Насловна / Архитектура / Непознатиот великан на „големата војна“ и градежништвото

Непознатиот великан на „големата војна“ и градежништвото

Дури и оваа година кога се одбележува стогодишнината од крајот на Првата светска војна или „големата војна“ (како што понекогаш се нарекува во Британија), доколку направите веб-пребарување за името „Бери Харолд Оливер Армстронг“ (Bertie Harold Oliver Armstrong) резултатите најчесто ќе ве донесат до веб-страницата на Британскиот национален архив каде ќе го најдете следниот запис поврзан со преписка која се чува во архивот:

„Армстронг, Бери Харолд Оливер (1873–1950)
полковник, колонијален администратор“.

Покрај ова веројатно ќе дојдете и до линк на една од Листите на честа (Roll of Honour) како онаа за Втората светска војна на Корпус Кристи колеџот во Оксфорд каде се презентирани биографиите на студентите на овој колеџ коишто го загубиле својот живот во оваа војна. Меѓу нив се наоѓа и името на Армстронг, Ричард Џорџ де Лињи (Armstrong, Richard George de Ligny, 1920–1941), студент по класични студии на Универзитетот во Оксфорд (1937-1940) и единствениот син на полковникот Армстронг и Дороти Моуд Армстронг (Dorothy Maud Armstrong), а којшто на 21-годишна возраст како втор поручник исчезнал, се смета за загинат, во Перак, тогашна Малаја, а која е дел од денешна Малезија.

За полковникот Армстронг, релативно малку се знае и сè главно се сведува на тоа дека тој бил роден во Квебек (Quebec), Канада, дека бил кралски инженер (Royal Engineer), односно воен инженер, и дека за Нова година 1919 година бил одликуван од кралот Џорџ Петти (King George V) со орденот „Придружник на Редот од Св. Мајкел и Св. Џорџ“ (Companion of the Order of St Michael and St George – CMG). Пребарувањата за полковникот Армстронг нема да ве одведат до опширни биографии или слични податоци, а уште помалку до фотографија преку која ќе може да се види неговиот лик. И покрај ова, овој скоро невидлив инженер од преминот на 19-тиот во 20-тиот век се смета дека дал несомнен придонес во доменот на градежништвото и во рамките на Првата светска војна.

2

Контекстот од кој придонесот на полковникот Армстронг произлегува од почетокот на Првата светска војна. Обединетото Кралство се вклучило во Првата светска војна на 4-ти август 1914 година. Мирнодопскиот состав на Британската војска се смета дека бил релативно мал и изнесувал, не сметајќи ги резервистите во територијалните сили, нешто помалку од 250 илјади припадници од коишто приближно половина биле распоредени по колониите со исклучок на Австралија, Канада и Нов Зеланд. Со вклучувањето во војната се појавила потреба за зголемување на бројноста на вооружените сили при што значајна улога одиграл новоименуваниот министер за војна, лордот Херберт (Хорацио) Киченер (Secretary of State for War, Lord Herbert (Horatio) Kitchener) кој и самиот загинал во војната во 1916 година при потонувањето на бродот со кој патувал на мисија во Русија.

1

Лордот Киченер покрај својата воена и политичка кариера особено се истакнал со успешната кампања за регрутирање на војници доброволци. Неговата кампања овозможила до почетокот на 1916 година да се регрутираат над 2,6 милиони волонтери, за на крајот на војната Британската армија да брои нешто помалку од 4 милиони лица. Се разбира приближно 10-кратното зголемување на воените сили во период од само 4 години создало особени логистички проблеми.

3

Еден од клучните проблеми со коишто се соочил лордот Киченер и Британската армија биле ограничените можности за сместување на новите регрути. Така на почетокот на Првата светска војна Британската армија имала капацитет да смести околу 175 илјади припадници во ѕидани касарни во земјата. Преку заминувањето на семјствата на воениот персонал од касарните капацитетот за сместување се зголемил од околу 87 илјади до вкупно околу 262 илјади легла. Сепак оваа релативно голема бројка ни оддалеку не била доволна да се смести засилената Британска армија по масовниот одговор на повикот на лордот Киченер за пријавување на доброволци.

Со донесувањето на „Законот за одбрана на владетелството од 1914 година“ (Defence of the Realm Act 1914) властите се стекнале со права коишто им овозможуваат пристап и користење на приватни имоти за воени потреби. Ова овозможило 800 илјади регрути да бидат сместени во цивилни објекти како големи јавни објекти, магацини, фабрики, шатори и приватни куќи. Се разбира ова не претставувало ниту долготрајно ниту соодветно решение.

10

Лордот Киченер, којшто и самиот бил кралски инженер, се покажало дека бил визионер кој рано ги согледал проблемите со коишто ќе се соочи. Оттука на кратко по стапување на функцијата министер, тој му се обратил на директорот за фортификации и градежни работи генерал мајорот Џорџ Скот-Монкриф (Director of Fortifications and Works, Major General George Scott-Moncrieff), од кој побарал да понуди решение со коешто би се обезбедило сместување за околу половина милион воен персонал. Наредбата за оваа задача му била доделена на тогаш мајорот Армстронг на 14-ти август 1914 година, само десет дена по вклучувањето на земјата во војната. Записите говорат дека тој во рок од само два дена со својот главен соработник Џ. Д. Мичел (Chief Assistant J. D. Michel) и мала група на технички цртачи ги изготвил главните проекти и изведбените планови за типски проект за воен камп со бараки (huts) за сместување на еден баталјон во полн воен состав вклучително со проектот за фази и опремување на камповите. Проектот се состоел од околу 17 решенија коишто ги покривале различните видови на потребни објекти во составот на еден воен камп.

