Насловна / Екологија / Строгите стандарди за заштита на животната средина не се притисок

Строгите стандарди за заштита на животната средина не се притисок

standardi-za-zastita-na-zivotna-sredina-thumb.jpgНорвешка не е членка на ЕУ, ниту претендира на членство, а сепак има извонредно високи стандарди во делот на заштитата на животната средина. Не затоа што некој тоа го бара од неа, и не затоа што мора, туку заради општото добро.

Македонија како земја кандидат за членство во Европската Унија мора да ги имплементира строгите стандарди за заштита на животната средина, но доколку овие прашања се доживуваат како наметната обврска, како притисок, тогаш пристапот е негативен во самиот старт. Пример за тоа е токму Норвешка која не е членка на ЕУ, ниту претендира на членство, а сепак има извонредно високи стандарди во делот на заштитата на животната средина. Не затоа што некој тоа го бара од неа, и не затоа што мора, туку заради општото добро. Ова го истакна Четил Паулсен, амбасадор на Кралството Норвешка во Македонија, во својот поздравен говор на завршниот семинар во рамките на проектот "Почиста и поефективна индустрија во Македонија", укажувајќи на значењето на одржливиот развој и зелената економија, како императиви на современото живеење. 

standardi-za-zastita-na-zivotna-sredina-1.jpg

 
Во рамките на проектот "Почиста и поефективна индустрија во Македонија", што се спроведува во изминативе три години и е финансиран од Владата на Кралството Норвешка, неодамна во Скопје се одржа завршниот семинар чија цел беше сумирање на сработеното, анализа на резултатите и препораки за понатамошна работа. Со спроведувањето на овој проект, Кралството Норвешка ѝ овозможи на македонската индустрија разработка на повеќе проекти на ниво на предфизибилити студии, за што на располагање беа консултантите од норвешката компанија Norsk Energi, локалниот партнер – Центар за климатски промени, и уште триесетина локални консултанти. Проектот обработува три компоненти: енергетска ефикасност, управување со животната средина и студентска размена. 
 
Претставниците на Министерството за животна средина и Министерството за економија, ги потенцираа придобивките од спроведувањето на оваа програма, и во делот на климатските промени и во делот на енергетската ефикасност. Пред сè, е обезбедена значајна подготовка на индустрискиот сектор за апликациите за еколошки дозволи, како и системите за управување со животната средина, дотолку повеќе што Директоратот за клима на ЕУ веќе известил за обврските што ги има нашата индустрија во делот на законодавството за клима. Предизвиците се огромни, обврските исто така. Во делот на енергетската ефикасност, беше подвлечено дека иако во изминатиот период е донесена Стратегија за енергетска ефикасност во Македонија до 2020 година, е усвоен Акциониот план и е вклучено посебно поглавје за енергетската ефикасност во Законот за енергетика, сепак мора засилено да се работи на имплементацијата на идентификуваните активности. 
 
Ан Ирен Глимсдал од Norsk energi, во улога на проект менаџер, изрази задоволство од стручноста и подготвеноста на локалните консултанти ангажирани на проектот. Значи, имаме квалитетен кадровски потенцијал, единствено недостасуваат повеќе можности за нивно потврдување и докажување. Таа додаде дека во текот на 2010 и 2011 година е овозможен студиски престој во Норвешка на група студенти од техничките факултети од Македонија, при што се запознале со енергетски ефикасни концепти во текстилната и металуршката индустрија. По враќањето во Македонија, студентите своето знаење го имплементираат во слични проекти во нашата индустрија. На семинарот беше претставен проект за енергетска ефикасност во Скопски легури, подготвен од нашите студенти со помош на своите ментори. 
 
Претставникот на локалниот партнер, невладината организација Центар за климатски промени, Бојана Станојевска истакна дека во рамките на проектот се подготвени вкупно 13 предфизибилити студии, а околу 20 компании земале активно учество меѓу кои: Силмак, ОХИС, АД ЕЛЕМ-РЕК Битола, фабрика Карпош, Универзитетски клинички центар и други. Беа презентирани заклучоците на секоја од студиите во вид на енергетски заштеди и намалување на емисијата на стакленички гасови, при што беше подвлечено дека во неколку компании проектите веќе се придвижиле во наредна фаза, односно изработка на физибилити студии и реализација. Во текот на семинарот детално беа презентирани две студии за енергетска ефикасност: за "Сокотаб Битола", и "Вардар Доломит" – Гостивар. Значителни заштеди би се оствариле со имплементација на понуденото решение за енергетска ефикасност во "Вардар Доломит" – Гостивар, односно околу 130.000 евра годишно со сегашните цени на горивата, што од друга страна пак, ја прави инвестицијата исплатлива на извонредно краток рок. Во делот на имплементација на системот за управување со животната средина, проектот обезбедил поддршка на четири македонски компании, меѓу кои и компанијата "Раде Кончар", кои одржаа презентација за добиените резултати и изразија задоволство од учеството во овој проект. 

standardi-za-zastita-na-zivotna-sredina-2.jpg

 
Како последна содржина на семинарот, Клер Џенкинс од Norsk energi го претстави системот за управување со енергијата ISO 50001, кај нас прилично непознат дури и за стручните кругови. ISO 50001 ги специфицира барањата за воспоставување, имплементирање, одржување и подобрување на систем за управување со енергијата, чија цел е да ѝ овозможи на компанијата да следи еден систематски пристап во остварувањето на континуирано подобрување на енергетските перформанси, вклучувајќи ја енергетската ефикасност, користењето и потрошувачката на енергија. 
 
Сосема на крајот се одржа и форум дискусија за очекуваните резултати, предности и недостатоци на проектот, предлози за понатамошна работа и сл., која ја водеше Фана Христовска, претседател на Центарот за климатски промени. Заеднички беше заклучокот на компаниите – учесници дека програмата обезбедила поткрепа и идентификација на профитабилноста на предложените проекти и придонела во донесувањето одлуки кај менаџерските тимови за започнување со нивна реализација. Без оваа поддршка веројатно би останале и понатаму на ниво на проектни идеи.

Испрати коментар

Scroll To Top