Од 19. јануари до 13. јуни 2021 година, музејот MAN Museo d’Arte Provincia di Nuoro на Сардинија е домаќин на голема антологиска изложба посветена на Lisetta Carmi (Џенова, 1924), едно од најважните имиња на италијанската фотографија по Втората светска војна.
Изложбата е дел од истражувањето на музејот MAN за односот помеѓу главните италијански фотографи и Сардинија. „Весели гласови во мракот“ е изложба, која претставува фотографии од Сардинија од 1962 до 1976 година, посветена на делото на познатата фотографка. Изложбата истражува необјавено поглавие на фотографии на Lisetta Carmi, имено нејзината работа на Сардинија, обединувајќи стотици црно-бели снимки направени при нејзините бројни посети на островот.
Изложбата претставува истражувања на авторката за животот на островот. Направени во период од петнаесетина години, моќните фотографии го потврдуваат антрополошкиот исчекор и човечката емпатија, кои секогаш биле одлика на нејзиното фотографско дело. Резултатот е портрет на многу сиромашна земја, која сè уште е поврзана со исклучиво рурална економија, архаична традиција, а напорната работа и секојдневниот живот ги обединиле мажите, жените и децата на фотографиите.
Покрај портретите и стотиците црно-бели снимки, изложени се и фотографии и слајдови во боја, посветени на урбаниот и руралниот пејзаж, кој штотуку започнал да се модернизира. Carmi била вознемирувачки аутсајдер во буржоаска Италија во 60-тите и 70-тите години на минатиот век. Таа го критикува тогашното општество токму со реалистичен пристап кон светот и луѓето на маргините на општеството и го документира и пристаништето во Џенова и напорната работа на пристанишните работници.