Никола Рибароски е претседател на Комората на трговски друштва за геодетски работи од јануари 2021 година.
Роден е во 1984 година во Скопје. Дипломирал во 2008 година на Градежниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, a со звањето магистер по технички науки од областа на геодезијата се стекнал во 2011 година.
Тој уште во времето на студиите, работи како надворешен соработник за сите оперативно-геодетски работи на неколку геодетски компании, а од 2011 до 2015 година, работи како консултант за контрола на квалитет во процесот на дигитализација на катастарски планови при Единицата за управување со проектот на Светска банка на Агенцијата за катастар на недвижности.
Моментално е сопственик и управител на приватна компанија, а е вработен како овластен геодет. Повеќе од 10 пати е делегат на генералните собранија на Европскиот совет на геодети (CLGE), како претставник на Комората.
Какви се состојбите во Комората на геодети? Што значи ова здружување за работа на професионалците, кои се предностите?
Иако, скоро сите ја ословуваат како Комора на геодети, сепак истата ги здружува сите геодетски компании, коишто се лиценцирани за работа врз основа на Законот за катастар на недвижности. Можеби ваквото ословување е и оправдано, имајќи го предвид фактот дека е единствена самостојна комора поврзана со оваа дејност и струка, покрај она Одделениe по геодезија во рамките на Комората на овластени архитекти и овластени инженери.
Комората е независна организација во својство на правно лице и со законски јавни овластувања да издава лиценци за работа на заинтересираните правни лица, коишто ги исполнуваат законските услови. Оваа година се навршуваат 16 години од нејзиниот почеток со работа, а во неа се здружени околу 140 приватни компании на ниво на цела држава. Од 2011 година, Комората е полноправен член на Европскиот совет на геодети (CLGE).
Како и сите други комори и оваа е формирана согласно со позитивните законски прописи со основно начело да ги здружува, застапува и усогласува заедничките интереси на своите членки. Во таа смисла, значењето на вака формираната комора е огромно, не само за своите членки, туку и за целата дејност, струка и општо за многу други државни чинители.
Во поглед на моменталните состојби во Комората, за жал, морам да го повторам тоа што повеќе од три години го говориме. Комората во изминатиот период е под жесток атак и притисок на институцијата, којашто би требало да биде најголем партнер на Комората, а тоа е Агенцијата за катастар на недвижности.
Имено, сите оние случувања во поглед на одземањето на јавните овластувања, одземањето на лиценци и овластувања и затворањето на компаниите, коишто слободно можам да ги наречам класични злоупотреби поради фактот дека постојат правосилни судски пресуди за ваквото незаконско дејствување, кои се доказ за погорекажаното.
Но, од друга страна, можеби и ваквото дејствување на Агенцијата е донекаде очекувано, ако се земе предвид фактот дека во изминативе нешто повеќе од три години, Комората цврсто застана да ја брани својата уставна и законски загарантирана независност и самостојност, но застана и зад своите членови, бранејќи ги нивните интереси, па нормално е да се појави отпор за нешто што претходно речиси потполно било под нивна контрола.
Но, ова е отпочнат процес од кој враќање нема, а резултатот и успехот од оваа макотрпна и истрајна борба е многу јасен и догледен.
Лично сум мотивиран, многу повеќе од кога било, а овој мотив пред сѐ, доаѓа поради поддршката од самите членови на Комората, а и од сите други пријатели на Комората. Секако, мотивираноста доаѓа и од сите оние правни акти и документи кои се во корист на Комората и ја докажуваат исправноста на оваа макотрпна борба, а за што за жал, некој има сила и моќ да не ги почитува.
Кога говорам за поддршка, во овој контекст морам да ја споменам и Стопанската комора на Северна Македонија, под чијшто чадор функционира и нашата комора, која преку своите стручни служби, а посебно претседателот, г-динот Бранко Азески, даваат отворена и безрезервна поддршка на нашата комора во преземените активности за што би ја искористил приликата неизмерно да им се заблагодарам.
