Пропадна и третиот тендер за градење на земјиштето на касарната „Илинден“ каде што беше предвидена елитна населба, соопшти Стевче Јакимовски, градоначалникот на општина Карпош. Тој смета дека нема интерес за купување на ова земјиште поради високата цена, која е 6.000 денари за квадратен метар.
На третиот оглас кој го распиша општина Карпош за продажба на земјиштето за изградба на станбени згради, куќи, комерцијални и деловни објекти, интерес не пројавил ниту еден инвеститор.
– Побарав од Министерството за транспорт и врски да се намали почетната цена, но добивме негативен одговор. Што ќе правиме понатаму, не знам, џабе да распишуваме тендер, кога никој нема интерес да купи ниту една парцела, – вели Јакимовски.
Според деталниот урбанистички план, просторот на касарната „Илинден“ е поделен на седум блокови и зафаќа површина од 95 хектари. Предвидено е станбените згради да бидат високи до 80 метри, односно до 21 кат, додека комерцијално-деловните објекти би имале меѓу 9 и 21 кат. Во новата населба има предвидено маркички за семејни куќи, градинки, училишта, за факултет, болници, како и три маркички за амбасади.