На 18 декември 2017 година Комората на овластени архитекти и инженери на РМ – КОАИ одбележа 10 години од своето постоење. На пригодната свеченост по четврти пат беше доделена награда за архитектура „Борис Чипан“. Оваа година наградата отиде во рацете на архитектите од Ателје Ајвар, Ранчо Христов и Миодраг Радоњиќ – Бато. Наградата „Борис Чипан“ е најголемо признание кое КОАИ го доделува на своите членови за значајни достигнувања и постигнати резултати остварени во сферата на архитектонското творештво, просторното и урбанистичко планирање, градителството.
Ранчо и Бато
Комисијата високо го вреднуваше нивниот богат творечки опус во архитектурата и урбанизмот, со многу чувство за актуелниот миг и современо квалитетно творештво. Комисијата особено ја нагласи многустраноста на нивниот опус и влијанието кое го оставиле во архитектурата како проектанти, урбанисти, учесници на многу конкурси и нивната општествена активност.
Ранчо Христов и Миодраг Радоњиќ – Бато се архитекти кои со децении, непрекинато се посветени на проектирањето. Нивното творештво е со континуитет и богата активност во проектирање на комплексни објекти, како по својата функција, така и по своето значење. Објекти со широк програмски опфат кои се значаен сегмент од современата македонска архитектура. Изработиле голем број проекти и реализации во нашата земја, во регионот и во странство. Богати биографии со творештво и во сферата на архитектонското проектирање и на урбанистичкото планирање. Работат со децении заедно, како нераскинлив тандем во „Ателје Ајвар“. Општествена активност и во САМ и ААМ, како членови на Здружението, членови на комисии и претседател на Собрание на ААМ (Миодраг Радоњиќ). Исклучителен, сестран ангажман во иницијативата при формирање на КОАИ. Членови на првото Собрание на КОАИ.
Наградата „Борис Чипан“ им е важна, им значи, особено што го носи името на нивниот пријател и соработник, професорот Борис Чипан. Ранчо Христов вели: „Секоја награда е важна особено кога ја добиваш од колеги професионалци, но оваа има уште едно значење затоа што го носи името на нашиот професор Борис Чипан со кого имавме соработка од студентските денови, потоа преку претпромоција на неговата книга за црквата Света Софија во Охрид, во просториите на „Ателје Ајвар“, па честа да ја отвори нашата втора јубилејна изложба „25 години Ателје Ајвар“ во склоп на БИМАС 2002, па сè до конкурсот за Градска куќа на Град Скопје (Стара железничка станица) кој го работевме со него во 2004-та година.“
Радоњиќ додава дека наградата за него има и емотивно значење: „Наградата ми е значајна затоа што се доделува за „придонес во развојот на архитектонско-инженерската струка“, определба за која перманентно се залагаме од почетокот уште како неформална „Група Ајвар“ во периодот 1976-1991, а особено по регистрирањето како професионална проектантска фирма „Ателје Ајвар“ од 1991 година па сè до денес. Тоа е она што ме исполнува на професионален план, како признание од нашите колеги. Но и емотивно посебно ми е значајна, поради врската со професор Борис Чипан кој остана до крај наш другар, а највеќе наш учител, кој во однос на многу дилеми на современата архитектура имаше современи и прогресивни гледишта. Особено сме горди и благодарни на неговата поддршка на нашите ставови и однос кон актуелните збиднувања во архитектонско-урбанистичко планирање и реализација во нашиот град“.