14

Основниот проект бил за барака со димензии од 6 на 18 метри во основа и 3 метри висина со двоводен кос кров, две врати, по една на секој калкански ѕид и по 6 прозорци на секоја од подолгите фасади. Бараките за сместување биле испроектирани за капацитет од 25 лица (24 војници и еден офицер) со рамовска дрвена конструкција, надворешна завршна обработка од брановиден лим на надворешните ѕидови и кровот, а внатрешна облога од азбесни плочи. Барем една печка на гориво била предвидена за да го обезбеди греењето на објектот. Како подоцнешна варијанта на оригиналниот проект се појавила и барака со длабочина од околу 8,5 метри која нудела нешто покомфорни услови за сместување и била поприлагодлива за други намени.

11

Документите укажуваат дека со тек на времето оригиналните планови биле адаптирани со цел да се прилагодат на состојбите во услови на војна. Така, недостигот на лим наложил фасадите на објектите да се обложат со дрвени штици и слични материјали, наместо брановиден лим, а капацитетот на сместување значително се зголемил. Ова според одредени автори придонело за создавање на нехигиенски услови, пренос на заболувања и проширување на зарази. Дополнително, со цел да се заштедат колку е можно повеќе средства, оригиналниот проект бил подложен на рационализација преку која сите „луксузни“ аспекти на бараките биле исфрлени и проектите биле симплифицирани до максимум.

Едноставноста на бараките овозможила тие да бидат изработени од локални или увезени материјали од страна на припадници на инженерските единици или локални градежни работници и тоа не само во рамките на Велика Британија туку и во други земји, како на пример Франција, каде што биле користени не само за сместување на единиците на подготвителна обука, единиците во подготовка или за одмор по воени дејствија во близина на фронтот, но и за потребите на привремените, „полските“ воени болници и други намени.

8

Според организацијата Грејт Вар Хатс (Great War Huts), во текот на втората половина на 1914 година и во текот на 1915 година низ Велика Британија биле изградени вакви бараки со вкупен сместувачки капацитет од 850 илјади припадници на вооружените сили, и оттука според нив станува збор за „најголемиот градежен проект од овој вид кога било во Велика Британија или во која било друга земја“.

15

Оттука веројатно може да се согледа и придонесот на полковникот Бери Харолд Оливер Армстронг не само во доменот на градежништвото, туку и во доменот на Првата светска војна. Ова негово значење не произлегува од големината на неговиот творечки опус, туку од обемот на реализација на проектот со кој тој раководел и фактот дека преку проектите на своите бараки овозможил похумани услови за сместување не само на регрутите и војниците, туку и за лекување на делот од околу 1,6 милиони повредени лица во текот на војната од коишто околу 290 илјади починале како резултат на рани, повреди и заболувања. Вкупниот број на загинати и исчезнати се проценува на околу 900 илјади лица.

13

Во понатамошниот тек на војната се појавиле и други видови бараки и времени објекти од кои вкупно пет вида се препишуваат на делото на полковникот Армстронг. Научната дебата по ова прашање е резултат на тоа дека оригиналните архиви биле уништени при бомбардирање на Лондон во 1940 година кога бил уништен објектот на Воениот архив, така што сите понови истражувања се базираат на други сочувани извори. Во овој контекст голем придонес во последните години имаат дадено д-р Кери Л. Дрејпер (Karey L. Draper) и д-р Џејмс Дупло В. П. Камбел (James W. P. Campbell) од Квинс колеџот во Кембриџ и Одделот за архитектура при Универзитетот од Кембриџ, а коишто се обиделе да дадат одговори на одредени прашања сврзани со творештвото на полковникот Армстронг.

12

По завршувањето на Првата светска војна дел од овие бараки биле продадени и долги години се користеле за разни намени како сали во рамките на цркви, помали населби или друг вид на објекти. Стогодишнината од Првата светска војна во голема мерка го има зголемено интересот на јавноста за овој период од историјата на земјата, како резултат на што се прават напори да се сочуваат и реставрираат дел од преживеаните објекти од овој вид. Еден од ваквите обиди претставува и проектот за зачувување на остатоците од воениот камп во Канок Џејс во Стафордшајар (Cannock Chase, Staffordshire) во којшто во периодот на Првата светска војна биле сместени дури 40 илјади припадници на воените сили, како и бројни други примери на зачувување на оригинални бараки организирани од страна на добротворни организации и групи и ентузијасти.

5

За жал се чини дека ние денес не го знаеме ликот на полковникот Бери Харолд Оливер Армстронг и знаеме многу малку за неговиот живот и дело. Истовремено, неговите современици одамна ги нема. Но она што останува се сочуваните примероци на бараките коишто тој ги испроектирал и сеќавањата за барем дел од оние 850 илјади лица чиешто сместување тој го потпомогнал преку своите проекти само во првите две години на една од најстрашните и најкрвавите војни во историјата на човештвото.

Испрати коментар

Scroll To Top