Коментар/осврт по прилогот на веб порталот „Порта 3“ – „И ова е Скопје – дали МНТ е одржлив објект“
Во прилогот објавен на 02.12.2022 „И ова е Скопје – дали МНТ е одржлив објект“ воведниот текст со поставените прашања за несреќно избрана локација, лош проект и изведба се повод и провокација, за моја реакција.
Нема објект генерално што не е одржлив, истото важи и за МНТ, а како битни фактори за одржливоста на секој објект би ги издвоил:
– КВАЛИТЕТНО ТЕХНИЧКО ПОКРИВАЊЕ
– НАВРЕМЕНА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА
Но за континуираниот квалитет, добрата искористеност и одржливост на секој објект, па и на „МНТ“ потребни се повеќе чинители при секојдневната негова експлоатација. Еден од нив е имањето на квалитетен тим / служба за одржување на објектот кои во рамките на своите технички можности најбрзо и ефикасно ќе ги отстрануваат појавените технички проблеми и недостатоци.
Пример од клиниката „Жан Митрев“. Вакво ефикасно и организирано одржување функционира во оваа клиника. Службата која комплетно го обезбедува секојдневно објектот, покрај примарната задача, обезбедување, имаше и обврска да реагира веднаш на сите воочени дефекти. Помалите дефекти во рамките на нивните технички можности, знаење и опременост ги отстрануваа во најкраток можен рок, веднаш. За поголемите воочени дефекти, каде не беа во можност да направат интервенција, ги информираа надлежните и најитно се бараа стручни лица или екипи од областа на појавениот дефект. Дефектите се решаваа и отстрануваа веднаш, без да направат понтамошни поголеми оштетувања, како и поголеми финансиски одливи (случајот со МНТ).
Но, за разлика од клиниката „Жан Митрев“ кај скоро сите јавни објекти евидентен е недостатокот од квалитетни технички лица или екипи во делот на одржувањето на објектите, како и слабата и ненавремена финансиска поддршка.
Пример од објектите во Студентскиот дом „Стив Наумов“. Овој познат за јавноста објект во населба Автокоманда е под управување од МОН. По извршената комплетна реконструкција и адаптација на една од зградите, со извршен технички прием на изведените работи беше пуштена во употреба. За неполни 2 години објектот беше повеќе од 30% руиниран, оштетен особено внатрешниот простор. Голем удел во оштетувањата имаа корисниците на објектот со нивното неодговорно и вандалско однесување, но и голем дел од одговорноста сносат и лицата чија задача беше одржување на објектот.
Од наведените примери може да се констатираат две работи:
– начинот на водење и одржување на објект кој е во приватна сопственост и
– начинот и одржувањето на објект кој е во сопственост на државата.
Сега еден осврт во делот од текстот за „несреќно избраната локација“, „лош проект“ и „лоша изведба“.
Несреќно избрана локација
Наведеното во текстот за „несреќно избраната локација“ во принцип, а и од урбанистички аспект не држи. На оваа локација пред земјотресот постоеше театар генерално во истите габарити, познат како „Стариот театар“. Репрезентативен објект посебно во својот ентериер, а што е најважно долги години експлоатиран и одржлив, се до скопскиот земјотрес. Од урбанистички аспект ново стариот театар е застапен со маркица во сите стари и нови ГУП-ови.
Лош проект
Констатацијата „лош проект“ што тоа значи? Кој е критериумот дали проектот е лош или добар? Ако е лош, што е тоа што го прави да биде лош, надворешниот изглед или ентериерните решенија? Надворешниот изглед генерално е како изгледот на „Стариот театар“ со нешто зголемен габарит и нормално со дополнителни архитектонски и декоративни елементи. Пристапот и влезот во „Новиот театар“ архитектонски е подоминантен, посвечен, со влез на спротивната страна од влезот во „Стариот театар“. Внатрешното уредување и декорирање на просторот, ентериерот, е поставка која најчесто се гледа кај многу светски реномирани театри, а и ентериерот на „Стариот театар“ беше декориран во таков стил.
Лоша изведба
Ова можеби е најмногу за коментирање. Проектната документација сигурно ги поминала, редоследно, сите фази, постапки, одобренија како и ревизија од стручни лица по сите фази кои се потребни еден објект да функционира и експлоатира со што помалку недостатоци и проблеми.
Постапката за избор на изведувач, како главен носител на работите и неговите соработници по фази на изведба, сигурно е со запазена законска процедура „Јавна набавка“, со вградена аномалија која се вика „најниска изведбена цена“.
Овој единствен и основен критериум не овозможува избор на квалитетен, реномиран и докажан изведувач со меѓународно реноме. Со таа постапка се дисквалификуваат многу квалитетни изведувачи кои во своите структури имаат врвни стручни лица. Изборот на изведувач по основ „најниска изведбена цена“, градбите ги прави поскапи поради појава на многу дополнителни работи.
Изборот и вградените материјали се набавуваат со пониски цени и аналогно на тоа и со полош квалитет. Целото ова предизвикува каснење и пролонгирање на предвидените изведбени рокови за градење со уште многу други аномалии кои објектите ги носат во ваквата состојба, како што е и објектот на МНТ.
Останато
Сите прикажани пројавени недостатоци и настанати проблеми, презентирани преку приложените фотографии, во најголем дел се од областа „градежна физика“, дел од хидроизолации, како и од партерното решение за прифаќање на атмосферските води.
Ова се недостатоци кои сите знаеме дека се решаваат.
Потребно е ангажирање на стручни докажани имиња и фирми, кои се носечки во областите од „градежна физика“, во деловите хидроизолации и изведба на дренажни системи за прифаќање на атмосферските води. Сепак мора да се напомене за недостатокот од стручни лица кои се занимаваат со проблемите кои ги обработува „градежната физика“, а и тие неколку што ги има, ако ги има, проектантските фирми и изведувачите, многу малку или воопшто не ги консултираат и користат.
Денес генерално се оди на универзални, стандардни постапки и решенија (папагалски), без разлика што секој еден објект е специфика за себе и потребен е адекватен наменски технички пристап во изборот на решенијата.
Без адекватна анализа, енергетска пресметка и примена на материјали кои одговараат на потребите за конкретен објект, се гледа при секојдневна експлоатација на објектите:
– лоша звучна изолација
– лоша, без пресметки изведена термичка изолација
– занемарување на дифузните процеси
– избор на лоши и неадекватни хидроизолациони решенија.
Запазувањето на сите овие елементи од „градежната физика“ го прават секојдневното користење на објектите, пријатно и удобно.
Се ова е познато, но сепак, насловот и фотографиите како повод за овој текст, отвараат многу теми, елаборации размислувања, ангажираност и делување како не би ги гледале овие оштетувања што ги има овој објект но за жал и многу други објекти.
Автор: Дончо КАРАТУКОВ, дипл.инж.арх.