Врвен приоритет во работата на Комората и нејзина заложба е да воспоставува соработка со сите сродни институции дома и надвор. Секако, еден од тие врвни приоритети е и соработката со Агенцијата за катастар на недвижности, меѓутоа соработка, што ќе се заснова на принципи и на достоинствено почитување, а не на диктати, наредби, закани и уцени. Токму таква соработка, каква што има во развиениот европски свет.
Во Агенцијата за катастар се воведе Географски информациски систем (ГИС)? Колку е значаен прецизен катастар во работата на геодетите и колку го промени начинот на работење?
Глобалните трендови во поглед на развојот на техниките и технологиите ги менуваат работите во различни сфери на живеењето, па така, и во поглед на работите во геодезијата. Класичната геодезија сѐ повеќе се класифицира во областа на геоинформатиката, за што впрочем сведочат и насловите на образовните програми во високошколските установи во светот.
Воведувањето на ГИС во различни области, во голема мера ја олеснува работата и добивањето на потребните информации, па во тој контекст и информациите, кои им се потребни на геодетските стручни лица се многу полесно и поедноставно достапни.
Ваквото воведување на сите електронски системи, кои се во сопственост на АКН се нешто што ја олеснува работата на сите нивни професионални корисници, како што се приватните геодетски компании, проектантските куќи, адвокатите, нотарите, надлежните судови, останатите државни институции итн.
За да бидам многу појасен во ова што го зборувам, ќе наведам само еден пример. Ако до пред нешто повеќе од 20 години, беше вистинско чудо да земете имотен лист за неколку дена, денес имотниот лист, е достапен буквално со два клика.
Во поглед на Вашето конкретно прашање, кога е воведен Географско-информациски систем во катастар, што всушност по значење на изразот е еквивалентен со Геодетско-катастарскиот информационен систем (ГКИС), како што е насловен во предметниот материјален закон, првпат се случи со донесувањето на Законот за катастар на недвижности во 2008 година.
Освен ваквиот Географско-информациски систем, во Катастарот постојат уште неколку други ГИС-системи, со чии решенија освен што се следат современите трендови, тоа се решенија, кои значително го олеснуваат работењето на сите корисници на овие системи.
Тука, би ја навел и националната инфраструктура на просторни податоци (НИПП), која, всушност се темели на европската директива INSPIRE, документ со кој се поставуваат основните правила за воспоставувањето на инфраструктурните просторни информации во Европската Унија.
Сметам дека главен проблем во дел од овие ГИС-системи, сопственост на Агенцијата за катастар е преголемата централизираност на истите, па во одредени сегменти од истите имате класично стимулирање на монопол, кој веќе е и институционално потврден. Сето ова, оневозможува развој и прогрес на самите системи, но и дополнителен развој на нивните корисници.
За жал, морам да констатирам дека денес нашата Национална инфраструктура на просторни податоци (НИПП) е многу далеку од целосно исполнување на INSPIRE- директивата.
Исто така, тука би го навел и проблемот со точноста и веродостојноста на дел од податоците, кои се содржани во овие ГИС-системи со кои располага и кои се во сопственост на Агенцијата за катастар. Ваквите податоци во голема мера се застарени и неупотребливи, поради нередовните и несистематски одржувања и ажурирања.
Но овие проблеми се многу лесно решливи. Нема потреба од многу измислување иновации, треба само да се следат трендовите и добрите европски практики, па би рекол и добрите практики во нашиот регион.
Во овој контекст, само ќе додадам дека нашата комора, следејќи ги токму тие светски трендови, веќе има преземено конкретни чекори во смисла на подобрување на капацитетот на своите членки и зголемување на ефикасноста во нивното работење, преку дообучување на кадарот, односно поконкретно, овозможување следење на професионални и сертифицирани обуки за најпознатите и најреномираните ГИС- софтвери на светско ниво.
Познато е дека со геодезијата започнува и завршува секој вид на градба. Каква е иднината на геодезијата во смисла на нејзината поврзаност со градежништвото, архитектурата и со урбанизмот?
