Во организација на Здружението Македонски комитет за големи брани (ЗМКГБ или MACOLD), во првата половина на мај беше реализирана стручна посета на брани со придружни објекти и хидроцентрали во Италија.
Речиси педесетина членови на ЗМКГБ, вработени во градежни компании, водостопански претпријатија, инженеринг фирми и научни институции во Република Македонија, имаа можност да видат некои од неповторливите решенија на вештите градители на брани од Италија.
Стручната екскурзија беше во целост спроведена според усвоената техничка програма, предложена од претседателот на Италијанскиот комитет за големи брани (ITCOLD), Giоvanni Ruggeri. Според најновите податоци на ICOLD, во регистарот за големи брани (каде меродавен критериум e, конструктивната височина да е поголема од 15 м), во светот се евидентирани 58.266 брани, од кои 542 се големи брани во Италија.
Со оваа стручна посета на брани, која всушност е трета организирана од MACOLD, е избрана Италија, зашто таа има изградено квалитетна и разновидна водостопанска и хидроенергетска инфраструктура, чие запознавање може да го унапреди искуственото знаење на хидротехничарите од Македонија.
Во текот на петте дена беа посетени хидросистемот Ravedis, гравитациона брана лоцирана во сливот на реката Челина, во регионот Фриулу, потоа акумулацијата Barcis, која е во непосредна близина на акумулацијата Реведис, на околу 10 км низводно, па браната Vajont, хидроцентралата Soverzene, брана изведена во тесен кањон во сливот на реката Пјава. Овде е интересно да се каже дека идејата да се формира хидројазел на ова место била стара и планирањето на проектот почнало уште од 1920 година, а браната била изградена во периодот 1958-1960 година.
На 9 октомври 1963 година, делувиумот во левиот бок од околу 270 милиони m3 се лизнал во акумулацијата (која била на ниво 30 м под круната), за неверојатно кус период од само половина минута. Наглото свлекување направило џиновски бран од 50 милиони m3 вода, кој се прелил преку браната, истекол низводно по кањонот на реката Пјаве и го збришал гратчето Лонгароне (4 км низводно од профилот) и три села, однел повеќе од 2.000 животи и направил непроценлива штета. Браната, иако врз неа се прелил млаз повисок од 100 m над круната, практично останала неоштетена.Беа посетени и хидроцентралата San Giacomo, со машинска зграда на брегот на езерото Гарда, хидроенергетскиот јазол Isola Serafini на реката По, што се состои од ниска бетонска преливна брана со табласти затворачи, речна хидроцентрала и бродска преводница. По претставува еклатантен пример како треба да се планира идниот енергетски развој на Вардарската Долина, на потезот од Велес до Градец. Последна беше посетена браната Bilancino, која се наоѓа во сливот на реката Арно, во областа Тоскана.
Општиот впечаток на сите учесници на стручната екскурзија беше, дека таа беше добро осмислена и успешно спроведена. Од една страна, посетени беа разновидни типови на брани – бетонски (лачни, масивна и ниска бетонска преливна брана) и насипна, различни видови на хидроцентрали (надземни и подземни, крајбрански и речни, акумулациони и деривациони, класични и пумпно-акумулациони) и уникатни решенија за преливни објекти со контролирано преливање, што на најдобар начин ги отсликуваат креативните и неповторливи решенија на вештите градители на брани од Италија.
Учеството на вакви стручни екскурзии е од непроценливо значење за хидротехничарите, посебно за помладите колеги, независно од тоа дали се занимаваат со теориска или практична дејност. Овие настани се одлична прилика за добивање на нови сознанија, како и за неопходни контакти и комуникација со колеги од други средини. Ја ползувам оваа пригода да се заблагодарам на докажаните пријатели на ЗМКГБ и спонзори/донатори на оваа стручна екскурзија со чија несебична финансиска поддршка беа покриени трошоците на организаторот.
На крајот, би сакал да се заблагодарам и на сите други фирми инволвирани во „Инженерството за брани“, чии вработени беа учесници во посетата на браните во Италија. Исклучителната сериозност и студиозност на групата, составена од поединци со различна професионална ангажираност и искуство, се најдобриот потстрек за ЗМКГБ во иднина да планира и спроведе и други слични екскурзии во земји кои, според предлозите на учесниците на оваа студиска тура, би можеле да бидат: Србија, Бугарија, Албанија, Грција, Хрватска, Словенија и Полска.
Пишува: проф. д-р Љупчо Петковски, дипл.инж.град.