Потенцијално опасната бура која им се заканува на САД, може да донесе и до 100 сантиметри снег на североисточниот брег. Подрачјето што може да биде погодено од бурата се простира од Њу Џерси до Мајн на север. Предупредувањето за снежната бура се однесува на 400 километри долгиот брег и ги вклучува Њујорк и Бостон.
Метеоролозите предвидуваат големи снежни наноси, силен ветер, дури и поплави. Времето би требало да се стабилизира во средината на оваа седмица. Градоначалникот на Њујорк Бил де Бласио, изјави дека граѓаните не смеат да ја потценат снежната бура.
„Ова може да биде најголема бура во историјата на нашиот град. Нѐ очекува снег во висина до еден метар. Приспособете се на состојбата и откажете ги патувањата што е можно побрзо“, им препорача градоначалникот на Њујорк.
За Бостон се најавени врнежи од снег до 60 сантиметри, а метеоролозите очекуваат дека и Филаделфија ќе ја зафати овој бран.