Спалната соба на нашата редовна читателка е на потпокривот од куќата. Освен лежајот и една мала комода во неа досега немало друга опрема. Прашањето до нас е како поинвентивно да се уреди просторот.
Иако спалната соба не е многу голема, со поосмислено опремување на собата со посебен мебел, се отвораат мож- ности за пофункционално уредување. Под закосениот дел на ѕидот пред прозорците може да се направи триаголен подест со височина од 20 сантиметри, доволно голем за на него да се постави удобна лежалка за одмор и читање. Полиците по должината на прозорците формираат мала библиотека. Десно од влезната врата има место за гардеробен плакар од под до плафон во кој ќе се сместат облеката, постелнината, чантите и торбите. Лицето на плакарот може да биде комбинација на светол фурнир и огледала. Истиот фурнир е употребен за финална обработка на полиците од библиотеката и облогата на ѕидот зад лежајот. Предлагаме под од светол ламинат, завеси од бамбус на прозорците и пастелна боја за останатите ѕидови. Пријатен амбиент ќе создадат и ламбите од пескарено стакло покрај лежајот и лежалката за одмор и читање.
Билјана СТЕВКОВСКА-САВИЌ, дипл.инг.арх.
[email protected]
Објавено во број 90.