Трособната вила, која се состои од три атрактивни, одвоени целини, со својата форма одлично се вклопува во нагибот на теренот и коегзистира со околината. Модерниот дизајн и современите, еколошки материјали ја прават оваа луксузна планинска куќа вистинска оаза на мирот.
На косина, во регионот Лумецане во Италија, се наоѓа впечатливата „Алпска вила“ проектирана од архитектот Камило Ботичини. Опкружена со природа, на 700 метри надморска височина, оваа пространа минималистичка вила е вистинско откровение.
Со интересен облик и дизајн, планинската вила е со површина од 360 метри квадратни и е изработена од природни материјали со фасада од оксидиран бакар и дрво.
Основата на куќата е неправилна, со три целини во облик на буквата С чија висина варира, и кои одлично се вклопуваат во околниот пејзаж. На северозапад куќата се интегрира со падината, додека кон исток висината на објектот се зголемува. Во првата целина на оваа алпска куќа сместени се три спални соби, од кои две гледаат кон внатрешниот двор што го опкружува куќата, додека третата соба гледа кон чистината.
Висината на другиот волумен на куќата, во која се наоѓа дневната соба, варира помеѓу 3,5 и 4,5 метри. Кон исток, дневната соба продолжува во трпезаријата со двојна висина. Во највисокиот дел од третата целина има кујна отворена кон дворот, додека над неа е сместена работна соба.
Главниот влез во куќата се наоѓа на југоисточната страна, наткриен со дневна просторија висока три метри. Пристапот на пешаците до куќата е овозможен преку челични скали кои се простираат долж падината, додека наткриената патека ги води автомобилите под земја, едно ниво под главниот влез.
Геотермален систем и вентилираните ѕидови со дебелина од 65 сантиметри ја штитат куќата од топлина и студ, со што се намалуваат трошоците за ладење и греевање, сведувајќи го загадувањето на животната средина на нула. „Сакавме еколошка куќа во однос на материјали и изолација, опремена со вентилирани ѕидови, одржлив дом кој е во рамнотежа со природата“, објаснува архитектот.
Ентериерот на куќата исто така е модерен, уреден во минималистички стил, со импозантни стаклени површини.