Геодезијата е нераскинлив дел од градежништвото, урбанизмот, планирањето и итн., и тоа во сите фази од нивното работење. Точно е дека со геодезијата започнува и завршува секој вид на градба, но да не заборавиме дека геодезијата е застапена и во фазата на самата изградба, а понатаму и во одржувањето на самите градби.
Учеството на геодетските стручни лица во изградбата на објектите е од големо значење за безбедноста на објектите, но и во безбедноста при процесот на изградба. Геодезијата, односно геодетите се лицата, кои ги обезбедуваат просторните податоци, кои пак може да сигнализираат одредена грешка или недостаток при самата изградба.
И покрај тоа, за жал, морам да констатирам дека во овој дел од геодезијата кај нас, постојат големи недостатоци и недоречености во законите кои ја обработуваат оваа материја, а најмногу во Законот за градење и во Законот за урбанистичко планирање. Сето ова во отсуство на долгонајавуваниот, и никогаш недонесен досега Закон за геодетска дејност. Само како пример за ова мое тврдење ќе го наведам фактот дека до денес не постои ниту еден подзаконски акт – правилник, којшто би ги пропишал геодетските работи во градежништвото, урбанистичкото планирање итн. Без потпис на геодетски инженер, како со потписите на градежниот инженер, архитектот итн., градењето на самата градба не може да премине во наредната фаза.
Иднината на геодезијата, во поглед на градежништвото, архитектурата и урбанизмот е тесно поврзана со експанзијата на технолошкиот и техничкиот развиток. Ги спомнавме ГИС-от, а сè почесто застапена е и БИМ-технологијата. Токму прибирањето на просторните податоците за таа технологија е тесно поврзано со сите оние нови инструменти, како статични скенери, рачни скенери или попознати како слемови, лидар итн. Токму кога сме кај БИМ-технологијата, би го потенцирал мостот на спојување со класичната геодезија, а тоа се токму ГИС-системите.
Секако, тука е и таканаречената далечинска детекција, односно сателитското следење, онлајн мониторирањето на изградените објекти, аеро-фотограметриското снимање со специјализирани прецизни камери, снимање од воздух со беспилотни летала итн.
Иднината на геодезијата ќе биде драстично различна од она што било порано или од она што е сега актуелно. Во изминативе 20-30 години, многу е сменет и различен начинот на прибирање на просторни податоци.
Законот за постапување со бесправно изградени објекти прв пат се донесе во 2011 година и рокот се пролонгира повеќе пати. Овој закон предвидува легализација на објектите само со геодетски елаборат, што значи нѐ обврзува да се изработат архитектонски и градежни проекти. Сметате ли дека на овој начин, никој не ја знае фактичката состојба на дивоизградените објекти и дека тоа претставува опасност по безбедноста на жителите, особено во сеизмичка смисла?
Законските пропишувања за изготвувањето на ваков вид геодетски елаборати, во смисла на прибирањето на потребните податоци за објектите, во случајов бесправно изградени, со цел нивно регистрирање во единствената јавна книга – Катастар на недвижности, сметам дека се во ред.
Имајќи предвид дека вака изградени објекти се без соодветни законски процедури и безбедносни проверки, особено во сеизмичка смисла, лично сметам дека во ваквиот процес мора и треба да бидат вклучени и сите други стручни лица, кои би потврдиле дека изградениот објект е безбеден за употреба, исто како кога се работи за градење на легален објект со соодветна техничка документација.
Тука морам да нагласам дека опасноста во безбедносна смисла од вака изградените објекти е многу голема. Суштината за сите објекти е иста, доколку не се почитуваат соодветно пропишаните процедури при изградба на објектите што можеби е случај и со некои нелегално изградени објекти, опасноста од трагедии е голема.
Но, логично би било да се запрашаме и кој дозволил или кој сѐ уште дозволува да се градат бесправни објекти, имајќи ги предвид законските одредби, кои ја регулираат оваа материја и како е возможно да нема одговорност за оние кои дозволиле да бидат изградени таквите објекти?
Исто така, би требало да се постави прашањето и дали некој го стимулира тоа бесправно градење? Одговорот на ова прашање е дека неретко стимулот доаѓа од самата држава. Зошто е тоа така?
