Насловна / Вести / Неконтролираното „враќање дома“ на кинеската ракета

Неконтролираното „враќање дома“ на кинеската ракета

Изминатиов месец глобалната јавност беше вознемирана од сознанието дека остатоци од кинеска ракета се враќаат кон нашата атмосфера без контрола и дека соодветно на тоа не може да се процени местото каде остатоците од ракетата ќе се срушат. Секако, најсреќната околност беше тоа да се случи во океанот, но шансите тоа да биде во населена област и да предизвика жртви беа многу веројатни. Во најкритичните десетина дена пред падот на ракетата, многумина се обидуваа да направат што попрецизна проценка за можната локација. Ваков неконтролиран пад на една употребена ракета не се случува за прв пат, но станува збор за прв објект со голема маса (над 20 тони) кој неконтролирано паднал после 20 години. Пентагон ја следеше ракетата една седмица, но официјално соопшти дека е тешко да се предвиди каде ќе падне огромното парче метал. Aerospace.org исто така го следеше падот на ракетата и ден пред нејзиното рушење предвиде декa тоа ќе се случи во Тихиот Океан.   Спорната ракета го овозможи лансирањето на Tianhe, главниот модул за амбициозниот проект на Кина – нова вселенска станица на идната генерација. Ова лансирање беше реализирано на 28 април 2021. Комплетирањето на новата вселенска станица се очекува до крајот на 2022 година, и ќе овозможи сериозен придонес во кинеската наука во следната деценија. Тоа ќе биде второто од единствените две места во вселената (покрај Меѓународната вселенска станица) со човечки екипаж.

_118413752_chinese_rocket_640-nc

После повеќедневната драма, остатоците од ракетата Long March 5B тешка 23 тони се срушија ноќта на 8 мај во океанот северно од Малдивите, по што започна широка дебата во врска со вселенскиот отпад во орбитата на Земјата и почитувањето на принципите за одржливост на вселенските мисии. Но, како изгледаше оваа глобална опасност пред да се сруши? Gianluca Masi од Италија, успеал да ја слика ракетата и да ја сподели преку неговиот веб-сајт Virtual Telescope Project 2.0. Во времето кога е сликана „ракетата беше на околу 700 километри оддалечена од нашиот телескоп, додека Сонцето беше само неколку степени под хоризонтот, па небото беше исклучително бистро“, пишува Masi.

57442806_7

„Ова е огромно парче отпад – 22 тони, 30 метри долго и 5 метри широко, но малку е веројатно дека може да направи сериозна штета“ додал Masi. Многумина ја обвинија Кина дека е единствената земја која сè уште се осмелува да извршува неконтролирано спуштање на вселенските ракети. И сосема со право, бидејќи ваква закана, а за жал и катастрофа предизвикана од истите причини, не е без преседан. Во 2018 година, сличен настан предизвика загриженост. Имено, тоагаш кинескиот Tiangong-1  со маса од 8 тони, исто така неконтролирано влезе во атмосферата и се урна во близина на Тахити. За среќа никој не е повреден при оваа несреќа, а вселенскиот отпад делумно изгорел во атмосферата, а делумно „се населил“ во јужниот Пацифик. Минатата година истото се случи со малку поинаква ракета од ист тип – Long March 5B, која падна неконтролирано во Атланскиот Океан, во близина на западниот африкански брег. Некои големи парчиња од овој отпад се срушиле на копно на Брегот на Слоновата Коска, но повторно за среќа немаше повредени. Досега во историјата, само три вселенски објекти потешки од оној во последниов инцидент (потешки од 23 тона), се срушиле неконтролирано на Земјата. Станува збор за вселенската станица Skylab со маса од 83 тони, која се урнала над Австралија во јули, 1979, потоа 50-тонскиот горен сегмент од ракетата Saturn V, која всушност и ја лансирала вселенската станица Skylab, и која се срушила над Атланскиот Океан западно од Мадера во јануари 1975, и остатоците од советската  Salyut 7 вселенска станица и составниот модул Kosmos-1686, кои заедно тежеле околу 43 тони. Последниов „проектил“ се срушил над Аргентина во февруари 1991. Но, оттогаш се минати многу години, а напредокот на технологијата веќе го има поставено како стандард контролираното враќање на ракетите преку механизми вградени во самиот дизајн.

