За постоење и за равој на стопанството на една држава, пресудни се три стожери, а тоа се енергијата, стратешката технологија и образованието.
Енергијата и „владеењето“ со неа е од суштествено (политичко и стратегиско) значење за одржување и унапредување на животот и животните услови во една држава и пошироко. Тоа значи дека нашиот однос кон овие стожери не смее да се базира на законот за понуда и побарувачка на пазарот, туку за нив треба посебна грижа, постојано следење и приспособување на најдобрите решенија во променливи реални услови!
Без доволно енергија нема напредок, нема странски инвестиции, нема опстанок. Ова е особено потенцирано кај мала држава каква што е Република Македонија, со скромни хидроенергетски потенцијали и дрвни ресурси, на граница на исцрпување на јагленовите ресурси и директно зависна од увозот на течни и гасни горива.
Застапеноста на одделни енергенти во потрошувачката на финална енергија за последните десетина години во Република Македонија е:
Јаглени | Биомаса | Геотермална | Топлина | Природен гас | Нафтени продукти | Ел. енергија |
6,9% |
9,5% |
0,5% |
6,9% |
2,0% |
41,7% |
32,4% |
Огромното учество на течните горива во енергетската структура на нашата земја се должи на повеќе фактори, а најважни се постоењето на рафинерија, нејзината поврзаност со пристаништето во Солун преку нафтовод, развиената корисничка и продажна инфраструктура и огромниот профит кој се прави преку пласирањето на течните горива.
Гледано од пазарен аспект, ваквата ориентираност кон течните горива во државава на прв поглед може да делува оправдана, во прв ред заради изградената инфраструктура, но стратешки посматрана таа добива сосема друга димензија. Огромните загадувања во населените места, особено во зимскиот период, се должат токму на огромното користење течни горива кај моторните возила и индустриските капацитети, што глобално значи користење на поскапо гориво со поголемо загадување. Полза од сето тоа имаат само претпријатијата што се занимаваат со дистрибуција и продажба на течните горива и државата, која собира огромни акцизи од овој бизнис.
За да се одложи исцрпувањето на расположливите резерви на сировата нафта во светски размери, а како би се добило и време потребно за развој на нови технологии кои ќе овозможат економично користење на неконвенционалните енергетски облици, потребно е енергентите што ќе се користат во овој период да ги имаат следните одлики:
– да се расположливи во потребен квантум;
– да се енергетски високо ефикасни;
– да се економични и еколошки прифатливи;
– да овозможуваат сигурна набавка и минимален ризик.
Природниот гас е еден од енергентите што ги задоволуваат наведени постулати и се смета за енергент на 21 век.
ПРИРОДНИОТ ГАС ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Природниот гас е присутен во Република Македонија повеќе од 15 години. Македонија нема сопствени наоѓалишта на природен гас и е поврзана само со еден главен гасовод преку кој целокупното количество на природен гас се увезува од Русија. Овој гасовод оди низ меѓународниот коридор 8, кој поминува низ Украина, Молдавија, Романија и Бугарија. Магистралниот гасовод влегува во Македонија кај Деве Баир на границата со Бугарија, и се протега преку Крива Паланка, Кратово и Куманово до Скопје во должина од 98 km. Магистралниот гасовод има капацитет од 800 милиони Nm3годишно со можност за зголемување до 1.200 милиони Nm3годишно, со градба на компресорска станица на почеток на магистралниот гасовод. Максималната пропусливост на магистралниот гасовод изнесува 145 илјади Nm3/h.
За скоро 15 години постоење на овој магистрален цевковод и делумно изградената градска цевна дистрибутивна мрежа во Скопје, на нив досега беа приклучени потрошувачи кои користат само 10 до 15 % од неговиот предвиден капацитет.
Во последните пет-шест години во тек беше реализацијата на следните активности:
– Завршена е изградбата на когенеративна ТЕ-ТО постројка за добивање електрична енергија и топлина на локацијата од ТО Исток во Скопје. Таа требаше во прва фаза да троши околу 80-120 милиони Nm3 ПГ годишно, што непосредно зависи од можностите за искористување на когенеративниот топлински дел кој би се искористил за топлификација на градот, а во оптимален режим треба да троши околу 350 милиони Nm3 ПГ годишно. Вредноста на овој зафат чинеше околу 180.000.000 евра.
– Завршена е градбата на когенеративна постројка Железара и таа е пуштена во работа. Таа треба да троши околу 40 милиони Nm3 годишно. Вредноста на оваа постројка е околу 2.000.000 евра.
– Формирано е ЈП за стопанисување со природен гас и делумно е изградена градската цевна дистрибутивна мрежа во Куманово.
– Широката потрошувачка се уште не е вклучена во системот.
– Користењето на природниот гас во сообраќајот се уште не е во функција, иако во изминатите неколку години беше изведена една компресорска станица и преточувалиште на КПГ (компримиран природен гас) во Куманово (мајка) и една станица за преточување на КПГ во Скопје (ќерка). Вкупната инвестиција за двете станици изнесуваше околу 1.000.000 евра.