Постојат примери во кои одредени инвеститори се одлучуваат на нелегална градба, имајќи го предвид фактот дека тие ја почнуваат најлегално целата процедура за градење, но поради предолгите и несоодветни административни процедури, во кои чекаат и талкаат од канцеларија до канцеларија долги години, понатаму, поради проблемот со сивата економија итн., се решаваат на нелегално градење.
Ако лично се прашувам, фокусот на легализацијата во периодот што следува треба да биде ставен на инфраструктурните објекти, а посебно на сите нелегално поставени подземни инсталации. Законски пропишувања за легализација на овие видови објекти постојат, но за жал, не до крај и не се почитуваат од сите.
Дали во Вашето искуство се случило некое барање за легализација да биде одбиено и следствено на тоа да се сруши објектот?
Одбивање на барања за легализација постојат и тоа многу, доколку, не се во согласност со Законот за бесправно изградени објекти, но за рушење на објекти чие барање за легализација е одбиено, искрено не знам. Немам пример да посочам каде објект не е легализиран, а истиот е срушен.
Дополнително, постојат примери, каде легализациите на изградени објекти од различни причини во судски пресуди се поништени, а објектите на кои се однесува таа легализација и понатаму остануваат во првобитна состојба со карактер на нелегални објекти.
Планерите и урбанистите неретко се жалат дека добиваат неажурирани геодетски подлоги за изработка на плановите. Има ли вистина во ова?
Не би можел да се сложам со ваквите поплаки. Ваквиот вид на работа е пропишан согласно со законските и со подзаконските акти и одговорно тврдам дека во најголем број на случаи, колегите своите работни задачи си ги извршуваат ревносно и совесно. Нормално за сѐ и секаде постојат исклучоци.
Тука, би искористил да споменам случаи, кои се често застапени, а се поврзани со ваквите подлоги. Имено, секаков вид на планска документација, поврзана со урбанизмот започнува со изработка, токму на овие ажурирани геодетски подлоги, но поради предолгото времетраење на административните работи, подлогата, односно таквата ажурирана геодетска подлога, го губи своето значење на изработка. Ова, најмногу, поради настанатите промени посебно во урбаните средини, каде сите сме сведоци дека овие промени поврзани со градењето се одвиваат со брзина на светлината.
Комората на архитекти и инженери конечно успеа да се избори за тарифник за минимална цена на инженерските услуги, кој сѐ уште не е јасно колку доследно се применува. Геодетите од 15 февруари годинава имаат нов ценовник, за кој граѓаните се жалат дека е многу поскапен, а Катастарот за своите поскапувања се „вади“ на геодетите. Што од ова е точно и како успевате да бидете доследни во почитувањето на ценовникот?
Цените на услугите на приватните лиценцирани геодетски компании се регулирани со тарифник уште во 2013 година. Ова што е донесено на 15-ти февруари, всушност е измена на тој тарифник, после 10 години од првично донесениот и после четири годишна макотрпна и исцрпувачка борба за донесување на овој нов тарифник со сите оние опструкции, кои ги правеше Агенцијата за катастар на недвижности, за што перманентно ја известувавме пошироката јавност.
Вашата констатација дека граѓаните се жалеле за големото поскапување, мене не ми е позната, бидејќи, такво нешто ниту сум видел, ниту сум слушнал.
Што се однесува до цените од новиот тарифник, истите се врз основа на методологија каде се вметнати сите реални трошоци, кои ги има една геодетска компанија, а сегашните цени се за 12 – 15 % пониски од оние што првично ги предложи Комората. Дополнително, би нагласил дека согласно со Законот, како ниту на едно друго место, цените на нашите услуги можеме да ги намалуваме до 50 %, па ,имајќи го сето ова предвид не би можел никако да се согласам дека цените се многу поскапени.
Од друга страна, да потсетам дека Агенцијата за катастар пред две години, своите сервиси ги поскапи за 200 %, 300 % па и за 400 %, а до денес никој во јавноста нема видено образложение за тие поскапувања.
