Во прекрасниот музеј „Жакмар-Андре“ (фр. Musée Jacquemart-André et Culturespaces) сместен на булевар „Осман“ во 8-иот арондисман на Париз отворена е ретроспективна изложба посветена на големиот мајстор на данското и европско сликарство, Вилхелм Хамерсхои (Vilhelm Hammershøi, 1864–1916).
Посетителите биле фасцинирани од сликите на Хамерсхои, првично изложени во Париз во Petit Palais во 1987 година, а подоцна и во Musée d’Orsay во 1997 година, кои претставуваат празни и суптилно изведени ентериери кои најчесто портретираат жена свртена со грб кон гледачот, а насликана со нежни и испразнети тонови.
Изложените слики го претставуваат целиот опус на Хамерсхои и неговата мистериозна и длабока атмосфера. Како повлечена и тивка индивидуа, Хамерсхои целиот свој живот го поминал во кругот на семејството и неколкуте блиски пријатели, кои постојано се појавувале во неговите слики: неговата мајка, сестра, брат и шура кои му позирале. Тој, исто така, ја сликал и својата сопруга Ида, која како негов омилен модел често се гледа од задниот дел на неговите платна што го направиле познат.
Исто така, на изложбата преку негови одредени дела можат да се видат и неговите релации со Франција, односно неговите две престојувања во Париз и неговото учество во изложбата Universelle во Париз (1889 и 1900).
УМЕТНИЧКИОТ КРУГ НА ХАМЕРСХОИ
Музејот „Жакмар-Андре“ ја покажува уметноста на Хамерсхои од нова, свежа перспектива што ги илустрира неговите врски со уметниците во неговиот круг. За прв пат, оваа ретроспектива ги споредува делата на Хамерсхои со сликарството на неговиот брат Свонд Хамерсхои, неговиот зет Петер Илстед и неговиот пријател, познатиот сликар Карл Холсо. Овој компаративен пристап ги нагласува нивните афинитети, разлики, но и единствениот гениј на Вилхелм Хамерсхои, уметникот на самотноста, тишината и светлината.
ИЗБОР ОД ИСКЛУЧИТЕЛНИ ДЕЛА
Четириесет дела распоредени во шест сали го откриваат мистериозниот и поетскиот свет на уметникот. На изложбата за прв пат во Франција се претставени и дела од данска уметничка колекција, кои ретко биле изложувани на големите меѓународни ретроспективи ширум светот посветени на опусот на Хамерхои. На изложбата се опфатени и позајмени дела од големите дански и шведски музеи, како што се Statens Museum for Kunst и Hirschprungske Samling во Копенгаген, Nationalmuseum и Thielska Galleriet во Стокхолм, потоа Malmö Konstmuseum, добро познатите Musée d’Orsay во Париз и лондонската Tate Gallery, како и од приватни колекции. Големите дела го илустрираат секој аспект на опусот на Хамерсхои: неговите први портрети, актови, архитектонски погледи, пејзажи и извонредните ентериери што го направиле славен.
ЕНТЕРИЕРИ
Данскиот сликар Вилхелм Хамерсхои е најпознат по поетските, скромни портрети и ентериери. Минималистичкиот интимизам на неговите ентериери и вознемирувачката атмосфера произлегуваат од неговиот очигледно ригорозен пристап што го имал кон своето сликарство.
Традицијата на холандското сликарство, кое од своите почетоци посебно го третира ентериерот, исто така е присутна во делото на Хамерсхои. Потоа линеарноста, јасната дефиниција на формата, математичката прецизност, нагласеното апстрактно чувство кога се во прашање боите присутни на палетата на Хамерсхои… Се чини дека целиот негов опус е варијација на истата тема. Меѓутоа, динамиката на повторување, сепак, е динамика. Иако, динамиката е отсутна од делото на Хамерсхои, таквото повторување сепак го повикува вниманието на набљудувачот, повторување кое сака да биде забележано.
ИНТИМНОСТ И МИСТЕРИЈА
Хамерсхои најчесто сликал „портрети“ на фигури свртени со грб во однос на набљудувачот, за разлика од „класичните“ портрети со целосни лица. Тие биле претежно жени, секогаш поставени во еден вид неподвижни, тивки, мистериозни и отсутни состојби. Речиси секогаш се без какви било индикации за нивните евентуални карактеристики и изрази на лицата. Нивните фигури најчесто биле обоени од префинетата палета на црна, сива, бела и кафеава боја, кои најчесто се преклопувале. Светлината која имала суштинска улога во делата на Хамерсхои, била исполнета со флуидна сина боја која во неговите слики лесно се „движела“ преку вратите, преку подовите на ентериерите или на високите прозорци, и празнично допирала до ѕидовите. Композициите се секогаш под прав агол. Линиите на столовите, ѕидните лајсни и масите со садови се секогаш претставени со некаква протестантска строгост. Таквата остра геометрија ги поништува кривулестите движења на женскиот врат, главата и облеката, садовите исполнети со богати јадење и декорираните елементи на мебелот.
Вилхелм Хамерсои си играл со перцепциите на набљудувачот кога се во прашање состојбите како што се тврдо или меко, реално или имагинарно. Така, на пример, тврдиот порцелан во неговите слики се дематеријализира во бела боја, додека дрвената плоча на масата преминува во една недефинираност, а нематеријалната светлина го осветлува обоениот ѕид. Во неговите познати „ентериери“, црното здолниште на жената знае да исчезне кога светлината си игра над сивата блуза. Творештвото на Хамерсхои зрачи со интимност и мистерија. Сè е сведено на претпоставки. Дури, не може јасно да се одреди тематски на која класа ѝ припаѓаат фигурите или насликаните предмети. Нечиј фустан или блуза може да бидат од памук или од кадифе, може да припаѓаат на жена од повисок општествен ранг, а можеби да припаѓаат и на нечија слугинка.
Сеќавања, архетипски слики обликувани во студени поетски атмосфери. Тивки и студени соби од одредени тонови. Нема ништо ирационално во просторот што ни го покажува Хамерсхои, нема ништо ирационално во неговите слики, односно нивната „музика“ не го напуштила прастариот канон, математичкиот (питагорејски) принцип на хармонија.
Или можеби, сепак, мала пристојна доза на сомнеж останува, односно мала тајна прерасната во прашина: Што се случувало во тие простории, што се случило со тие ентериери, каде отишле и исчезнале лирските субјекти на Хамерсхои, што очекувале истите тие додека самотно и отсутно стоеле или седеле свртени со грб кон набљудувачот? Дали меланхолијата овде којашто молчи и само молчи соодвестува на лесната и пространа сина боја? Дали тука музиката на меланхолијата и сината материјализација на светлината колку што се поттикнуваат, толку меѓусебно и се поништуваат?
Важно е да се забележи распоредот на предметите во сликите на Хамерсхои, кој одвреме- навреме се менува. Предметите, како исклучително важен и присутен мотив во творештвото на овој дански уметник, имаат сугестивна моќ. Во тие вазни, на тие клавири и други одложени инструменти, положено е сеќавањето, евоциран е последниот момент. Каде се тие што свиреле во тие простории?
Присуства полни со отсуства сочувани во светлината, предметите, во празнината…
Сепак, делата на Хамерсхои не се дескриптивни за да можеме да ги рационализираме и тематизираме со „соодветен“ одговор. Одговор кој и воопшто не е потребен.