Во Националниот центар за современа уметност и култура „Жорж Помпиду“ во Париз, беше поставена голема ретроспективна изложба посветена на творештвото на Франц Вест. Со речиси 200 дела, оваа уникатна ретроспектива, едноставно именувана FRANC WEST – најсеопфатна до денес – се обидува да го испита наследството на овој австриски уметник, еден од највлијателните во последните педесет години.
Австрискиот уметник Франц Вест (1947-2012) е еден од најзначајните современи уметници кои се занимавале со скулптура, но работел и на колажи и инсталации. Неговите рани дела, водени од идејата за Passstücke (адаптирање), биле скулптури кои посетителите на музеите и галериите требало да ги држат близу до своите тела (да ги моделираат) за да истите станат „комплетни“.
Вест важи за голем иноватор кога е во прашање скулптурата, која ја доживувал и развивал како своевиден метајазик.
БЕЗВРЕМЕНСКИ КВАЛИТЕТ
Како слободен и независен дух, Франц Вест бил непознат речиси дваесет години, пред неговите скулптури од раните 70-ти години да го привлечат меѓународното внимание кон крајот на 80-тите години на 20 век. Парадоксално, ова задоцнето признавање овозможило силно влијание на Франц Вест врз младите генерации од 90-тите години на минатиот век, а истовремено му помогнало на овој автор да биде ослободен од каква било генерациска категоризација и му бил даден еден вид безвременски квалитет.
Комплексниот карактер на Франц Вест – длабоко индивидуалистички и скептичен, но истовремено, континуирано ангажиран во дијалог и дискусии полни со игривост и сарказам – го довеле до развивање на уникатно дело што може да ги преземе и да ги надмине сите влијанија.
Со продукција од над шест илјади датирани дела до денес, неговата работа засекогаш ги замаглува границите помеѓу уметноста и животот во сите најобични аспекти. Покрај тоа, неговото творештво постојано „лета“ помеѓу популарната и културната уметност, помеѓу непосредната акција и контемплацијата, помеѓу индивидуалното и групното, помеѓу „природното“ и интелектуалното, помеѓу уметноста и занаетот…
Конкретно, изложбата во „Помпиду“ е уникатна прослава на творештвото на уметникот од 1972 до 2012 година. Поставката ги вклучува неговите рани цртежи, произведени помеѓу 1970 и 1973 година и ретко изложени, како и неговите први скулптури, Passstücke (Adaptives), создавани почнувајќи од 1973/74 година. Изложбата, исто така, вклучува избор на дела од papier-mâché од 80-тите години, избор на негови парчиња мебел, негови столчиња и софи, неговите Lemurenköpfe или Lemur Heads, неговите подоцнежни колажи и цртежи, шаблони за неговите отворени дела, како и избор на неговите надворешни скулптури.
На оваа изложба, Вест е препознаен како за неговиот извонреден капацитет за уметнички изум, така и за неговиот непомирлив и саркастичен пристап. Франц Вест развил оригинален стил со редефинирање на скулптурата во однос на телото, гледачот и вербалната димензија. Префигурирајќи го ѓубрето во 90-тите години, тој постојано ги превртувал идеите за грдотијата и убавината, за одбивноста и привлечноста. Повеќе од кој било друг уметник, тој го редефинирал концептот на авторот и соработката со други уметници, од визуелни уметници до музичари и писатели. Изложбата, исто така, ги открива влијателните врски помеѓу Франц Вест и филозофијата и психоанализата, односно Лудвиг Витгенштајн и Сигмунд Фројд, а исто така, и неговата страст кон музиката.
ПОЧЕТОЦИ И КАРИЕРА
Австрискиот уметник Франц Вест е роден во 1947 година. Неговиот татко бил трговец со јаглен, додека неговата мајка била стоматолот. Таа често пати го земала својот син на патувања во Италија каде што посетувала разни музеи и галерии.
Сепак, Вест почнал сериозно да ја проучува уметноста на 26-годишна возраст, кога помеѓу 1977 и 1983 година, студирал на Академијата за ликовни уметности во Виена.
Вест почнал со реализација на цртежи околу 1970 година, пред да премине на сликарски колажи кои вклучувале фотографии и илустрации од разни списанија, што било резултат од влијанието на поп-арт.
Неговата уметничка практика започнала како реакција на движењето на виенскиот акционизам, кој во тој период доживеал вистински замав.
Во текот на последните 20 години од своето творештво, тој редовно присуствувал на големите изложбени манифестации како „ДОКУМЕНТА“ и Венециското биенале, а неговите дела се претставени во најголемите музеи и галерии.