Дополнително, она што се случи во месец февруари оваа година, беше уште еден преседан, кога тарифникот за услугите на приватните компании се промени после 10 години, а оваа промена се искористи како маска, Агенцијата за катастар на недвижности да изврши одредени поскапувања на своите сервиси и сето тоа повторно нетранспарентно и без никакво објаснување. Ќе потсетам дека тогаш, како и многу пати претходно, бевме и тоа како гласни како Комора, а она што го направи Агенцијата во текот на изминатиов летен период е всушност враќање на старите цени на дел од оние цени, коишто поскапеа во текот на месец февруари. И, тоа како Комора апсолутно го поддржавме и го поздравивме.
Своите сервиси, Агенцијата ги наплаќа од нас компаниите, а ние од граѓаните. Доколку Катастарот навистина има желба да придонесе за намалување на цените на нашите услуги, ова е добра прилика да ги намали цените на своите сервиси, што пак од друга страна, ќе значи и фаќање чекор со европските практики на FREE и OPEN-податоци, од кои нема бегање, истите подоцна или порано мора да се случат. Тука, секако во оваа насока би ја нагласил и итната потреба од правилничкото укинување на сите оние непотребни податоци, кои компаниите се должни да ги купуваат и наплаќаат од граѓаните, а кои во денешно време слободно би ги вброил во непотребни давачки.
Само како добар пример за ова ќе ја наведам Хрватска, каде сите овие сервиси, податоци, и сл. се бесплатни за сите. Имотниот лист во Хрватска за секој обичен граѓанин е бесплатен.
Што се однесува до тарифникот за минимална цена на инженерските услуги што го донесе Комората на архитекти и инженери, со којашто морам да истакнам дека имаме беспрекорна соработка е нешто што е навистина одлично и нешто на кое треба да се гледа како добар пример. За жал, нашиот тарифник, иако, никаде не е запишано се смета за тарифник со максимални цени, а не со минимални цени.
Комората во блиска иднина, токму во таа насока ќе ја насочи својата борба, да донесе тарифник со препорачани и минимални цени, идентично како што е тарифникот за инженерски услуги. На таков начин, не само што приватните геодетски компании ќе имаат поголема слобода и поголем бенефит во смисла на уставно загарантирана слобода на пазар и претприемништво, туку, од тоа поголем бенефит би имале и самите граѓани, но и државата.
Имајќи го предвид сегашното толкување на овој наш тарифник, како и она несреќно законско решение за можноста цените да бидат намалени и до 50 %, би рекол дека доследноста за почитување на цените се губи.
Како и да е, сите овие тарифници се нешто со кое би требало да се занимаваме на кратки патеки, имајќи ја предвид аспирацијата на нашата држава, да стане дел од најмоќното семејство – Европска Унија, чии директиви не признаваат и не прифаќаат ограничување на пазарот, односно бараат слободен пазар.
При запишување на новоизграден објект во јавната книга на недвижности неопходен е геодетски елаборат кој содржи премер на просториите во објектот. Најчесто потоа се приложува проект за измени во тек на градба каде се внесуваат разликите во проектираната и изведена состојба. Прашањето не е за оние мали разлики во квадратурите. Сведоци сме на големи разлики од проектирана до изведена состојба, најчесто во подземното паркирање, каде често се прикажани повеќе подземни нивоа, механизми за паркирање, а на лице место ги нема. Која е таа магија со која овие објекти добиваат употребна дозвола?
Најпрво, тука сепак би се осврнал токму на тие мали разлики во квадратурите. Би рекол тоа е болно општествено прашање, кое мора да биде решено, имајќи го предвид фактот, посебно сега колкави се цените на тој м2. Од искуство знам, во голем број на објекти каде фактичката состојба, односно површината се разликува од таа што е запишана во јавната книга – Катастар на недвижности или од онаа што сопствениците му ја платиле на самиот инвеститор. Точно е тоа дека најчесто се приложува проект со измени во тек на градба, каде се внесуваат разликите од проектираната и изведената состојба, но прашањето е: Како и покрај тоа повторно постојат разлики или пак купувачите, односно сопствениците платиле сума за една квадратура, а добиваат друга, помала?
