Брачен пар нарачале проект за куќа од архитектот Хесус Пералес, кој ќе биде дом во шпанскиот град Елс Боксос за нив и нивните две деца. Ова четиричлено семејство има многу хобија, како музика, сликање и готвење, па затоа сакале куќа во која ќе можат заедно да уживаат во сите овие активности.
Така, целта на проектот била јасна. Неопходно било да се осигура дека сите членови на ова семејство можат да поминуваат што повеќе време заедно, без разлика во кој дел од куќата се наоѓаат.
Второто барање на клиентите било да се обезбеди потребната количина на приватност во однос на улицата и да се воспостави контакт со соседното лозје. Резултатот е куќа со неправилна форма, со малку отвори кон предниот дел на улицата и доста отворена кон пејзажот на лозјето.
Просторната артикулација на куќата од 210 метри квадратни се заснова на различни континуирани правци, со централна оска која се состои од застаклена внатрешна тераса. Ова овозможило да се формира куќа со кружно движење во неа и визуелно да се поврзат различни делови од куќата.
Со ваквото формирање на организацијата се постигнало чувство дека членовите на семејството се секогаш поврзани, без разлика дали возрасните подготвуваат вечера додека децата си ја вршат домашната задача.
Покривите се бетонски, а видливи се оставени тулите како и други неправилности.
“Сакавме да и дадеме на куќата чувство на хуманост работејќи со изложени материјали, како што се тули, бетон и дрво. Изградбата следеше традиционални методи на работа. Кога се подигна конструкцијата, ѕидовите и таваните се покриени со дрвена изолација, со цел да се обезбеди природна и воздушна изолација, без топлински мост“, објаснува архитектот за ArchDaily.
Централната застаклена тераса овозможува различните простории во куќата да функционираат како голема семејна соба каде се собираат сите станари.
Секоја соба од куќата била изградена независно, дел по дел, со сегментирани наклонети покриви, кои на секоја од нив и давале различна експресивност, велат архитектите.
Куќата е завршена во 2018 година и оттогаш го привлекува вниманието на јавноста и медиумите.