China-rocket-debris

Кина е релативно нов играч во вселенската трка, но остварува сериозен напредок. Дека Кина мора да работи посериозно на безбедноста на својата вселенска програма, особено во однос на инкорпорирањето на споменатиот елемент на безбедноста во дизајнот на ракетите е повеќе од јасно и нужно, доколку се има предвид дека нејзините ракети од типот Long March 5B се познати како heavy lift односно ракети за подигање исклучително големи товари. Тие вообичаено се користат кога е потребно да се транспортираат во вселената тешки модули и други компоненти при градба на вселенски станици. Такви ракети се и американските Falcon 9 и Atlas 5, како и француската Ariane 5.

chinese-rocket-falling-to-earth-02

Секогаш кога вселенските агенции лансираат големи ракети, вообичаено тие не стигнуваат во орбитата, односно истите се специјално дизајнирани да паднат во океанот. Ракетите и сателитите имаат вградени механизми со помош на кои намерно се исфрлаат од орбитата и безбедно се наведуваат назад кон Земјата. Најголем дел од нив, намерно се насочуваат кон т.н. „гробишта за вселенски летала“ – голема ненаселена област на Тихиот Океан. Оваа локација е најоддалечена од кое било копно на планетата. Во конкретниов случај, ракетата која го носела модулот Tianhe стигнала во орбитата, но веднаш по исклучувањето на моторите, таа е „уловена“ од гравитацијата на Земјата. Секоја ротација околу Земјата ја носи поблиску до точката каде влегува во атмосферата и паѓа со голема брзина, а притоа во значителен дел се троши и согорува. Но, како и да е, генерирањето на вселенскиот отпад е сериозен и веќе долгогодишен проблем. Вселенскиот отпад во вид на употребени ракети, нефункционални сателити, разни метални остатоци од инструменти и метални олупини може да останат во орбитата со години. Речиси 300 сателити се присутни и оперираат во вселената, но најмалку три пати повеќе има нефункционални сателити или типичен вселенски отпад. „Како што лансираме сè поголем број сателити во вселената, проблемот со вселенскиот отпад сè повеќе се влошува“, вели Џејмс Блејк докторанд во областа на вселенски отпад на University of Warwick. Но, ривалството во вселенската трка и воопшто во областа на технолошкиот и економски прогрес меѓу големите сили веќе неодминливо станува и закана за општата безбедност.

image

Поинаку не може да се протолкува изјавата на американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, кој на 6-ти април рече дека „САД немаат план да ја соборат ракетата“  изразувајќи надеж дека „таа веројатно ќе падне во област каде нема никому да му наштети“. Многумина ова го толкуваат како ликување на САД над ситуацијата, бидејќи во случај на евентуални жртви и штети би било многу ефектно да се обвини Кина и нејзината неспособност и негрижа. Зошто би интервенирале, кога би можеле добро да профитираме од оваа ситуација? Сурово, но за жал вистинито. После за среќа „безбедното“ враќање на ракетата, администраторот на НАСА Бил Нелсон се обрати преку писмена изјава критички настроена кон Кина. „Државите кои развиваат своја вселенска програма мора да ги минимизираат ризиците по луѓето и по имотите на Земјата, при враќањето на вселенските објекти и да ја максимизираат транспарентноста во врска со овие операции“. „Јасно е дека Кина потфрли во исполнувањето на стандардите во однос на својот вселенски отпад“, се заклучува во изјавата. Од друга страна пак, Кина уште еднаш се коцкаше на статистичкиот факт дека рушењето над водена површина е најверојатниот исход, и излезе како победник. Единствено за ракетите со помала тежина е извесно дека ќе согорат во атмосферата при нивното враќање на Земјата. Но секако, користењето тешки ракети и неконтролираното нивно враќање е неодржливо. Доколку безбедноста не биде првиот приоритет, нема да знаеме што може да ни донесе небото. И тоа во најбуквалната смисла на овој израз.

largest_objects-DMID1-5qsjg8cq9-1280x724

maxresdefault

RB-COMP-CHINA-ISS-GRAPHIC

 

Испрати коментар

Scroll To Top