На полето на електромобилноста, соперник на компанијата Tesla е компанијата Nikola. Иако двете компании го добиле името по Никола Тесла, на пазарот на електричните возила тие две компании се жестока конкуренција една на друга. Компанијата Nikola, е производител на електрични камиони од Солт Лејк Сити, САД. Новиот производ на оваа компанија наречен Tre има хидрогенски погон кој овозможува нулта емисија на штетни гасови, побрзо полнење, преминување на поголеми растојанија и помала тежина на возилото. Камионот има 500 до 1000 коњски сили, и во зависност од подесувањето, може ад помине 500 до 1200 километри. Nikola Tre може да се пофали и со двојно поголемо забрзување од класичните дизелаши, но и со поголема енергетска заштеда односно енергетска ефикасност. Големината и должината на новиот модел, компанијата ги приспособила кон европскиот пазар, а тестирањето на возилото е закажано за 2020 година на норвешките патишта. Иако за именувањето на своите претходни камиони, компанијата ги користеше броевите еден и два на англиски (One и Two), сега е одлучено својот нов производ за европскиот пазар да го нарече Tre. Низата е продолжена со бројот три, но на норвешки. Nikola во моментот е во потрага по погодна локација за својот производен погон на европско тло.