Изложба 25 години Ателје Ајвар, проф. Борис Чипан
Како дел од нивната основна заложба за подигање на нивото на архитектонската струка, Христов и Радоњиќ активно учествуваат во сите сегменти на долгогодишните подготовки за основање на Комората, членови се и на основачкото Собрание. Но не е до крај исполнета нивната визија за независна, стручна Комора која ќе успее да ги вреднува и почитува стручноста и инженерите. Христов вели дека „и покрај поддршката од GeTeZe и германската Комора не успеавме да бидеме самостојна Комора, туку сме под капата на ресорното Министерство и дел од Законот за градење, а не со посебен закон, како законот за адвокати, извршители, нотари и други професионални комори. Резултатот на таквата поставеност е тоа што и по 10 години постоење не се донесе ценовникот за професионални услуги.“ Радоњиќ надополнува: „Имав чест и привилегија основањето на Комората да се случи во време на мојот мандат како претседател на Собранието на ААМ, но и покрај сесрдното залагање на управата и целото членство, Комората да биде независна и професионална, таа се оформи во склоп на извршната власт и како таква до ден-денес остана подложна на нејзиното и на дневно-политичкото влијание. Токму таквите влијанија оневозможија донесување на ценовник за минимални гарантирани цени на нашите професионални услуги“.
Без достојна цена невозможно е да се добијат квалитетни инженерски услуги, да се создава и негува технички кадар во континуитет. „Ателје Ајвар“ секојпат имало став дека проектирањето е основен и најбитен дел на секоја инвестиција и дека така и треба да биде ценето. Радоњиќ вели дека „за нас е карактеристично нашето искуство, во соработката со тогашниот „СИЗ за домување“. Имено за своите потреби СИЗ-от, меѓу останатите, постојано бараше понуди и од „Ателје Ајвар“. Во тоа време, како на најголем инвеститор, ние редовно им ги доставувавме понудите со цени, од нашиот утврден ценовник, кои во тој период беа највисоки на пазарот. По неколку години ги прашавме колегите од СИЗ-от, зошто воопшто бараат понуда од нас, кога на толку понуди не ни доделиле ниедна работа. Ни одговорија дека благодарение на нашите понуди, прифатливата цена на СИЗ-от за проектирање порасна (во тоа време германски марки) од 10 на 15 ДEM/м2, т.е. цели 50 %. Да, не добивме работа, но добивме сатисфакција дека сме сториле нешто за нашата професија. За жал и тоа исчезна со новите форми на тендери и јавни набавки.“
Куќа на УНЕСКО (Музеј Мала станица) – Скопје
Христов и Радоњиќ сè уште се залагаат и убедени се дека единствено со реална, гарантирана цена на услугите може да се подигне реномето на струката. Оставена без таков основен инструмент, во своето 10-годишно постоење, Комората не успеа, а не ни можеше, да ја оствари основната цел за што е формирана – да ја заштити струката и да ја подигне на повисоко ниво. Радоњиќ вели: „Лично сметам, дека струката е падната на досега најниско ниво, а нејзините актери, иако едни од главните промотори на стопанскиот развој, работат и опстојуваат под минималното ниво на професионално и човечко достоинство. Се надевам дека ова ќе се разреши во најскоро време и дека Комората ќе стане реален поддржувач и заштитник на струката. Во спротивно, најверојатно, ќе го загуби својот легитимитет и поддршка од членството, кое ќе мора да побара нови форми и начини на еснафско здружување и професионална заштита.“
Урбанистичкото планирање веќе почнува да ни доаѓа до глава и е незаобиколив, а на моменти се чини и нерешлив проблем. Радоњиќ кој долги години работел како урбанист во Републичкиот завод за урбанизам смета дека „урбанизмот е повеќедисциплинарна наука со сите свои научни закономерности и правила. Тука, благодарејќи на несоодветната законска регулатива, најкомпетентни станаа нестручни политичари, а особено градоначалниците кои се и локалните моќници. Тие „по легален пат“ го крчмат просторот, главно во свој интерес, туркајќи ја струката и науката на маргините. Е, во таа насока треба да престане да се движи урбанистичкото планирање и да се врати во ингеренции на професионалците, а сè во интерес на заштита на нашиот најзначаен ресурс – ПРОСТОРОТ“. Христов е дециден дека „Урбанизмот се движи во погрешна насока. Единствениот простор кој го имаме, а тоа е 200 на 200 километри, е лошо испланиран со концентрација на население на еден потег од Гостивар до Куманово и дневно производство на 500 до милион степени топлина само од луѓето. Уште полош случај е самиот град Скопје.“
Конкурс за Градска куќа на Град Скопје
Веќе не е тајна дека архитектонската професија сè повеќе го губи здивот. Нивото на квалитетот и стручноста и на проектите и на инженерите со децении тоне. Проектирањето се одвива во мали проектантски бироа, големи бироа со континуитет и повеќе инженери, архитекти и останатите фази, веќе не постојат. Младите инженери тешко доаѓаат до вработување. За квалитет во архитектурата потребен е и континуитет и место каде се пече занаетот и каде знаењето се пренесува од постарите на помладите колеги. Состојбата предолго трае затоа и кадрите ги снемува.