Ако доследно ги примените законските или подзаконските акти со кои се пропишува премерот и утврдувањето на точната површина, тогаш согласно со овие прописи вели дека се прави „од ѕид до ѕид“, кога објектот или посебниот дел од објектот претставува „функционална целина“. Е сега, дали таквото пропишување „од ѕид до ѕид“ е еднозначно? – Јас сметам дека не е, од аспект на тоа дека ѕидот може да биде и без завршна обработка во цигла или малтерисан, односно завршно обработен. Токму, и таквиот слој од завршениот материјал на ѕидот прави разлика во површината. И второ, што од ова претставува функционална целина?
Дополнително, реков инвеститорите склучуваат правни акти со идните сопственици, во вид на договори, преддоговори и сл., во кои купувачите платиле една површина, а добиваат помала површина за 1, 2, а можеби и повеќе м2, па ако се земе предвид цената на чинење би рекол дека не е разлика која треба да се занемари.
Но, овие мали разлики во површината, како што ги нарекувате, сметам дека се должат токму на одредени недоречености, разлики или коализии помеѓу одредени законски или подзаконски прописи. Сето ова, доколку сѐ има желба, може лесно да се надмине, секако со седнување на заедничка маса на сите засегнати страни. Токму ваква иницијатива како Комора, ќе покренеме пред Комората на овластени архитекти и инженери, но за конечно решение мора да бидат вклучени и други државни институции, а посебно Агенцијата за катастар на недвижности. На таков начин, пред сѐ, би се заштитиле купувачите, но и сите други засегнати лица и компании, кои работат на изведбата и регистрацијата на овие недвижности.
Што се однесува до вториот дел, околу подземното паркирање и оние механизми за паркирање, на некој начин се потврдува она што го кажав во првиот дел од мојот одговор. Моментално, согласно со Законот и со подзаконските акти, кои ја обработуваат материјата за премер на лице место и регистрација на зградите или посебните делови, механизмите за паркирање се непознати. Практично, иако веќе години наназад, тие механизми за подземно паркирање се реалност кај нас, сепак катастарскиот систем како таков во овој момент не може да ги препознае. Затоа, реков дека треба седнување на маса со сите засегнати страни, следење на новите трендови и нивна перманентна примена.
Доколку, пак како што велите дека некаде недостасуваат подземни нивоа, кои биле претходно проектирани и регистрирани во јавната книга, тогаш е многу јасно дека постои неправилност, односно прекршување на законот. За такво нешто, последици треба да сносат и инвеститорот и надзорниот инженер, како и органот што ја издава употребната дозвола. Секако, тука еднаква одговорност има и геодетот, кој ја врши регистрацијата, но она против што се бориме изминативе неколку години како Комора е тоа дека во вакви или во слични случаи, одговорност се бара само и единствено кај геодетот, односно кај геодетските компании. Тоа за нас како Комора и за мене лично е неприфатливо. Доколку, се утврди одговорност само кај геодетот, тој треба за тоа да понесе одговорност, но доколку има колективна одговорност, не може само геодетот да биде одговорен. Токму, одговорот за случајот од Вашето прашење е колективна одговорност.
Денес во рамки на Градежниот факултет постојат и тригодишни студии по геодезија и геоинформатика. Овие студии меѓу младите станаа попопуларни од на пример студирање градежништво. Што би им порачале на младите геодети?
Точно така, денеска во рамките на Градежниот факултет – Скопје, постојат тригодишни додипломски студии по геодезија и геоинформатика, плус две години втор циклус, односно постдипломски студии. Ваквата студиска програма до некаде ги следи модерните европски трендови за образование, но секако дека постои простор за многу поголемо надградување и проширување на истата. Посебно, тука би ја нагласил потребата од уште поголема кадровска екипираност на Факултетот за оваа студиска програма.
