Во време кога цените на фосилните горива постојано се во пораст поради судирите на истокот на Европа, досегашните алтернативни решенија за задоволување на потребите од електрична и топлинска енергија и погонски горива во сообраќајот, како што се обновливите извори на енергија, се повеќе се споменуваат како главна па и единствена опција.
Истовремено, се чини дека процесот на напуштање на фосилните горива и нивната замена со обновливи извори познат под името енергетска транзиција, би можел да се забрза до крајот на деценијата, и тоа на нивоа за кои пред само неколку години не можеше да се замислат. Но, не е се толку едноставно како што се чини на прв поглед. Имено, системите, постројките, опремата и уредите за индустријата на обновливи извори бараат исклучително големи количини на материјали, а експлоатацијата на овие ресурси е повторно поврзана со користење на нафта и гас. Истовремено, изградбата на електрани за искористување на обновливи извори бара неколкукратно повеќе материјали отколку изградбата на конвенционални електрани. На пример, изградбата на ветерните електрани троши големи количини на бакар. Според тоа, бројни се предизвиците пред оваа индустрија првенствено во имплементација на принципите на циркуларната економија, односно овозможување на што е можно поголема стапка на рециклабилност на вградените компоненти.