Станбен објект ХРРМ – Скопје
Радоњиќ зборува и за овие состојби. „Најголемата разлика во споредба со минатото, во периодот на нашите почетоци, е во односот кон струката и во почитувањето на научните закономерности, правила и нормативи. Во тој период за добриот проектант, покрај знаењето и креативноста, неопходно беше и познавање на основните правила и нормативи на струката, во зависност од видот и намена на поедините објекти, како и законската регулатива. За совладување на тоа беше потребно повеќегодишно дообразување низ пракса, од соработник до одговорен проектант. Така се стекнуваше знаење и професионално искуство, а се стекнуваше и почит и доверба од инвеститорите. Денес проектантите, оставени сами на себе институционално незаштитени, се судираат со ароганцијата на инвеститорите кои имајќи средства и моќ сметаат дека со тоа имаат и знаење, па многу често ги принудуваат да излезат од рамките на струката за сметка на нивните интереси.“
Во своето творештво добитниците на наградата „Борис Чипан“ имаат значајни објекти и кога работеле посебно. Ранчо Христов во проектантското биро „Маврово“, а Радоњиќ-Бато во Завод за Урбанизам на РМ – „ЗУМ“ и потоа како тандем во „Ателје Ајвар“. Радоњиќ за своето работење како урбанист би ги издвоил „архитектонско-урбанистичките проекти за локалните центри во Автокоманда и Кисела Вода кои како компилација на деловни и станбени содржини беа актуелни во тоа време.“ Додека Христов за своето работење во „Маврово“ го издвојува станбениот блок на булевар „Св. Климент Охридски“ и Трговскиот центар „Беверли Хилс“ во Капиштец, Скопје.
Од проектите на кои работат заедно во „Ателје Ајвар“ се издвојуваат: Станбените објекти ХРРМ 001, 002, 003, 004, ентериер на Британски совет (British Council) во Скопје, Музеј „Мала станица“ – Куќа на УНЕСКО – Скопје, Катна гаража „АБ“ во населба Аеродром – Скопје, Хотел „Илинден“ во Крушево, Бизнис-центар „Мак Ауто Стар“, Скопје.
Катна гаража „АБ“ во населба Аеродром – Скопје
За творештвото и работењето на „Ателје Ајвар“ Радоњиќ вели: „Постојано преовладува духот на тимското работење и индивидуалната посветеност на секој проект, така што ми е тешко да правам некои посебни поделби. Карактеристичен е и нашиот афинитет за проектирање на функционални и рационални станови од што произлегоа и проектите за повеќе колективни и индивидуални станбени објекти. Покрај веќе наведените објекти како посебно искуство би го издвоил конкурсниот труд за „Општина Центар“ во кој со нашите помлади соработници и дипломци на УКИМ, успеавме да испроектираме еден современ мултифункционален комплекс во кој имплементиравме елементи – мотиви од нашето традиционално културно творештво“.
Конкурс за административен објект на Општина Центар
Хотел „Илинден“- Крушево
Семејна куќа, населба Жданец – Скопје