зградата, бојата во ентериерот се менува, од црвена до жолта. Терминалната зграда е една од најодржливите во светот.

6a. Beijing Capital International Airport, Beijing China (2003-2008)

7. 2004-2011, The Troika, Kuala Lumpur, Malaysia 

Проектот се состои од три станбени кули од триесет и осум, четириесет и четири и педесет и еден кат, кои заедно го сочинуваат највисокиот станбен комплекс во Малезија. Комбинира апартмани, канцеларии, продавници и ресторани, со цел да промовира густо планиран пристап за живеење и работа во градот од дваесет и први век.

 

7. The Troika, Kuala Lumpur, Malaysia (2004-2011)

Извртената геометрија на трите кули, преку детална анализа на моделирање, дава  извајани форми кои одговараат органски на соседството и овозможуваат драматични погледи на кулите Петронас и градот. Небески мостови ги поврзуваат кулите на 24-то ниво.Трите кули го опкружуваат паркот кој е лоциран во средината.

7a. The Troika, Kuala Lumpur, Malaysia (2004-2011)

Автор: Љупка ДУКОВСКА, дипл. инж. арх. 

(Продолжува во следниот број)

Испрати коментар

Scroll To Top