Сè почесто сретнувам избезумени луѓе поради мувлата што им се појавува во домот. Други, мака мачат да го загреат просторот, иако греењето им е „одвртено до максимум“, трети пак имаат кондензација на прозорците или ѕидовите. Ама речиси сите се незадоволни од висината на трошоците за загревање.
Што се случува?
Кога мувлата и влагата се појавуваат, кога тешко се загревате и кога сметките се високи, не се случува ништо ново и спектакуларно. Случувањата биле при изградбата, а многу често уште при проектирањето на објектите. Сè уште и ден денес, топлинските мостови кај нас, најчесто се комплетно занемарена проблематика. Не ретко топлинските мостови воопшто не се пресметуваат, туку загубите на енергија низ нив се усвојуваат како 30 % од вкупните загуби во објектот. Но, дали е тоа толку едноставно?
Кај објект, кај кој изолираноста на обвивката е многу ниска (пример со Uwall > 0,5 W/(m2K) и Uwindow > 3 W/(m2K), топлинските мостови како процент од вкупните загуби на енергија, се занемарливи и не влијаат во голема мерка. Но, што се случува кога се работи за добро изолиран објект, со на пример Uwall = 0,25 W/(m2K) и со добри прозорци со Uwindow = 0,85 W/(m2K)? Дали и тогаш загубите низ топлинските мостови се само 30 % од вкупниот проток на енергија низ обвивката? И доколку, ете како за чудо, некој пресметал колкави се топлинските загуби низ топлинските мостови, дали пресметал колкава ќе биде температурата на ѕидните површини, од внатрешната страна? За да дојдеме до одговори на овие дилеми, а со тоа да видиме дали можеме да им помогнеме на сите оние кои имаат мака со мувлата и влагата, со удобноста, но и со големите трошоци за греење, најважно е да го разбереме механизмот на топлинските мостови. Круцијално е да го запознаеме „непријателот“ за да можеме успешно да го совладаме.
Што се тоа топлински мостови?
Го знаете ли она чувство кога околу прозорците дува, а тие се нови и убави? Сте го почувствувале ли подот колку е студен во близина на балконите? Дали некогаш Ви се случило прозорците или ѕидовите да кондензираат вода, дури и да се прашате дали можеби протекуваат? Сте се соочиле ли со неверојатно ладни места на ѕидовите, иако убаво греете? Имате ли мувла или влага по аглите? За сите овие појави, главен „виновник“ се токму топлинските мостови.
Топлинските мостови се „слаби места“ во топлинската изолација на објектот, каде поради разни причини таа го менува правецот, се намалува, се прекинува, воопшто ја нема или има премин од еден во друг тип материјал. Причините кои доведуваат до топлински мостови се: геометриски места каде изолацијата го менува својот правец, состав или дебелина (агли, слемиња, стреи, греди и столбови, монтажа на прозорците во ѕидовите и слично) или конструктивни места каде конструктивни елементи од објектот ја пробиваат изолацијата (најчест случај се балконските конзолни плочи и греди, но често и разни столбови и ѕидови кои заради потребите од стабилност на конструкцијата не смеат да се прекинат).
Сега кога малку подобро го запознавме „непријателот“, може да разбереме дека по ваквите мостови, топлината непречено патува. И тоа колку е поголема температурната разлика помеѓу внатре и надвор, толку сообраќајот низ овие мостови е погуст и се одвива со поголеми брзини. Колку мостовите се пошироки, толку и протокот низ нив е поголем, идентично како и кај сообраќајните мостови. Негативните ефекти од топлинските мостови се далеку поголеми во ладните отколку во топлите периоди, бидејќи во зима температурната разлика внатре/надвор може да достигне и преку 40 оС, додека во летните периоди ретко надминува 13 оС. Геометриските топлински мостови најчесто се места со намалена топлинска изолација, додека конструктивните топлински мостови по правило се целосно неизолирани места. И кај едните и кај другите, резултат се ниски температури од внатрешната страна на елементите.
Секој познавач на термодинамиката, со низа од неколку калкулации, а во зависност од надворешната и внатрешната температура, како и од топлинскиот коефициент на материјалите, може брзо и лесно да пресмета колкава ќе биде температурата на тие елементи од внатрешната страна. Оние кои не ја владеат термодинамиката, тоа може да го направат со некој од многуте достапни софтверски пакети. Последен можен начин е да се измери температурата на тие површини со помош на термометар. Но тогаш веќе е многу доцна за да се преземат мерки, а тие да не чинат енормно скапо. Како и да е, по кој метод и да работите, изненадувачки е дека во зимскиот период температурите на внатрешните површини, онаму каде што се појавуваат топлинските мостови, паѓаат и под 13 оС. Во некои поекстремни случаи температурата на ѕидот од внатрешната страна може да се симне и до неверојатни 3 оС. Сега замислете го вашиот дом или работен простор и обидете се да се сетите колку агли има на фасадата, колку стреи, колку прозорци и колку балкони имате. Сите тие претставуваат линиски топлински мостови низ кои течат вашите пари, низ кои се губи вашето здравје и сите тие се места каде постои опасност од појава на мувла или влага. А зачудувачки е дека со децении ваквите појави се занемаруваат.
