Насловна / Арт и дизајн / Непозната страна на Ник Кејв – прва музејска изложба на керамички фигури

Непозната страна на Ник Кејв – прва музејска изложба на керамички фигури

Од Ник Кејв сме навикнати на музика, моќен, длабок, слоевит музички опус и затоа е малку познато дека овој австралиски уметник во своите помлади години студирал и сликарство на Caulfield Institute of Technology во Мелбурн, пред да го напушти ателјето за да се посвети на музиката. Во музејот Voorlinden во холандското градче Wassenaar од 14 декември 2024 до 16 март 2025 се одржа негова прва самостојна изложба.

Во неговата прва независна музејска изложба, Кејв се претстави со циклусот The Devil – A Life. Преку седумнаесет рачно насликани керамички фигури, Кејв го раскажува животот на ѓаволот – од неговото раѓање до неговата смрт, а музејот Voorlinden ја откупи целата серија. Серијата е создадена во периодот од 2020 до 2024 година, Кејв вели дека периодот на пандемијата, кога престанал со турнеите, ги отворил вратите на ателјето во кое повторно влегол по долги години. Потоа го затекнала уште една семејна трагедија, а ова бил начин „визуелно да се истражи сложеноста на човековото постоење“, велат организаторите на изложбата.

Серијата глазирани керамички фигурички го прикажува животот на Ѓаволот низ 17 сцени – од невиноста, преку искуството, па сè до соочувањето со сопствената смртност. Кејв инспирација нашол во Staffordshire flatback фигурите, кои во викторијанското доба станале популарни украси за камини. „Она што започна како желба да создадам мала фигура на ѓавол за да ја истражам интензивната црвена глазура се претвори во патување кон некаков вид на искупување по серија потресни настани“, вели Кејв.

Кејв го прикажува Ѓаволот како несовршена, но препознатлива фигура, нагласувајќи ја мешавината на доброто и злото што постои во сите нас. Во серијата на Кејв, младиот Ѓавол го наследува светот, расте и се заљубува. Храбро се соочува со лавот и оди во војна. Меѓутоа, тој потоа го убива својот првороден син, поради што е отфрлен од општеството, а тој станува обична сенка од она што некогаш бил. На крајот доживува понижувачка смрт, но во последната сцена постигнува постхумно простување на детето. Преку своите искуства и неговиот живот, тој станува симбол на мрачните, ирационални страни на човештвото, но во исто време го отелотворува нашиот заеднички стремеж да бидеме подобри.

Кејв ја прикажува еволуцијата на Ѓаволот низ времето, следејќи го низ низа симболични фигури, како што се крваво-црвениот мајмун и коњ во црвена, црна и бела боја – нијанси на тројцата коњаници на Апокалипсата од Книгата на откровението. „Staffordshire flatback фигурите традиционално биле масовно произведени украси за камини, но во рацете на Ник Кејв тие стануваат вистинска уметност. Оваа длабоко лична серија на скулптури, преку силни бои и композиции, ја раскажува приказната за Ѓаволот како обичен човек, обликуван од победи, таги и каење“, изјави за изложбата Suzanne Swarts, директорка на музејот Voorlinden.

Испрати коментар

Scroll To Top