Архитектите од проектантското биро Troyer Group, предводени од главниот архитект и сопственик Terry Troyer, пред себе имале, можеби, најнеобична проектантска задача во нивата кариера. Задачата се состоела во исполнување на визијата на инвеститорската компанија Answers in Genesis од Кентаки, САД, да изградат реплика на Ноевата арка во вистинска големина. Со висина од 32 метри и должина од 155 метри, Арката во себе содржи седум илјади кубни метри дрво. Ова инженерско чудо се отвори на 7 јули 2016 година. Тимот проектанти имале многу предизвици во планирање и изведување на градбата заради нејзината уникатност, големина и, секако, локацијата на која е изградена.
Првата сериозна пречка биле оскудните извори на информации за структурата на оригиналната Ноева арка. Архитектите ја прифатиле визијата на инвеститорот, но секако, потоа следело обемно истражување преку кое стигнале до финалниот дизајн, за кој архитектите побарале помош кај експерти како што е професорот Tim Lovett од Австралија, историчар и експерт за дрвени бродови.
Топографијата на градежната локација, исто така била голем предизвик. Арката е лоцирана во долината на реката Охајо во североисточен Кентаки. Кога тимот започнал со проектирање на арката, градбата на локацијата била невозможна. Подготвителните работи за градба на локацијата биле огромни. Приближно 1,3 милиони метри кубни камен и земја се ископани, додека 5000 метри кубни бетон се излеани за стабилизирање на почвата и обезбедување на фундаменти.
Локалната инфраструктура исто така предвидувала и водоводна мрежа, канализациска мрежа, подобрување на автопатот за пристап до локацијата, изградба на пат до самата локација, како и изградба на 40-метарски мост за пренесување на посетителите од паркингот со 4000 паркинг места до самата арка. Сè ова требало да се изведе без нарушување на микро еколошкиот систем, минимизирање на исечените дрвја, еколошка заштита и заджување на природниот тек на реката, позиционирање на градбата за максимално искористување на ветерот и сонцето за загревање и ладење на објектот, и искористување на дрвото од одржлива сеча на шуми.
Дрвото е основниот конструктивен и декоративен материјал кој се користи во Арката. Со прецизно проектирање на конструктивните детали, убавината, раскошот и потенцијалот на дрвото се забележува во целиот објект, од надворешната фасада преку подовите, ѕидните облоги и видливите конструктивни елементи во ентериерот. За подигнување на градбата се повикани дузина амишки столарски дружини од Кентаки и соседните држави.
Дрвните видови смрча и дуглазија се искористени за конструктивниот дел и специјално се избрани заради својата конструктивна јакост и издржливост. Големата висината од 32 метри од земјата до врвот на дрвеното едро, и должина од 155 метри, создава проблеми при јаки ветрови. За стабилизирање на објектот се поставени шест дијагонални држачи кои се зацврстени на бетонски потпорни столпчиња.
Главните конструктивни носечки елементи во вид на ребра на бродот се со димензии на пресекот од 18×56 см и со висина до самиот врв. Овие огромни елементи се изработени од лепено ламелирано дрво со дополнителна површинска обработка со средство за заштита од пожари за да се достигне стандардот за заштита од пожари. Овие конструктивни елементи се поставени на основа од бетонски столбови за максимална стабилност и добро фундирање. Во атриумскиот простор видлива е конструкцијата изработена од 120 масивни балвани, од кои 64 со дијаметар од 80 см и висина од 15 метри, и 56 со дијаметар од 50 см и висина од 8 метри.
Арката е изградена за 54 недели. Додека траела нејзината изградба, во исто време архитектонскиот тим проектирал и изградил и прирдужни објекти како ресторан за 1200 гости, исто така од масивна конструкција од дрво, и дополнителни помошни објекти кои го комплетираат комплексот.