Иако, имаше обиди и се отворија вакви студиски програми и на неколку други државни универзитети во земјава, сепак во овој момент ваквата студиска програма е единствено само на Градежниот факултет – Скопје.
Во поглед на популарноста на овие студии, за жал, морам да констатирам дека денес оваа студиска програма е далеку од популарна. Она што треба да се знае е дека ако до пред нешто помалку од 10 години на оваа студиска програма се запишуваа 80 – 100 студенти, па дури имаше и одбивање на студенти, бидејќи не можеше сите да бидат запишани, денес бројката на студенти е и до десет пати помала.
Дополнително, ако се земе предвид дека во исто време, на Градежниот факултет во Белград оваа година се запишани 130 студенти, во Загреб 114 студенти, а и во Србија и во Хрватска има по три факултети, каде може да се студира оваа програма, тогаш навистина алармот кај нас мора да биде вклучен, а загриженоста на надлежните да биде на највисоко ниво.
Во конкретниот случај мислам на самата држава, олицетворена преку надлежната институција од оваа сфера, Агенцијата за катастар на недвижности, но и на самиот наставен кадар при Градежниот факултет – Скопје. Сметам дека недозволиво е да се правиме дека ништо не гледаме што ни се случува и да се амнестираме од одговорноста за таквата состојба. Како што во Македонија старее општата популација, така во оваа дејност старее работоспособниот кадар. Младиот стручен кадар сѐ помалку го има и е сѐ помалку достапен на пазарот.
Токму кога легализацијата на бесправно изградените објекти беше во полн ек и кога геодетските компании беа претрупани со работа, тогаш и популарноста на студиите по геодезија беше на највисоко ниво, што само по себе го потврдува фактот дека ефектите од образованието и стопанството се во еден меѓусебно затворен круг.
Мојата порака до помладите колеги – геодети е дека и покрај стекнатото теоретско знаење преку студиите, потребно е да вложуваат во себе, да се надградуваат преку учење, дообразование, обуки и сл., следејќи ги на таков начин најновите достигнувања и трендови во струката.
И тука повторно би истакнал дека како Комора, еден од врвните приоритети на нашето делување е насочено токму кон помладите колеги и тоа преку организирање на професионални обуки, семинари и конференции, понатаму стручни патувања и посета на саеми, вмрежување и воспоставување на соработка со колегите од земјите во регионот и пошироко, па сѐ до поддршка и стимулирање за учество на меѓународни собири и натпревари за млади геодети.
На крајот, каква иднина ја очекува вашата Комората и општо дејноста и професијата?
Во поглед на дејноста и професијата, реков и претходно иднината драстично ќе ги промени минатото и сегашноста со сите оние новитети во техниката и технологијата. Сѐ што треба ние да направиме во поглед на дејноста и професијата е во чекор да ги следиме сите тие новитети, а секако и доследно да ги применуваме. Затоа е потребен многу поголем консензус помеѓу јавниот и приватниот сектор, како и академската заедница и секако, напуштање на некои стари стереотипи, кои никако не нѐ водат напред, туку не враќаат само назад. Трендот е тој и не само во оваа струка, туку и во сите други, конструктивна и сеопфатна соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор.
Иднината на Комората ја гледам како многу поразлична од сегашната. Европски организирана комора, којашто ќе биде многу повеќе респектирана од сите чинители и комора, којашто ќе ги ужива нејзините основни начела на независност и самостојност, како и комора, којашто ќе биде обединител за поголем и поперспективен прогрес на струката и на дејноста.
Впрочем, и денес заложбите на Комората и насоките на нејзино делување се да бидат пресликани добрите практики од многу поразвиените земји, како и еден од основните трендови на коморското работење, коишто се темелат на тесна соработка меѓу јавниот, реалниот сектор и академската заедница, со цел што поголеми достигнувања во професијата и струката.
Во оваа насока, Комората воспоставува успешни соработки со многу домашни, но и со сродни институции од странство, а секако тој тренд мора да продолжи и во иднина бидејќи, само на тој начин може да се постигне зацртаната цел за развивање на Комората во насока на делување за поуспешна и поперспективна иднина на своите членки.