– Во тек е реализацијата на една голема станица мајка во близина на Скопје, опремена со две моќни компресорски единици со вкупен капацитет од околу 4000 Nm3/h ПГ, во реализација на Макпетрол. Таа ќе може да ги задоволи потребите од КПГ (компримиран природен гас) и за индустриските потрошувачи кои не се во близина на дистрибутивен гасовод и за сообраќајот преку снабдување на КБПС (компресорско бензински пумпни станици) – ќерки. Вредноста на овој проект ќе изнесува околу 2.000.000 евра.
– Изработен беше идеен проект за изградба на целосна мрежа на магистралните гасоводи на територијата на земјава. Цената на овој проект изнесуваше 1.000.000 евра.
– Исто така, се изработија и изведбени проекти за неколку делници од магистралните гасоводи во североисточниот дел на Република Македонија, поточно делниците Клечевце – Неготино; Неготино – Битола; Штип – Хамзали и Хамзали – Стојаково (према грчка граница), како и на делницата Скопје – Тетово – Гостивар. Вредноста на наведените работи за проектирање на магистралните гасоводи се движи околу 10.000 евра/км, односно за претходно наведениот пакет од магистрални гасоводи направени во оваа фаза изнесува околу 4.000.000 евра.
– Исто така беше изведен и дел од ограноците од градската дистрибутивна мрежа со кои ќе се овозможи затворање на прстенот на градската гасоводна мрежа во Скопје.
– Направени беа и проектите за гасификација на Крива Паланка и Кратово. Цената за нивната изработка е околу 40.000,00 евра.
– Направена беше и студија за изградба на дистрибутивни гасоводни мрежи во поголемите населени места во државава. Вредноста на оваа студија беше околу 900.000 евра.
– Се направи, усвои и изведе и проектот за гасификација на Струмица преку виртуелен гасовод и тој беше изведен целосно. Беа приклучени 12 јавни објекти на овој гасификационен систем. Цената на севкупниот зафат изнесуваше околу 2.000.000 евра.
– Се изработија повеќе проекти за развој на градските дистрибутивни гасоводи во Струмица. Поголем дел од нив беа и реализирани, со што се овозможи приклучување на домаќинствата кон гасоводниот систем.
– Се отпочна и во поголем дел е завршена делницата од магистралниот гасовод Клечевце – Штип. Вредноста на овој зафат изнесува околу 67.000.000 евра.
Како што може да се види, природниот гас станува сè поактуелен во Република Македонија. Свеста дека без него нема опстанок на енергетскиот систем во нашата земја и дека стандардот, индустрискиот подем и севкупниот општествен развој се тесно поврзани за него, ја прави Стратегијата на натамошен развој на оваа област многу сериозна.
Дали имаме ваква Стратегија, што е во неа предвидено за идниот развој на енергетиката во РМ?
МОЖНИ ПРАВЦИ НА РАЗВОЈ
Од претходно наведениот преглед на застапеноста на одделни енергенти во потрошувачката на финална енергија во земјава, воочливо е дека во споредба со развиените европски земји во финалната потрошувачка на енергија во Македонија многу малку е застапен природниот гас и многу е висока потрошувачката на електричната енергија. Оваа констатација е особено изразена во секторот домаќинства.
Во Стратегијата за развој на енергетиката во државава до 2020 година, со визија до 2030 година, запишано е следното:
Процентуалното учество на одделните енергенти за задоволување на потребите од финална енергија во 2020 година, според сценариото со засилени мерки за енергетска ефикасност, дефинирано е повторно со најголем дел да учествуваат нафтените продукти 40%, потоа електричната енергија со нешто помалку од 33%, биомасата 9%, јагленот 6%, топлинската 6%, природниот гас 5%, геотермалната енергија 0,9%, и сончевата енергија 0,3%.
Ова со други зборови значи дека состојбата останува таква каква што е, без значителни структурни промени во енергетиката, односно, дека македонското стопанство останува и понатаму неконкурентно, а Македонија не е земја во која може да се добијат добри услови за индустриски развој, затоа што не може да го исполни основниот предуслов за индустриски развој – доволна, континуирана, чиста и евтина енергија.
Каков ќе биде натамошниот развој на гасното стопанство и примената на природниот гас во државава, зависи од неколку фактори:
– Владата на Република Македонија и нејзината енергетска и кредитна политика;
– Енергетскиот сектор во државата и неговата способност за стратешко однесување;
– Гасниот сектор (гасните компании) и нивната способност за брзо и ефикасно приспособување кон потребите на потрошувачите;
– Проектанските и монтажерските фирми, кои треба да ги направат реални, транспарентни и остварливи сите планови и стратегии на претходно наведените фактори.
Во оваа прилика нема да ги анализираме состојбите во Македонија од овој аспект, а во наредниот број на „Порта 3“ ќе се осврнеме на можните правци и начини на натамошен развој.
Мирко Стојановски, дипл.маш.инж.