Уметничките дела на Вест обично се изработени од гипс, мека хартија, жица, полиестер, алуминиум и други обични материјали. Како што споменавме, тој почнал со цртежи и сликарство, но потоа се свртел кон колажи, скулптури, преносливи скулптури именувани Adaptives, и парчиња мебел – „заварени метални столчиња и дивани, некои минимално врежани и тапацирани со сирово платно“.
За своите рани скулптури, Вест често користел секојдневни предмети – шишиња, делови од машини, парчиња мебел и други непознати работи – и ги покривал со газа и гипс, создавајќи „избледени и валкани бели предмети“.
Во доцните 90-ти години на 20 век, Вест се свртел кон големи лакирани алуминиумски објекти, познати како форми на Adaptives. Така, првото од нив (и неколкуте потоа) биле инспирирани од формите на виенските колбаси. Со нивните монохроматски бои и неправилни површини на крпеници, овие дела биле, исто така, наменети за седење и лежење. „Не е важно како изгледа уметноста, туку како се користи“, е констација на Вест, која можеби и најдобро во целост го објаснува неговото творештво.
Музејот на уметноста во Балтимор со помош на поранешниот виш куратор на современа уметност, Дарси Александер, бил домаќин на првото „сеопфатно истражување“ во САД на уметничките дела на Франц Вест, во кое било сместено и неговото најново дело дизајнирано специјално за овој музејот – „Иго и Ид“. Делото се „состои од две конфигурации на згужвани ленти кои како петелки се издигнуваат на височина од 20 метри. Едната е светло розова, а другата е уредно насликана во блокови од зелена, жолта, сина и портокалова боја. И двете имаат тркалезни столчиња од долниот крај на петелките“.
Во 1992 година, тој ја претставувал Австрија на Биеналето во Венеција, а во 2010 година имал изложби во Музејот Лудвиг во Келн, потоа во МАДРЕ – Museo d’Arte contemporanea DonnaREgina во Неапол и во „Кунстхаус“ во Грац.
За сезоната 2009/2010 во Државната опера во Виена, Франц Вест дизајнирал голема слика (176 метри) како дел од изложбената серија „Безбедносна завеса“.
СОРАБОТКИ
За време на својата кариера, Вест соработувал со други уметници, како што се концептуалните уметници Бернхард Цела и Даглас Гордон, Херберт Брандл, Хајмо Зоберниг и Алберт Оелен, музичарот Фред Јелинек, производителот на мебел Матис Естерхази и грузиската авторка Тамуна Сирбиладзе (инаку, вдовица на Вест со која има две деца). За друга изложба во 2012 година, Вест соработувал со колегата уметник Анселм Рејл на серија мебелни скулптури.
„ADAPTIVES“
Околу 1980 година, Вест почнал да создава „гипсени објекти, обично неколку метри долги, наменети да бидат ставени преку лицето, да се носат околу половината или околу вратот. Иако сугерираат да делуваат како маски и реквизити за commedia dell’arte, нивните форми се обично двосмислени: без разлика колку можат да бидат фигуративни и сексуални објекти, тие остануваат апстрактни. Овие дела може да се носат на улица или да бидат „партнери“ во восхитен солипсиски танц. Тој/таа што танцува со нив делува истовремено и како заштитен и како заробен.
Неговиот пријател Рајнхард Приесниц ги именувал како Passstücke (адаптирање) , но Вест преферирал друг конкретен англиски термин – Adaptives.
ВЛИЈАНИЈА
Овој голем австриски уметник, добитник на Златниот лав за животно дело на 54. Биенале во Венеција во 2011 година, почина на 26-ти јули во 2012 година во Виена, на возраст од 65 години, по долги и тешки болести.
По повод неговата смрт, Фондацијата „Френк Вест“ и познатите галерии кои ги застапуваале (Gagosian, Meyer Kainer и Eva Presenhuber) истакнале во заедничкото соопштение дека светот го загубил „големиот уметник кој го промени начинот на кој луѓето гледаат на уметноста и на себе“.
И навистина, како уметник тој се одликувал со единствен тематски придонес во современата уметност, чијшто богат и силен опус повикува на согледување на уметничката продукција во однос со другите интелектуални дискурси.
Вест инспирирал и влијаел на современиците, студентите, почитувачите, а неговата сензибилност на скулптурите кулминирала со физичкото ангажирање на гледачот, кој станал дел од неговото творештво.
Единствено за неговите скулптури во музеите не важел натписот „не допирај“, односно, посетителите биле повикувани да бидат активни во однос на нив преку контакт и „комуникација“.
Изложбата во Националниот центар „ Жорж Помпиду“ во Париз траеше од 12 септември до 10 декември 2018 година.
ФОТО: ДЕЈАН БУЃЕВАЦ