Во историскиот воен локалитет „Арсенале“ вчера свечено беше отворен македонскиот павилјон во рамките на 15. издание на најпрестижниот светски настан од областа на архитектонското творештво – Биеналето на архитектурата во Венеција.
На свечената промоција на годинашниот национален претставник, проектот „Ничија земја“ на проектантското студио „Стоун дизајн“, пред присутните се обрати министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
„Република Македонија во изминатите години оствари повеќе впечатливи претставувања на Венециското биенале на архитектурата, кои нè етаблираа на глобалната архитектонска сцена и понудија свежи и иновативни творечки остварувања. Во таа смисла, уверена сум дека проектoт „Ничија земја“ ќе ги доближи уште повеќе актуелните архитектонски тенденции и креативните идеи на македонските автори до европската и до светската јавност и ќе биде голема провокација за посетителите на овој настан кои ќе имаат можност да се запознаат со вредностите на македонската култура и уметност“, рече Канческа-Милевска.
Комесар на проектот „Ничија земја“ е д-р Иванка Апостолова, а е дело на четворицата млади архитекти од Скопје: Стојан Павлески, Иван Симеонов, Ѓорѓи Радовановиќ и Љупчо Тасевски, кои ги имплементираа суштинските начела профилирани во годинашната тема на Биеналето „Извештај од фронтот“.
„Проектот има силна индивидуална и сугестивна димензија на архитектонскиот јазик, во функција на создавање на една единствена, заедничка, просторна претстава – град за сите, земја ничија или сечија… Тој соодветствува со нашата реалност и нè поттикнува сите нас да се запрашаме, дали можеме лесно да се препознаеме во улогата на мигрант, емигрант и крајно жител на земја ничија и сечија“, истакна министерката за култура.
На отворањето на македонскиот павилјон присуствуваше и конзулот на Република Македонија во Венеција Ашим Зекировски.
На годинашното Биенале, кое ќе се одржува од 28 мај до 27 ноември, националната архитектура ја претставуваат вкупно 61 земја, а за првпат учествуваат Казахстан, Нигерија, Филипини и Јемен. Селектор на главната архитектонска изложба е реномираниот архитект Алехандро Аравена од Чиле, добитник на Прицкеровата награда за архитектура.