Светскиот фонд за природа (WWF) во соработка со регионалните граѓански организации во рамките на проектот СЕЕ СЕП објави нов извештај: ОВЖС/СОЖС на хидроенергетските проекти во Југоисточна Европа – исполнување на стандардите на ЕУ.
Во извештајот, кој е подготвен во соработка со тим од меѓународни независни експерти, се испитува квалитетот на 25 оцени на влијанието врз животната средина (ОВЖС) и 2 стратешки оцени на влијанието врз животната средина (СОВЖС) направени за хидроенергетски проекти во седум земји во изминатите пет години, со цел да пронајдените грешки во овие случаи се избегнат во иднина.
Во извештајот се заклучува дека главните недостатоци доаѓаат од фактот дека транспонирањето на директивите на ЕУ не било дополнето со посебни правила, прописи и насоки, со цел да се обезбеди целосно спроведување на барањата во директивите. Најсериозните пропусти се поврзани со распространетото неприменување на стандардните постапки од страна на надлежните органи, како што се недостаток на јавна дебата и транспарентно донесување на одлуки, но има и сериозни недостатоци во однос на содржината на студиите, како што се многу ограничени теренски истражувања и користење на застарени научни податоци.
„Општo, стандардот на ОВЖС и СОЖС студиите во регионот е многу низок. Креаторите на студиите често ја игнорираат својата професионална одговорност и креираат лоши проценки без да се направат фундаментални истражувања и анализи. Многу студии се потпираат на хидролошки и еколошки податоци од пред 20-30 години и не содржат податоци за користење на земјиштето и климатските промени. Алтернативни и кумулативни влијанија ретко се истражуваат, а истото важи и за зачувување на природниот проток во реките како би се заштитиле биолошката разновидност и другите корисници на водата низводно“, изјави Питер Џ Нелсон, уредник на извештајот.
Овие недостатоци се јавуваат во дел и поради недоволните финансиски и технички капацитети во министерствата и агенциите, но тие исто така се одраз на незаинтересираноста на надлежните органи да во процесот на учество на јавноста целосно ги вклучат локалните заедници и невладиниот сектор. Во извештајот се заклучува дека овој отпор произлегува од длабоко вкоренетите традиционални практики, политичкото влијание на приватните интереси, а во некои случаи и поради корупција и нелегални активности.
„Проценките на вијанието врз животната средина се од особено значење во енергетскиот сектор, каде што одлуките можат да имаат долгорочни ефекти врз структурата и потрошувачката на енергија, како и врз општата состојба на животната средина во регионот и во земјата како целина. Во случајот на хидроенергетските проекти, студиите за ОВЖС се од особено значење за да се осигура дека нивното влијание врз екосистемите на реките е што е можно помало. Треба да се напомене дека осигурувањето на рано и ефикасно учество на јавноста е еден од клучните елементи на оценката на влијанието врз животната средина, со што се зголемува легитимитетот на било кој проект“, изјави за извештајот Јанез Копач, Директор на Секретаријатот на Енергетската заедница.
„Негативните еколошки и социјални влијанија на големите хидроцентрали се добро познати, а во извештајот исто така се истакнуваат и сериозните последици на мноштво мали хидроцентрали, кои сега активно се промовираат низ целиот Балкан во некои од највредните Натура 2000 региони, без соодветни мерки за заштита на природата“, изјави Петра Ремета, од Програмата за слатководни системи, ВВФ Адрија.
Потребно е итно дејствување на сите нивоа, од ЕУ и големите инвестициски банки, до одделните влади, регулатори, експерти, инвеститори и консултанти. Извештајот дава 25 препораки, вклучувајќи и регионална студија за енергија и заштитени подрачја како и насоки за подготовка на ОВЖС/СОЖС студии. Извештајот дава детални препораки до одделните влади за да студиите во иднина се изготвуваат подобро и попрофесионално.
Организации потписници се:
СЕЕ Чејнџ Нет (БиХ), Аналитика (Македонија), АТРЦ (Косово), ЦЕКОР (Србија), ЦПИ (Босна и Херцеговина), ЦЗЗС (Босна и Херцеговина), Доор (Хрватска), ЕДЕН (Албанија), Еколевезија (Албанија), Еко свест (Македонија), Форум за слобода во образованието (Хрватска), Фрактал (Србија), Фронт 21/42 (Македонија), Грин хоум (Црна Гора), МАНС (Црна Гора), ВВФ Адриа, ЦИЕ Бенкцоч Нетворк.
Линк до целосниот извештај на англиски: www.seechangenetwork.org/