Иднината на вештачката интелигенција и она што таа претставува за архитектонската професија и општеството генерално се повеќе се дискутира низ светот.
Исто така, Кралскиот институт на британски архитекти (RIBA) го објави својот извештај пред една недела во кој детално се опишани резултатите од истражувањето на над 500 членови за вештачката интелигенција и нејзината важност за праксата и професијата, со стручни написи кои покриваат некои од клучните прашања што AI ги поставува.
Според извештајот, 41 отсто од архитектите веќе користат вештачка интелигенција, барем на повремени проекти, а од тој број, 43 отсто веруваат дека AI го направила нивниот процес на проектирање поефикасен.
Од RIBA ги претставија резултатите од истражувањето во кое се поставени прашања како архитектите користат вештачка интелигенција и дали и како планираат да ја користат во иднина.
Според извештајот, во следните две години, 54 отсто од архитектите во Обединетото Кралство очекуваат дека нивната пракса ќе користи AI, а 57 отсто веруваат дека AI ќе ја подобри ефикасноста во процесот на проектирање.
Меѓутоа, оваа амбиција сè уште не е во склад со вложувањата, бидејќи 69 отсто од испитаниците велат дека нивната пракса не инвестирала во истражување и развој на AI, а само 41 отсто очекуваат нивната пракса да започне да инвестира.
Дали AI е закана за професијата?
Со оглед на тоа што се предвидува дека 70 отсто од светското население ќе живее во градови до 2050 година, AI има огромен потенцијал кога станува збор за одржлива урбанизација.
Како што се наведува, 57 осто од архитектите очекуваат да користат AI за спроведување анализи за еколошка одржливост во следните две години, а 49 отсто сметаат дека дигиталните алатки како што е AI се подобри и неопходни за справување со зголемената сложеност на градбите, што вклучува и прилагодување на климата и паметните технологии на градење.
Сепак, постојат и предизвици. Дури 58 отсто од архитектите мислат дека вештачката интелигенција го зголемува ризикот нивната работа да биде имитирана, а некои се загрижени дека нивните работни места ќе бидат преземени. Ова мислење е доста поделено, па 36 отсто од архитектите сметаат дека AI е закана за професијата, 34 отсто не гледаат на тој начин, додека 30 отсто се неутрални.
Во извештајот на RIBA, исто така, споделени се и неколку коментари од анкетирани архитекти на оваа тема, истакнувајќи го јазот во мислењето, при што едни расправаат за ефикасноста и соработката, додека други зборуваат за етиката и кршењето на авторските права.
- „AI ќе стане неизбежен дел на нашата се поголема потреба да работиме ефикасно, истовремено помагајќи ни да се справиме со се поголемите комплексности на проектирањето и изградбата“.
- „Користиме AI за да обезбедиме код за автоматизирање на различни аспекти на проектот, управувањето со документи, но се уште во ограничен обем“.
- „Користиме виртуелни опкружувања и дигитални близнаци за да постигнеме радикално намалувања на јаглеродниот, енергетскиот, водниот и отпадниот отисок на скапите физички конструкции.
- „Искористете ја, научете ја, обликувајте ја и користете ја. Таа доаѓа, и бидете на бранот, наместо зад него. Тоа е само уште една алатка за користење за да генерираме подобра архитектура. Не одзема од визијата на проектот, туку помага“.
- „Не постојат стварни прописи и етичките ризици се многу значајни, од интелектуалната сопственост, проектантската креативност, вработувањето и потенцијалните ризици за изградената средина“.
Прифаќање на потенцијалот на AI во целост
Претседателот на RIBA, Muyiwa Oki, за Designboom го истакнува значајното влијание на AI за архитектурата, нарекувајќи ја „најразорната алатка на нашето време“.
Со други зборови, архитектите целосно го прифаќаат потенцијалот на AI како би ги обликувале градовите и унапредиле изградената средина.
Со оглед на тоа, институцијата формираше Експертска советодавна група за AI за следење на етичките, професионалните и конкурентските импликации од широката интеграција на вештачката интелигенција.
Oki смета дека соработката и одговорното иновирање се клучни за искористување на моќта на AI, како би се создала поинклузивна, поотпорна и одржлива иднина во архитектурата.
Извештајот на RIBA можете да го симнете тука.