Тука и сега е вистинско место и точно време да разбиеме уште една голема заблуда која гласи: „просториите под земја не треба да се изолираат бидејќи земјата е најдобар изолатор“. Ако знаеме дека за нашите климатски услови, температурата на земјата на длабочини до 10 метри варира од 9 оС до 12 оС, ќе заклучиме дека загубите кон земјата се незанемарливи. Посебно ако веќе сте успеале да постигнете добра изолираност и ако сте ги елиминирале или до максимум сте ги намалиле топлинските мостови кон воздухот.
Сега кога го разбравме механизмот на топлинските мостови, кога го запознавме „непријателот“ на нашиот џеб и на нашето здравје, се наоѓаме на половина пат од победата над него. Победата над топлинските мостови е единствен начин до навистина удобен и енергетски ефикасен објект и само тогаш има смисла инвестицијата во добра изолација и квалитетни прозорци.
Како да се победат топлинските мостови?
Само со добро планирање, со употреба на вистински материјали и со прецизно изведени детали, може да извојуваме победа. При решавањето на топлинските мостови, пристапот е различен и зависи од видот на проблемот. Досегашното мое искуство со работењето во оваа проблематика, покажало дека решавањето на топлинските мостови е толку поевтино и поедноставно, колку што порано ќе се пристапи. Уште од самата идеа да се изгради некаков објект.
Важно е уште при проектирањето, со разни архитектонски и конструктивни мерки, долгите линиски топлински мостови да се сведат на што пократки или дури и на т.н. точкасти топлински мостови. Со тоа е направен најголемиот и најевтин чекор до надминувањето на проблемот. Но тоа не секогаш е можно, поради конструктивни причини, но и поради естетски барања од инвеститорите.
Следниот чекор е решавање на деталите за оние линиски топлински мостови, кои и покрај големата желба да ги отстраниме, сепак останале да пркосат. Праксата ми покажува дека не постои топлински мост кој не може да се „сруши“. Решавањето на геометриските топлински мостови, како што се аглите на фасадните ѕидови или бетонските греди и столбови, е за нијанса поедноставен проблем отколку проблемите кај конструктивните топлински мостови. Со употреба на „мали мајстории“ и изолациони материјали со енормно високи изолациони својства (и до 15 пати повисоки од стандардните изолации), во моето секојдневно работење ги санираме, превенираме или елиминираме ваквите проблеми.
Но што да се прави со конструктивните топлински мостови, како што се балконите и разни настрешници или стреи? Навидум ваквите топлински мостови се нерешливи, бидејќи секаков прекин на конструкцијата ја загрозува стабилноста. Сепак, за секој технички проблем, секојдневно изнаоѓаме и техничко решение. Постојат елементи кои се вградуваат во бетонот или челикот, кои во целост ја преземаат конструктивната носечка улога, а притоа се изработени од материјали кои имаат висока моќ на топлинска изолација. Со тоа, што би рекол нашиот народ, „и волкот е сит и овците се на број“.
И на крај, посебно внимание посветуваме на прозорците. Сите мерења кои ги правиме при дијагностицирањето, покажуваат дека сериозни топлински мостови доаѓаат токму од прозорците и тоа од две причини. Првата е од монтажата на прозорците во ѕидот, а втората е од изработката на стаклото. И за едното и за другото, неопходно е да се постигне потребната топлоизолираност, но и воздухонепропустливост. А со монтажата на прозорецот во „тврдиот дел“ од ѕидот, со т.н. пур-пена околу прозорецот, со метални дистанцери меѓу стаклата од стаклопакетот и поставувањето на стаклото со т.н. пакни или подметки, повеќе од сигурно е дека се оставаат големи топлински мостови и парите за квалитетни прозорци се бесполезно потрошени. Иако на прв поглед овие проблеми изгледаат ненадминливи, располагаме со знаење, материјали, елементи и методологии кои овие проблеми ги надминуваат во целост.
Ете, сега сме само на чекор од победа над топлинските мостови. Останува само навремено да им објавите „војна“.
Автор: м-р Андреј Андреев, дипл.град.инг.